Кон концертот на Билјана Јосифов – сопран и Иван Еминовиќ – пијано Свечено отворање на шеснаесеттото издание на Фестивалот „Златна лира“ 2022

Фестивалот на музичките уметници на Македонија „Златна лира“, секоја година во месец октомври претставува централен настан во Скопје во сферата на камерната музика. И годинава, по шеснаесетти пат, во Музејот на македонската борба, „Златна лира“ ја отвори претседателот на Сојузот на музичките уметници, нашиот реномиран виолинист Љубиша Кировски најавувајќи богата програма од девет концертни вечери на која ќе се претстават тринаесет македонски музички уметници и едно гостување со дуо од Србија.

 „Златна лира“ – 2022 започна со концертот на сопранистката Билјана Јосифов, во пијано придружба на Иван Еминовиќ. Двајцата млади, но веќе афирмирани уметници се членови на Националната Опера и Балет од Скопје и успешно градат кариери на таа сцена, Билјана Јосифов како солистка во Операта, а Иван Еминовиќ како диригент. Програмскиот концепт сочинет од рецитативи и арии од најпознатите опери на Моцарт, го забележавме како полетен настан, достоен за годинешново свечено отворање на фестивалот, што донесе драма и театар на камерната сцена, а воедно и несекојдневна прилика, публиката да ужива во уникатната убавина на колоратурен сопран. Колажот составен од познати фрагменти од оперите „Свадбата на Фигаро“, „Така прават сите“, „Бастиен и Бастиена“, „Дон Џовани“, „Идоменео“ и „Грабнување од Сарајот“ беше одлична можност да се потсетиме на ненадминливата инвенција на Моцартовиот уметнички лик, отсликан преку вокалното творештво како врв на неговата раскошна генијалност. А идејата да се пренесат оперските арии надвор од театарскиот амбиент и декор во камерната сала на музејот, без оркестарска подлога и при тоа да се долови духот и драматичноста на операта е предизвик доволен сам за себе, за кој дуото Јосифов – Еминовиќ покажаа висок степен подготвеност.

Вовед во концертот беа три арии од операта „Свадбата на Фигаро“ во кои Билјана Јосифов ни ги претстави главните женски ликови, грофицата Росина со ариите „Vado, ma dove? O dei“ и „E Susanna non vien!...Dove sono“ и слугинката Сузана во „Un motto do gioia mi sento“. Кокетна и заводлива во улогата на Сузана и емотивна како Росина, Билјана Јосифов веднаш се наметнува како певица со изразито сугестивен настап. Таа привлекува внимание и со одлично совладаните  технички елементи на изведбата, но и со артистичен набој што несебично го покажува на сцената. Без оглед дали ја прикажува чувствителната арија „Per pieta ben mio perdona“ на Фјордилиџи од вториот чин во „Така прават сите“, танцувалните зингшпил мелодии на Бастиена од операта „Бастиен и Бастиена“ што Моцарт ја напишал на само дванаесет години, аријата на Дона Ана „Non mi dir“ од вториот чин од операта „Дон Џовани“, експресивната „Padre, germani, addio“ на Илиа од „Идоменео“, или пак моќната арија на Констанца „Martern aller Arten“ од „Грабнување од сарајот“ Билјана Јосифов во впечатлив актерски манир го доловува сенсот на ликовите и е доволно уверлива во сите улоги. Се разбира, певици со допадлив темперамент и харизматичност што Билјана Јосифов несомнено ги поседува, на прв поглед освојуваат токму со својата сценичност и драматика во изразот. Но она што е во основа на заокружениот сценски настап е нејзиниот природно моќен глас, грижливо надграден со одлична вокална техника. На овој концерт таа ги претстави сите специфики, својствени за богатата стилистика на Моцарт. Со подеднаква леснотија Билјана Јосифов изведува брзи гласовни трилери, тремола и мелизми на еден вокал, стакато, чисти нагорни и надолни пасажи, одмерени вибрата, сложени репетиции во високиот регистар (типични за класичниот стил на Моцарт), едноставно, креира одлична виртуозна колоратура. Сопранските делници Моцарт ги третира инструментално и тоа воопшто не е лесна задача, а солистката на вечерта ја исполни со нагласена концентрација и интонациска прецизност. Освен тоа, во рецитативите „E Susanna non vien!“, „Ei parte, senti“, „Crudele…“ со јасна дикција и богато, подвижно „ариозо“ ја потенцираше содржинската подлога во текстот, што впрочем е и основната цел на оперскиот рецитатив. Некои минимални склизнувања и попуштање на гласот во аријата „Non mi dir“ (веројатно поради пренагласеното настојување да се внесе емоција во изразот) останаа во сенка на музикално обликуваната интерпретација на ариите. Билјана Јосифов со подеднаква вештина и усет ги пее делниците во sotto voce, а осбено плени во моќните градации од суптилно pianissimo до силно forte, со што го покажува сиот колорит на нејзиниот глас. Познатите Моцартови кантилени со леснотија ги води во легато артикулација, а со допадлива скерцозност одлично ги исполнува и секциите во стакато со што целосно ја одразува имагинацијата на неговиот уникатен творечки стил и обележјата на „опера сериа“ и „опера буфа“.

Во однос на настапот на Иван Еминовиќ ќе забележиме дека тој клавирската придружба ја постави од позиција на добар диригент кој внимателно, со добар ритмичен пулс го следи вокалниот здив на сопранистката со сета агогичка слобода што таа ја создава при пеењето. Извесната техничка несигурност во дел од брзите пасажи во ариите и пренагласениот педал во аријата „Vado me dove“ (во кои веројатно подобро би се снашол поискусен професионален пијанист) Еминовиќ сепак ги надвладеа покажувајќи изразит музикалитет при дозирањето на клавирската динамика во однос на јачината на вокалот.

Настапот на оперското дуо Јосифов – Еминовиќ го одбележуваме како одличен почеток на годинешново издание на „Златна лира“ – 2022. Младата уметница Билјана Јосифов, несомнено веќе е една од водечките сопранистки на нашата оперска сцена. Грациозна, а во исто време енергична, со сигурност ја освојува сцената и од неа веруваме ќе следат уште многу оперски ролји и концертни остварувања.
 
Викица Костоска Пенева

Фотографии: Панда Зографска Беличанец

 

Галерија