Кон концертот на пијанистката Кристина Светиева на фестивалот „Златна лира“ 2022

Следејќи ја уметничката кариера на нашата позната пијанистка Кристина Светиева, она што се наметнува како согледување е еден грижливо воден музички развоен пат, (квалитетна и сеопфатана едукација подоцна насочена во успешна педагошка дејност со низа одлични млади пијанисти – следбеници)  концертна активност во полето на солистичкото и камерното музицирање и бројни настапи со симфониски оркестри, дома и во светот. Појавата на Кристина Светиева на македонската пијанистичка сцена е забележана уште од нејзиното најрано детство. Таа како посебно надарена млада уметница  низ годините што следеа оствари бројни настапи, меѓу кои ќе се потсетиме на изведбата на Концертот за пијано и удиралки од американскиот композитор Лин Фриман Олсон со Македонската филхармонија во 1992 година. Токму овој редок концерт на седумгодишна возраст Кристина Светиева го обележува како почеток на нејзината концертна кариера, па така настапот на годинешново издание на фестивалот „Златна лира“ претставува личен јубилеј – 30 години на сцена.

Во камерниот амбиент на Музејот на македонската борба, Кристина Светиева настапи на втората фестивалска вечер на „Златна лира“ – 2022. За изборот на програмата, би рекле дека насловот на рециталот „Музичка импресија“ и вечерта посветена на  одбележувањето 160 години од раѓањето на Клод Дебиси, во потполност соодветствува со нејзиниот децентен и префинет сензибилитет. Интимниот свет во музиката на Клод Дебиси ја добива потребната димензија токму преку суптилен творечки израз каков што поседува Кристина Светиева. Освен тоа, концерт посветен на еден автор, е добар начин во целост да се доживее енергијата и стилот на одбраното творештво.

Иако неброено пати изведени и слушнати, навраќањето кон познатите „Прелудиуми“ и „Слики“, особено во инспиративна интерпретација, секогаш претставува полно уметничко доживување за познавачите и љубителите на  францускиот импресионист. Зашто музиката за пијано на Клод Дебиси претставува магичен спој на автентична хармонија и структура пренесени преку фактура создадена од врвен познавач на пијанистичката техника. А со интерпретацијата на дванаесетте прелудиуми од првата книга и трите пиеси од вториот дел на „Сликите“ (Images) пијанистката Кристина Светиева најнапред ненаметливо, а потоа со полн интензитет нè пренесе во фантастичниот свет на импресионизмот.

Музичкиот јазик на Кристина Светиева во себе обединува висок степен на пијанистичка умешност и педантна техника. Таа е уметник кој има интелектуален пристап кон партитурата и настојува со филозофска длабочина да проникне во сите слоеви на музичкото ткиво, без било какви надворешни сензации во изведбата. Дотолку повеќе тој начин на интерпретација овозможува слушателот целосно да се сконцентрира исклучиво на музиката. Тоа настојување го илустрираше веќе со првите сонорни акорди во „Танцувачките од Делфи“ од „Прелудиумите“, за потоа да нè поведе на една креативна „изложба“ каде што на свој начин ни ги претстави спецификите на „музичките слики“ од Клод Дебиси:  буен виртуозитет во „Ветерот во рамнината“ и „Западниот ветер“, скерцозност во „Танцот на Пук“, „Прекинатата серенада“ и „Минстрелите“, одмерено рубато и суптилно водење на познатата мелодија во „Девојката со ленена коса“ во „легатисимо“ артикулација. Во сите пиеси и во „Прелудиумите и во „Сликите“ пијанистката со особено внимание креира префинета агогика и има одмерено чувство за водење на скриените полифони линии. Посебно ќе ја издвоиме нејзината вештина да се потенцира „звучното боење“ со помош на деликатна педализација, толку битна кај Дебиси. Неодминливо треба да потенцираме и дека стилистиката на Дебиси насочува директни програмски алузии кон слики и расположенија. Во тој поглед Светиева мошне колоритно и богато ги донесе познатата „Потоната катедрала“ и блескавите „Златни рипки“ од „Сликите“. Публиката во полната сала на музејот можеше да слушне ехо на ѕвона од некоја скриена водена длабочина и да го “види“ отсјсјот од рзиграните телата на рипките.

Настапот на Кристина Светиева на фестивалот „Златна Лира“ го восприемаме како еден интимен и поетичен уметнички чин кадешто слушнавме толкување на уметноста на Дебиси во склад со нејзиниот личен истенчен вкус. Концертно остварување со ваков сензибилитет може да допре само до попрефинет и одбран слушателски аудиториум.
 
 
Викица Костоска Пенева
Фотографии: Панда Зографска Беличанец

 

Галерија