Енергичен концерт за саксофон и пијано

Кон концертот на Нинослав Димов - саксофон и Маја Поповиќ Караиванова - пијано на „Златна лира“ - 2022
 
Саксофонистот Нинослав Димов и пијанистката Маја Поповиќ Караиванова се камерно дуо што со своите успешни настапи се добро познати на домашната музичка сцена. Нивните концертни остварувања секогаш се мошне атрактивни како за професионална музичка публика, така и за поширок слушателски аудиториум, бидејќи репертоарот што го изведуваат опфаќа широк спектар дела со различни стилски и жанровски специфики. Така беше и на настапот во Музејот на македонската борба, на фестивалот „Златна лира“-2022, кадешто дуото се претстави со одличен избор композиции од Санкан, Цанев, Шуман, Свертс и Пјацола.

Она што се забележува во прв план на концертот на Нинослав Димов и Маја Поповиќ е дека станува збор за изразито складно дуо што низ долгогодишно заедничко музицирање има постигнато фин баланс во сите аспекти на изведбата. Нивните улоги се така поставени што извесна доминација на саксофонот е евидентна во текот на целиот концерт (првенствено заради сензибилитетот на Димов, а секако и заради природно волуминозниот звук на неговиот инструмент) што ни малку не ја намалува улогата на пијанистичката делница на Поповиќ, напротив, тие заедно обликуваат звучна претстава што укажува на едно потполно меѓусебно музичко разбирање.

Програмата и изведбата на избраните дела за концертот на „Златна лира“ беа интензивни, модерни и полни со енергија. Концертот започна со „Lamento et Rondo“ – извонредна композиција од францускиот композитор и пијанист Пјер Санкан во која овој мошне оригинален автор, линиите на саксофонот и пијаното ги третира со подеднаква жестина и пред изведувачите поставува сложени технички предизвици. Во двата контрастни ставови, уметниците ги доловија сите расположенија. Во „Тажачката“ саксофонистот покажа одлично мајсторство при обликувањето на  долгите фрази во legato, додека во живото Рондо и двајцата уметници го постигнаа карактеристичниот скерцозен карактер преку брзите пасажи во саксофонот и ефектната токатна фактура во пијаното (едно од стилските обележја на Санкан е точно скерцозноста и токатната техника, како во композициите за пијано Токата и „Mouvement“, но и во познатата Сонатина за флејта и пијано).  При динамичните промени на нерамноделните тактови, особено дојде до израз и нивната ритмичка прецизност и поврзаност.

Следуваше „Сонатата ин Ес“ – оригинално напишана за кларинет и пијано во 1972 година, од реномираниот македонски композитор Благој Цанев, инаку едно од најпознатите и најизведувани дела на авторот во кое е особено забележлива неговата творечка инвенција и талент. Композицијата ја слушнавме во адаптација за саксофон од солистот Нинослав Димов. Трите ставови претставуваа демонстрација на техничката подготвеност на Димов и Поповиќ, мелодиските скокови, арпежи, акорди и орнаменти во сродните прв и трет став звучеа компактно и сигурно, а во вториот Sostenuto, свиреа соодветно воздржано и прибрано, со минималистичка експресија.

Шумановите „Три романси“ оп. 94 пак во познатиот романтичарски манир на авторот, беа добар контрапункт наспроти останатите поостри пиеси на концертот во „боите“ на дваесеттиот век. Тука ќе издвоиме дека саксофонистот Нинослав Димов, во извесна мера, Шуман го интерпретира на нему својствен начин, со појак, на моменти погруб тон адекватен за другите дела од програмата кои нему како уметнички сензибилитет и вкус повеќе му прилегаат, додека пијанистката Маја Поповиќ покажа изразито чувство за карактерот, деликатното обликување на меката мелодика и полифоните структури кај Шуман. Сепак тоа дело е изворно напишано за обоа и пијано па бојата на саксофонот му носи сосема друга визура. Но како важна страна во интерпретацијата на Романсите, не треба да се изостави она заедничко дишење и кохерентна агогика што на публиката и приреди уживање во шармантниот, наивен романтизам на Роберт Шуман.

Во продолжение ја слушнавме композицијата „Klonos“ за алт саксофон и пијано од современиот белгиски композитор Пиет Свертс, што според својата бујна и енергична експресија, ама и во сугестивната интерпретација на дуото, несомнено беше врвна точка на концертот. За оваа „огнена“ пиеса напишана во 1993 година, ќе потенцираме дека заради интерпретациско-техничката комплексност се свири како задолжителна композиција на меѓународни натпревари за саксофон. Тоа е троделна форма во стилот на фантазија, со еден поумерен, сепак интензивен среден дел и „дива“ виртуозна реприза. Ритамот е своевидна „лудорија“ од постојано движење полно со непредвидливи акценти и синкопи, што се „бркаат“ меѓу саксофонот и клавирот. Нинослав Димов го поседува токму тој неопходен џезерски сенс, сите импровизаторски рифови во саксофонот да ги пренесе низ потребната бравура, а со придружбата на Маја Поповиќ, која во чекор го следи, ја слушнавме оваа композиција доволно моќно и возбудливо.  

Концертот беше заокружен со две Танго-Етиди од Астор Пјацола, омилен автор на новите генерации уметници. Тоа беа две креации, медитативна и енергична во која саксофонистот и пијанистката уште еднаш нè уверија дека џезот, толку отворено изразен кај Пјацола им е особено близок, тие со задоволство го интерпретираат, нескриено покажувајќи го својот музикалитет.

Во однос на уметничката интерпретација, посебно е важно да се истакне дека дуото Нинослав Димов – Маја Поповиќ со голема умешност и постапност ги гради динамичките градации во делата. Со тоа постигнуваат соодветен ефект на тонска кулминација, а на тој начин ја потврдуваат формотворната димензија на динамичката компонента, и секако делата ги слушаме во полн сјај. Очигледно е дека дуото посветува особено внимание токму на овој аспект од изведбата, а на концертот на „Златна лира“ звучните климакси ги слушнавме во „Ламенто“ од Санкан, во Алегрото од третиот став кај Цанев и посебно во „Клонос“ од  Сверт.

Дуото Нинослав Димов и Маја Поповиќ се уметници кои драматичноста на изведбата лесно ја пренесуваат кон публиката.

Викица Костоска Пенева
Фотографии: Панда Зографска Беличанец

 

Галерија