Свечено затворање на фестивалот „Златна лира“ – 2023 со виртуозен концерт на камерното дуо Даниел Апостолов – фагот и Дарко Мариновски – пијано

Фестивалот “Златна лира“ претставува најзначаен фестивалски проект во организација на Сојузот на музичките уметници на Македонија, што секоја година се одржува во втората половина на месец октомври во Скопје. На годинешниов фестивал проследивме девет занимливи рецитали со разнолика стилско-естетска содржина и квалитет во изведбата. Досегашните седумнаесет години континуитет, ја дефинираат „Златна лира“ како отворен подиум за сите членови на здружението СМУМ, а тие самостојно ги креираат идејните концепти за своите концертни остварувања.

Последната вечер, организаторите на фестивалот, под водство на претседателот на СМУМ, истакнатиот македонски виолинист Љубиша Кировски, покрај концертот, како и секоја година ја посветија и на доделување на високото признание, наградата „Златна лира“. Во свечена атмосфера и со присуство на многу музички уметници и публика што ја исполни салата во Музејот на македонската борба, им беа врачени наградите „Златна лира“ за животно дело на пијанистката и педагог Снежана Анастасова Чадиковска, а на камерното трио „Аура“ што го сочинуваат уметниците: Страшо Темков – флејта, Ана Гацева – пијано и Марјан Милошевски – фагот, за врвни уметнички достигнувања во текот на 2022 година. Со инспиративен осврт, Љубиша Кировски ги претстави најзначајните достигнувања во уметничката кариера на проф. Снежана Анастасова Чадиковска и нејзиниот придонес во сферата на македонската интерпретатива, како и успешните концертни активности на триото „Аура“. Добитниците на наградите беа единствени во ставот дека за нив оваа награда е посебно вредна бидејќи ја добиваат од колегите, музичари.

Во продолжение, следуваше концертот на Даниел Апостолов и Дарко Мариновски. Ќе се потсетиме на „Златна лира“ – 2020 кога фаготистот Даниел Апостолов ја импресионираше публиката со одличен перформанс и ќе забележиме дека во меѓувреме низ, очигледно посветена работа, остварил уште поголема усовршеност во виртуозното свирење фагот, но и во извлекувањето софистицирана тонска боја од благородниот инструмент.
Обележје на оваа по многу нешта впечатлива концертна вечер, беше богат избор извонредно виртуозни композиции за фагот и пијано, што само по себе претставуваше уникатно доживување за публиката: Сонатата за фагот и пијано оп.71 (1918), едно од најизведуваните дела на францускиот композитор од почетоткот на дваесеттиот век, Чарлс Кехлин, Варијациите на тема од арија на Перголези за фагот и пијано (1953) од швајцарско-италијанскиот композитор од дваесеттиот век Отмар Нусио, Веберовото „Кончертино“ оп. 26 (оригинално за кларинет и оркестар) и познатата „Кармен Фантазија брилијанте“ (оригинално создадена како фантазија за флејта и оркестар, на теми од операта „Кармен“ од Бизе, аранжирана од францускиот флејтист и композитор Франсоа Борне), што ја слушнавме во смела изведба на фагот и пијано. Всушност, програмскиот избор беше точно тоа, своевидна смелост на фаготистот Апостолов и вешта клавирска придружба на Мариновски, потфат што уметниците во најголема мера успешно го остварија.

Првиот став Allegro moderato, Allegretto scherzando, беше добар вовед во концертот. Слушнавме смирена медитативна секција во контраст со шеговит средишен дел исполнет со ритмичко пулсирање и променлива метрика во живо темпо. Вториот став Ноктурно, Adagio, со невообичаена назнака од авторот за шест и пол – делен метар уметниците го изведоа извлекувајќи ги долгите, певни фрази во фаготската линија, како алузија во манир на Шопен, автор од чиј стил, Кехлин нескриено црпи инспирација. Третиот став Финале – Allegro, во стилот на модерен ренесансен танц го слушнавме во енергична изведба, возбудливи пунктирани текстури  и динамична Кода на крај. Беше тоа само најава кон еуфоријата што следеше.

Не помалку возбудлива беше и втората точка на концертот. Варијациите, серија од десет разнородни пиеси со наизменични емотивно смирени, ама и мошне жестоки расположенија, адаптирани танци со старински призвук на мајсторот Џовани Батиста Перголези,  се насомнено едно од најзначајните дела од литературата за фагот, воедно и показател за композиторската вештина на Нусио Отмар. Беше тоа ретка можност да ги слушнеме колоритните ставови: Ариета, Скерцо, Тамбурино, Ламенто, Остинато, Рапсодија, Елегија, Барбареска, Стронело и Танц, во инвентивно осмислена изведба на Даниел Апостолов и Дарко Мариновски. Водејќи нé низ занимливите парчиња, двајцата уметници прикажаа цврста меѓусебна поврзаност при демонстрацијата на сите компоненти во сложената партитура: компактен ритам и звучна јачина во која пијаното беше доволно воздржано за да остави простор на кадифениот фаготски тон. Динамичните танци, воедно му дадоа можност на Апостолов да ни ги претстави своите технички можности што со годините посветено вежбање се движат во нагорна линија. Вештината во изведбата на молскавичните трилери, но и експресивната агогика во темпото, одлично дозирани „ачелеранда“ и „ритарданда“ создаваа атмосфера полна со звуковен набој во кој публиката нескриено уживаше.

Наспроти „егзотиката“ и жестината во Варијациите од Отмар, Кончертиното во Ес-дур (1811) оригинално напишано за кларинет и оркестар од Карл Мариа Вебер, во топла и соодветно романтична изведба на Апостолов и Мариновски беа уште едно вредно бисерно парче од литературата во кое уметниците низ убаво обликуваните фрази ги доловија сите профили на својот музикалитет. Во оваа типично „германска“ тематско-хармонска пиеса, што најсликовито го одразува Веберовиот концертантен стил, слушнавме хомогена тонска структура од вокални и кларинетски сенчења низ боите на фаготот, зајакнати од оркестарска звучност во пијаното.

Со видливо задоволсто од сопствената изведба и соодветна афирмација од публиката, уметниците се втурнаа во последниот програмски подвиг на рециталот – Фантазијата „Кармен“ од Борне. Несомнено стои забелешката дека оваа исклучително виртуозна и атрактивна пиеса, многу посоодветно прилега на „воздушноста“ и светлиот тембр на флејтата како изразиото технички поподвижен инструмент во однос магловитиот, низок и кадифен звук на фаготот. Сепак за особен респект е идејата на Апостолов да се фати во костец и да даде едно свое видување на популарната Фантазија, покажувајќи дека современите виртуози се по постојан предизвик да ги поместуваат границите и интерпретациските можности на инструментите.

Како бис на крајот од концертот Апостолов и Мариновски, дословно ја „извајаа“ Песната без зборови оп. 109 (за пијано) од Менделсон потврдувајќи го претходно споменатиот контекст во претходното парче.

Сосем е извесно дека идејата на Даниел Апостолов е во настапите до максимум да ги претстави техничките можности на својот инструмент -  фаготот и да ја демонстрира својата способност достојна за тие подвизи. Неговиот начин на свирење обединува импресивно долг здив што му овозможува суптилно да ги обликува мелодиските фрази, но и изразито темпераментна артикулација и жестокост во брзите пиеси. Пијанистот Дарко Мариновски наполно ја следи неговата интерпретациска замисла и низ сигурен клавирски звук дава цврста база и ја дообликува фаготската боја. Со еден збор, двајцата уметници креираа „тантела“ од тонски бои и технички „вратоломии“ на фаготот и пијаното.

Со овој концерт, фестивалот „Златна лира“-2023 беше заокружен на најдобар достоинствен начин. А Даниел Апостолов и Дарко Мариновски потврдија дека се во редот меѓу нашите најистакнати музички уметници во сферата на класичната музика.
 
Викица Костоска Пенева

Фотографии: Панда Зографска Беличанец, фејсбук профил

 

Галерија