Блескав јубилеј

Кон концертот „30 години заедничко музицирање“ на дуото „Кировски“
Љубиша Кировски – виола и виолина
Маја Шутевска – Кировска - пијано

 

Летото 1993-та, на сцените на македонските најпрестижни фестивали „Скопско лето“ и „Охридско лето“ за прв пат се појавува еден нов камерен ансамбл, што го сочинуваат Љубиша Кировски на виолина и Маја Шутевска – Кировска на пијано. Младите уметници, тогаш веќе познати во музичките кругови како посебно квалитетни и истакнати студенти, својата едукација ја заокружуваат на Факултетот за музичка уметност во Скопје со највисоки оценки (cum laude) во класите на проф. Зоран Димитровски – виолина и Тодор Светиев – пијано. Тогаш започнува нивната заедничка уметничка, но и животна приказна што трае до сега, 2023 година кога камерното дуо „Кировски“  одбележува 30-години концертна кариера. 1997 и 1998 та година се особено важни точки во професионалната надградба и профилирањето на дуото „Кировски“, кога се случува: специјализацијата за камерна музика на Европската Академија „Моцарт“ во Варшава,  учеството на Третиот Меѓународен конкурс за камерна музика во Трст, каде освојуваат Специјална награда во конкуренција меѓу 48 состави од целиот свет и секако, учеството на семинарот во Лозана, специјализиран за интерпретација на сонати за виолина и пијано. Со несомнено проширен уметнички светоглед, од тој миг, дуото „Кировски“ професионално се поставува според највисоки светски стандарди во областа на камерното музицирање. Низ долгите години исполнети со целосна посветеност на сценската уметност, Маја и Љубиша Кировски го следат сопствениот амбициозен уметнички инстинкт што ги води во постојана потрага кон повисоки музички дострели: нови партитури, актуелни, модерни пиеси, македонско творештво, секогаш обликувани во врвна интерпретација. Без оглед дали настапот е во Њу Јорк, Белипаис, Софија, Куманово или Тетово.

Јубилејниот концерт „30 години заедничко музицирање“, што се одржа на 15-ти декември во Фоајето на Националната опера и балет, го доживеавме како свечена пригода во која дуото „Кировски“ на извонреден начин ги претстави плодовите од својата уметничка зрелост. И овој пат, бројната публика составена од почитувачи на нивната уметност, уживаше во осбено комплексна, ама и возбудлива програма: Кларк, Моцарт, Јордановски, Сај. Тука, како некој кој подлабоко навлегува во анализа на концертната кариера на дуото „Кировски“, неодминливо ќе ја издвојам програмската специфика што се забележува низ нивниот творечки пат: изведбата на сонати за виолина и пијано и сонати за виола и пијано. И на јубилејниот концерт, уметниците останаа доследни на својата тридецениска посветеност – истражување во формотворните, хармонските и интерпретациски принципи на сонатата, една од најсложените музички форми во областа на класичната музика. Програмата овој пат, претставуваше своевидна галерија во која „видовме“ четири карактери, четири јасни музички ликови (од кои три импресивни сонати): бујниот „американски“ импресионизам на Ребека Кларк во Сонатата за виола и пијано, највисокиот дострел од епохата на класицизмот во Сонатата за пијано и виолина КВ 454 во B-dur од Моцарт, здив од популарните музички жанрови во „Foreverness“ од Давор Јордановски и жестоката автентичност на Фазил Сај во „страотната“ Соната „Mount Ida“ Неверојатно интензивен, богат програм, отсвирен во еден здив!

Концертот започна со занимливата приказна што се крие зад сонатата за виола и пијано на американизираната британка Ребека Кларк. Во 1919 година, на свои 33 години како композиторка (со солидно совладана вештина на компонирање и одличен уметник што добро ги познава техничките перформанси на виолата) го создава делото (инспирирана од импресионистичките имнагинации на Клод Дебиси, модалните хармонии на британскиот современик Ралф Воан Вилијамс и далечните шкотски архаични вибрации) и го пријавува на натпревар. И покрај тоа што ги добива највисоките оценки од стручната комисија и го дели првото место заедно со композиција од Ернест Блох, предрасудите на тој историски миг ја оневозможуваат да ја добие наградата со бизарно објаснување дека толку моќно дело не може да биде создадено од „една жена“! Денес сонатата од Ребека Кларк претставува неодминлив дел од репертоарот на секој сериозен современ виолист.

Маја и Љубиша Кировски ја донесоа во полн сјај демонстрирајќи еден самоуверен начин на свирење, ослободен од сите сложени технички предизвици што ги крие партитурата, несомнено како плод на максимална подготвеност и сигурност во креирањето. Можевме во потполност да се препуштиме и да потонеме во совршените флуидни прелевања меѓу виолата и пијаното во темите од првиот став Impetuoso. Слушавме изразито музикална изведба, буквално како танц меѓу двата инструменти, на моменти бурен со цврсти октави во пијаното и моќна мелодија во виолата, а веднаш потоа слеани во меланхолична смиреност. Посебно задоволство во овој став претставуваше да се слуша со каква умешност дуото „Кировски“ ги креира динамичките градации и кон раскошните „фортисима“ и кон притаеното „пијанисимо“, при тоа со посебно внимание на скриените внатрешни гласови и полифони структури. Во вториот брз став став Vivace, Љубиша Кировски ја постигна поставената весела идеја на композиторката: вистински разигран, фолклорен звук на келтски “fiddler”. A заокружувајќи со контрастното финале Adagio-Allegro, дуото „Кировски“ ни ја долови сета поетичност но и експлозивност што така експресивно се преплетуваат во оваа моќна соната. Делото е на репертоарот на уметниците од 2008 година и тие ја имаат изведено на повеќе концерти во Македонија и на интернационална сцена. На овој концерт Сонатата за виола и пијано од Ребека Кларк ја слушнавме во целосно созреана, раскошна изведба.

Тука веднаш ќе се надоврземе, дека после ваквиот вовед, сугестивната изведба на Моцартовата соната за пијано и виолина КВ 454, што следеше, едноставно ја мултиплицираше енергијата на концертот кон уште посилна и повисока вибрација, неоставајќи го и најпребирливиот слушатал рамнодушен. Следејќи ги константно состојбите во камерното музицирање во нашата средина, тука ќе си дозволам да потенцирам дека после сонатата на Кларк, ретко кој ќе приреди таков луксуз да свири Моцарт! Кај нас – никој! При тоа едно од најубавите и последни дела (1784) за пијано и виолина на зрелиот Моцарт, низ уверливата изведба на Маја и Љубиша Кировски го слушнавме со сите обележја и проблесоци на неговиот ненадминат брилијантен гениј: чиста и беспрекорна виртуозност во која кристално јасно се слуша секој тон од брзите пасажи во пијаното и виолината, наглите мелодиски скокови, внимателно дотерана артикулација и орнаментика, адекватни штрихови и сето тоа изведено со вкусна и елегантна „моцартовска“ динамика. Оваа соната е ново дело во репертоарот на Маја и Љубиша Кировски, а великанот на класичниот стил е творец на кој дуото со задоволство постојано се навраќа, соочувајќи се со ѓаволски тешкиот предизвик што треба да го отсвирите „гледајќи го во очи“ според принципот на божествената “sancta simpicita”. Точно така, бестрашно ги слушнавме трите ставови на Сонатата во B-dur: динамичното Largo-Allegro, мелодично Andante и разиграното рондо во темпо Allegretto. Со изведбата на Моцартовата соната Маја и Љубиша Кировски покажаа дека во финеси навлегуваат во спецификите на потполно различните стилски епохи, потврдувајќи го сопстевеното реноме на врвни музичари.

Своевидно имагинативно интермецо меѓу сонатите, беше композицијата „Foreverness“ од современиот македонски композитор Давор Јордановски, што за оваа пригода ја создаде и ја посвети на дуото „Кировски“. Ќе забележиме дека композиторот дискретно вткајувајќи ја специфично македонската традиционална седмоделна ритмика во обриси на современа популарна елегија, целосно проникнал во сензибилитетот и вкусот на Маја и Љубиша и им подарил одлична пиеса, која тие со видно задоволство ја изведоа, давајќи и сопстевн автентинчен печат во еден романтичен, па ако сакате и љубовен манир. Со сигурност мелодичната композиција „Foreverness“ од Давор Јордановски ќе остане на репертоарот на дуото „Кировски“.

Излегувајќи од смиреноста на „Foreverness“, уметниците нé „фрлија“ во кулминативната точка на концертот! Сонатата „Mount Ida“ и невројатниот креативен гениј на еден од светски најпознатите современи творци на денешнината – турскиот композитор Фазил Сај. Ако секој од нас во одреден миг се посомнева дека низ музичката историја веќе сé е видено и сé е измислено, токму тој, Фазил Сај со својата зачудувачка имагинација нé побива со секое свое наредно дело. Појавата на Фазил Сај е повеќезначна и повеќеслојна. Тој просто штрчи и се наметнува во наполно хаотичното време во кое живееме. Една од неговите најсилни пораки што така жестоко ја повторува, артикулирана преку секакви возможни музички средства, (во случајов и во Сонатата „Mount Ida“) е повикот за спас на природата од неконтролираниот масакр и алчното трошење на природните ресурси, што го прави човекот, без оглед дали е тоа вода, шуми, животински свет или злато како во случајот на митолошката планина Ида. Имавме навистина ретка можност да присуствуваме на креација на едно актуелно, модерно дело, создадено во 2019-та година. Во извонредно сугестивна интерпретација на дуото „Кировски“,  кое покрај силната порака, содржински претставува ултра-модерно толкување на старите принципи и програмската музика. Едноставно е нестварно до каде оди имагинацијата на Фазил Сај кога ги комбинира препарираниот звук на пијаното како директна алузија на машини-дупчалки кои безмилосно го распоруваат телото на „мајката земја“ придружено со виолинските таговни тактови од вториот став на Бетовеновата седма симфонија – во првиот став „Уништување на природата“ или дословно крикот на „Ранетата птица“ во вториот став артикулирани преку гласови на беспомошна птица низ некои неоткриени звуци во виолината. И сето тоа со цел да се создаде едно тескобно чувство и агонија што фантастичниот Сај бездруго го постигнува. Да не заборавиме, „Mount Ida“ е посебно технички сложена партитура што бара неверојатна концентрација и посебен напор за да се постигнат сите звуковни ефекти со цел да се создаде сликата на ужас во часот на уништувањето на планината. Таа треба да допре до секој слушател, да создаде чувство на револт кон самиот себеси и евентуално, (поттикнат од третиот став „Обредот на надеж“) ако воопшто има останато некаква надеж нешто и да промени. Маја и Љубиша Кировски предавајќи се максимално во вратоломната музика, драматично и продорно, со посебна страст, целосно ја остварија оваа опасна мисија и креирајќи ги сите нови звуци на виолината и пијаното ја покажаа и сопствената, инвентивна страна како кокреатори на фантастичната композиција.

И на овој концерт двајцата уметници ја покажаа и својата индивидуалност, но над тоа и совршен баланс во заедничкиот звук, создаден како резултат на долгогодишното камерно музицирање. Неблагодарно и непотребно е при слушањето на камерните ансамбли да се прави поединечно вреднување на уметниците. Зашто тие треба да претставуваа еден организам во кој членовите дишејќи во заедништво создаваат идеален музички баланс.
Ама едноставно секој музичар има свои денови. Овој концерт за пијанистката Маја Шутевска Кировска беше таков, нејзин ден. Едноставно, сето напластено знаење, часови и денови поминати во истражување на оркестарската димензија на пијаното, ги слушнавме преточени низ раскошно изведените арпежи на Кларк, брилијантните, толку проѕирни пасажи кај Моцарт и во вулканската енергија на Сај! Во спој со богато обликуваниот тон во виолата и виолината на Љубиша Кировски, кој и на овој концерт беше на највисокото ниво на својата задача, исходот беше наполно успешно реализиран уметнички перформанс.

Евидентно, низ сопственета творечко и животно искуство, Маја и Љубиша Кировски се наоѓаат во  позиција кога на грижливо одбраниот, постојано нов и возбудлив репертоар му пристапуваат од супериорна, висока позиција. Тие имаат изградено силен интерпретациски капацитет што им овозможува моќно да ја извлечат креациската замисла на секој композитор, дарежливо надградувајќи ја со свој автентичен печат, елегантно, во стил на големи уметници. Нивното свирење, никогаш не кокетира со некакви вонмузички „произведенија“  и не ги надминува границите на добриот вкус. И во оние допадливи пиеси (што секогаш ги избираат за завршеток на концертот како бис – (за јубилејот ги слушнавме „Обливион“ на Пјацола и нашата „Јовано, Јованке” -виолинската делница на Љубиша Кировски, пијано рехармонизација на Кокан Димушевски...)) во кои очигледно и самите уметници целосно уживаат, тие сепак свират со еден суптилен, достоинствен манир, покажувајќи дека се работи за музичари чиј сензибилитет во преден план го негува интелектуалниот, наспроти некаков ефтин, забавен пристап кон интерпретацијата (без тенденција да се девалоризираат различните интерпретациски афинитети кај некои други наши уметници). Апсолутно, ваквиот нивен пристап не е пречка да допрат до секој среќник во публиката. Музиката што ја создаваат виолината и пијаното на Маја и Љубиша Кировски нé пренесува во една префинета состојба што го облагодородува нашиот дух. Тоа се уметници што пред самите себеси си поставуваат секогаш нови и поголеми музички предизвици. Затоа, во годините што следат очекуваме бар дел од сé она што ни го приредија во изминатите 30.
 
Викица Костоска Пенева
Фотографии: Панда Зографска Беличанец / Фондација „Зографски“

Галерија