Кон концертот на Пијано трио
Татијана Петрушевска-Караскаковска – обоа
Марјан Милошевски – фагот
Петар Макариевски – пијано
Фестивалот „Златна лира“ во организација на Сојузот на музичките уметници на Македонија, во својата континуирана реализација оваа година го остварува осумнаесетотто издание. И повторно со предвидената програма и ова издание на фестивалот ја потврдува поддршката и интенцијата за развивање и негување на континуиран и побогат концертен живот кај нас. Во годините на остварените реализирани изданија овој фестивал се втемели во еден од најзначајните настани кои влијаат и го насочуваат концертото дејствување и можноста за остварување на креативни изразувања и настапи на македонските музички уметници од сите генерации. Стремежите и одржувањето на високото уметничко рамниште се надополнуваат со заложбите во реализацијата на фестивалот „Златна лира“ за промоција и афирмација на нашите културни вредности во рамки на фестивал кој има интернационален карактер, со размена на концертни програми со музички уметници од странство и со сродни музички асоцијации. Така и оваа година во периодот од 8 октомври до 3 ноември ќе имаме можност да проследиме десет концерти на камерно музицирање со истакнати изведувачи, интересна музичка содржини со дела за разни камерни стандардни состави, кои ќе ја испишат музичката аналогија како своевидна музичка галерија во уметничкиот опус и животот кај нас.
Свеченото отворање на фестиивалот започна со обраќањето на претседателот на Сојузот на музичките уметници на Македонија, нашиот истакнат виолинист Љубиша Кировски кој се осврна кон програмската концепција на овогодишното издание и претставувањето на добитниците на наградите за животно дело на македонскиот пијанист Валери Стефановски и фаготистот Даниел Апостолов за врвни уметнички достигнувања во 2023 година.
На првата фестивалска вечер проследивме концерт на камерниот состав Пијано трио со Татијана Петрушевска - Караскаковска – обоа, Марјан Милошевски – фагот, Петар Макариевски – пијано: посветени музички уметници, кои во оваа формација почнаа да настапуваат пред една деценија негувајќи динамична уметничка соработка и своевиден алтруизам во истакнувањето на суштественоста на камерното музицирање и во постојаното проширување на дијапазонот на нивниот концертен репертоар. Така и оваа концерна вечер беше обележана со одредена динамика кај уметниците: и кон почеста да се настапи на отворањето на фестивалот, и кон премиерното изведување на дело пред нашата публика и кон осврнувањето кон македонското музичко творештво и кон осврнувањето и сеќавањето на рано починатиот соработник и колега, флејтистот Илија Зимбо, чија дејност претставува и хронолошки појдовен момент за делувањето на Пијано трио. Уметниците со овој обем и интензитет на преплетувањето на посочените сегменти прикажаа креативни импулси за универзална димензија на егзистенцијата и на уметникот и на творештвото.
Во конципирањето на овој концерт како фестивалска програма Триото во еден значаен дел претстави иницијативен темперамент и музичка естетика кои се сродни со повеќеслојната интерпретација на музичката содржина. Во оваа насока беше изведено и едно од повеќето создадени дела од македонски композитори за овој состав , композицијата „Flashes“ од македонскиот композитор Горан Начевски, компонирано во 2023 година. Изведена со значајна посветеност композицијата не’ воведе во концертната приказна и композиторовиот стремеж за рамнотежа и синтеза на музичкиот материјал и содржина создадена со значајна инвентивност. Особено интересна, композицијата еднакво коренспондира со елементи на фрагменти како цитати од музичката литература со почетниот акорд преземен од првото Шопеново Скерцо, преку контрапунктски надополнувања на обоата и фаготот разработени во проширена тоналност со прокомпонирана форма и вметнат дел со игрив карактер во насока на менует и навраќање кон барокот. Идејно создадена како пресликување на одредени одблесоци и миговни навраќања на случувања и доживувања од минатото кои прелетуваат во сегашноста, во рамки на нашиот осврт како музичка содржина, но и во насока на согледување на одблесоците од минатото и на нас како поединци и во пошироки рамки, композицијата поттикнува убав емотивен импулс и духовни треперења чии сеќвања на одблесоците и импуслите од минатото даваат експресија и своевидна светлина во сегашното битисување. Се надеваме дека оваа инспиративна композиција ќе биде континуирано изведувана на концертните подиуми.
Умешноста во изведбата на музичарите Татијана Петрушевска – Караскаковска како прва обоистка во оркестарот на Националната опера и балет, Марјан Милошевски, прв фаготист во истиот оркестар и професор на Факултетот за музичка уметност и Петар Макариевски, пијанист, педагог и уметнички соработник на Факултетот за драмски уметност ја согледавме и во Сонатата за обоа и пијано од Ф. Пуланк и Сонатата за фагот и пијано од К.Сен-Санс изведени во првиот дел на коцертот. Меѓусебната интеракција на уметниците, но воедно истакнувајќи го моментот и на прецизно и вниметелно изработени инструментални делници, делови со обележја на токата, емотивно изведени мотивски линии и пулсирачка хармонија, мошне јасно ја доловија испреплетената елегична атмосфера во Сонатата за обоа и пијано и секако високото ниво на изведба со особена виталност (која кај фаготот како инструмент е особен предизвик) и приказ на мирни контемплативни делови на нималку едноставната за изведба Соната за фагот и пијано.
Во вториот дел на концертот ги проследивме „Патетично трио“ од М. Глинка и „Трио“ од Ж. Франсе, како осмислена програмска концепција. Особено рафинирана изведба уметниците прикажаа во толкувањето на композицијата „Патетично трио“ од М. Глинка со интензивни емоции, стилски звуковна обоеност во клавирската делница, истакната лиричност особено во ставот Ларго како емоционално средиште на делото и прекрасни надополнувања на делниците на обоата и фаготот. Со интерпретаторски задлабочен однос ја проследивме и премиерната изведба на делото „Трио“ од Ж. Франсе пред нашата јавност, дело со специфична изведувачка структура на пасторалност и динамичност.
Претставената програма Пијано трио ја изведоа технчки прецизно и музички осмислено, со балансирање и надополнување во заедничкото музицирање и сигурност со стекнатото искуство на сцена.
На крајот на концертот ја проследивме и Аријата на Далила од операта Самсон и Далила во аранжман на И. Еминовиќ, како своевиден омаж кон флејтистот Илија Зимбо, изведена со особена емотивна инспирација.
Мирјана Павловска Шулајковска