Инспиративна вечер на италијанска и македонска музика

Кон концертот на Горан Начевски - баритон и Николета Конти - пијано на „Златна лира“ одржан на 14 октомври 2024

Втората фетивалска вечер на „Златна лира“ ги потврди стремежите за одржување на високо уметничко рамниште на фестивалот и на неговиот  интернационален карактер со претставување на уметници со повеќеслојна активност.

Нивната музичка работа се однесува на повеќегодишно делување на Горан Начевски во полето на вокалната, композиторската и педагошката дејност, творечки опус на дела со индивидуален стремеж кои се изведуваат на нашите концертни сцени и фестивали и во повеќе европски земји, како и бројни концертни настапи како вокален солист, но и како солист на сцената на Македонската опера и балет, каде по појавувањето во 2006 година,  во период од три години дебитира во 15 главни улоги и активно учествува во развојот на музичката култура и  живот кај нас. Италијанската уметница Николина Конти со едукација по пијано, композиција и диригирање гради повеќегодишно делување како диригент во Италија и повеќе меѓународни сцени, посветувајќи се на оперскиот и симфонискиот репертоар, сорботувајќи со диригенти и вокални уметници од светско реноме (меѓу кои Франко Ферара, Леонид Бернштајн, Лучиано Павароти, Ренато Брусони и др.), со истакнати фестивали, театри и оркестри. Нејзините активности се однесуваат и на соработки во Јапонија, Бугарија, Куала Лумпур итн.

Настапот на истакнатите уметници,  нашиот Горан Начевски – баритон, оваа вечер како вокален уметник и италијанката Николета Конти, овој пат како пијанист, на втората вечер на фестивалот „Златна лира“, во организација на Сојузот на музички уметници на Македонија, беше пример на заедничко музицирање на двајца одлични музичари кои остварија концерт и свеченост која ја воодушеви публиката.

Оваа вечер тие претставија дела од италијански и македонски композитори: G. Bononcini: “Per la Gloria”, V. L. Ciampi: “Tre giorni son che Nina”, V. Bellini: “Dolente imagine”,  “Vaga luna”,  “Ma rendi pur contento”, P. Tosti: “L'ultima canzone”, P. Tosti: “Non t'amo più”, дел од антологиските вокални творби од македонски автори: Т. Скаловски: „Молитва“, Т. Прокопиев: „Вардаре“, Б. Цанев: „Цветови“, Т. Зографски: „Марика мома убава“ (гостин: Мила Николовска) , а концертот заврши со изведба на аријата на Родриго: “Per me giunto” од Вердиевата опера  „Дон Карлос“ и аријата на Жерар:  “Nemico della patria”  од операта „Андре Шение“ од У. Џордано.

Првиот тематски дел од програмската концепција на концертот се однесуваше на дел од фундаменталните творби во вокалната уметност  -  Италијанските песни за глас и пијано, концертни арии кои се изведуваат на рецитални настапи и ја изискуваат спецификата на беспрекорна изведба во стилот на бел канто, кои Горан Начевски ги интерпретираше со манир на уметник кој одлично ја покажа Уметноста на убавото пеење во изведбата на споменатите вокални бисери  со прецизна интонација,  тонска артикулација, одлична дикција, лиричност, прекрасно водени музички фрази и динамички распон.

Николета Конти посебно внимателно се посвети на клавирската делница со голема професионална и ерудитивна констелација во проникнувањето на вокалната уметност. Големото музичко искуство, особено диригентската дејност, едноставно се преслика во донесувањето на атмосферата  на звуковниот обем, со точно определени истакнувања во пијанистичките делници на композициите, во балансот помеѓу пијаното и гласот со адекватен,  активен и животворен тонски израз, како и во  звуковното експресивно обојување на композициите од македонски автори.

Естетско единство Горан Начевски изрази во изведбите на делата за глас и пијано од македонските композитори Т. Скаловски -  „Молитва“ (создадена  1967 г.), Т.Прокопиев  - „Вардаре“ (создадена 1945 г.) и Б. Цанев: „Цветови“, пишувана на текст од Славко Јаневски (создадена1974 г.). Посебен впечаток Начевски оствари во прикажувањето на музичката содржина на делата, навлегувајќи во психологијата на особено траорната композиција „Цветови“ која со интензитетот на изведбата доби обележје на музичка драма.

Како гостинка на концертот настапи и младата сопранистка Мила Николовска изведувајќи ја копозицијата „Марика мома убава“ од македонскиот композитор Т. Зографски. Напишана во чест на П. И. Чајковски во соодветно елегично расположение, оваа композиција Мила Николовска ја изведе со сериозен впечаток, а ова нејзино уметничко претставување ни’ дава претпоставка за убава солистичка иднина и развој на младата уметница.

Инспиративен израз Начевски прикажа и во изведбата на ариите на Родриго „ Per me giunto”  од  Вердиевата опера „Дон Карлос“ и Аријата на Жерар „Nemico della patria” од операта „Андре Шение“ од У. Џордано. Особено распеан и музички прецизен Начевски нив ги изведе  со убава ширина во гласовниот тембр  во неговиот баритонски фах со чистина, снага на гласот и експресија соодветна на драмското дејствие на ликовите чии арии ги исполни.

Корелацијата во изведбата на Горан Начевски и Николета  Конти претставуваше суштествен двигател на музичкото течение во текот на целата концертна вечер,  содржеше манири на врвна уметничка концентрација во сегментите на  артикулација на динамиката во интерпретацијата  на делата, во музицирањето и  сите нивни елементи на темпа, почетоци и развивање на музичките фрази, динамички нијансирња  и врвното следење на вокалната мисла и агогика. Горан Начевски и Николета Конти на овој концерт на фестивалот „Златна лира“ остварија една технички и интерпретативно егземпларна концертна вечер  која публиката со задоволство ќе ја памети.  

Мирјана Павловска - Шулајковска
Фотографии: Панда Зографска Беличанец - приватна архива


 

Галерија