кон концертот на Страшо Темков – флејта и Елена Анастасовска Ивановска - пијано
Во рамките на циклусот концертни вечери на фестивалот „Златна лира“, во салата на Музејот на македонска борба го проследивме настапот на истакнатите македонски музички уметници Страшо Темков и Елена Атанасовска – Ивановска.
На програмата проследивме репрезентативни композиции за флејта и пијано, кои за изведувачите не претставуваа предизвик во изведбата, туку потврда на нивната голема уметничка вештина и музички израз. Токму овие сегменти и значајното интерпретативно искуство на флејтистот Страшо Темков и пијанистката Елена Атанасовска – Ивановска го задржаа вниманието на публиката до крајот на концертот.
Својот годинашен настап на фестивалот „Златна лира“ двајцата реномирани уметници го започнаа со изведбата на Моцартовата Соната за флејта и пијано во Д-дур. Убедливи и инспиративни во толкувањето на композицијата, Страшо Темков и Елена Атанасовска – Ивановска претставија деликатно одмерена и мошне синхронизирана интерпретација со прецизна јасност на артикулацијата и звучноста на тонската боја.
Со меѓусебна усогласеност Страшо Темков и Елена Атанасовска – Ивановска ја изведоа особено интересната Сонатина за флејта и пијано оп.100 од А. Дворжак. Составена од четири ставови: Allegro risoluto, Larghetto, Scherco (molto vivace) и Allegro со прекрасани теми, ритмичка структура и мелодиска меланхоличност оваа композиција беше мошне впечатливо изведена.
Во изведбата на композицијата „Зимски духови“ за соло флејта од К. Ховер, Страшо Темков оствари мошне суверена интерпретација која публиката ја одведе во мистичните сфери на имагинацијата, со интерпретација на прекрасна флуидна тонска обоеност и обмислена целина која ја доживеавме како импулс на зрел уметнички лик.
Во композициските решенија на Сонатина од Ж. Ибер, проследивме изведба со голема музичка вештина во двата ставови на делото, различни по својата содржина. Со прилагодливост на техничката виртуозност во насока на изградувањето на тонална слика со прекрасна мелодиска колоритност, ова беше приказ на изведба која го потврдува значењето на искуството во интерпретацијата.
Концертната програма беше заокружена со изведбата на инвентивниот аранжман на македонската народна песна „Не си го продавај Кољо“ од композиторот Кире Костов, на кого уметниците Страшо Темков и Елена Атанасовска – Ивановска со мошне инспиративна изведба на творбата му оддадоа почит. На крајот на концертот уметниците изведоа творба со емотивно чувствителен и елегичен приказ во сеќавање на колешката Сара Пројковска.
Флејтистот Страшо Темков со изградениот изведувачки пристап и импресивна изведба на делата во концертната програма, во настапот на ова фестивалско издание на „Златна лира“ претстави сублимиран настап на интерпретативно искуство и значајни музичко- уметнички вредности.
Пијанистката Елена Атанасовска – Ивановска освари прекрасно осмислена и стручно дозирана изведба на музичко – техничките елементи во пијанистичката делница на делата, создавајќи убава творечка симбиоза со интерпретацијата на флејтистот Страшо Темков во делата за флејта и пијано.
Оваа фестивалска вечер флејтистот Страшо Темков и пијанистката Елена Атанасовска – Ивановска остварија концертен настап со суверена и ангажирана изведба на делата и експресија која ја поседуваат уметници со значајно интерпретативно искуство и зрелост во уметничкиот израз.
Мирјана Павловска - Шулајковска