Кон концертот на Трио Академико на „Златна лира 2025“
Продолжувајќи ја традицијата и профилираните стремежи на фестивалот „Златна лира“ кон одржување на концертни вечери со квалитетни изведби на домашните музички уметници и оваа година, во реализацијата на манифестацијата сведоци сме на настани со високи уметнички остварувања. Меѓу нив беше и настапот на Трио Академико, чиј концерт во рамките на овогодишното издание на фестивалот „Златна лира“ ги потврди високите достигнувања на уметниците. Делувајќи како камерен состав веќе петнаесет години, Трио Академико оваа концертна вечер со посебно расположение претстави инспиративно камерно музицирање исполнувајќи ги целосно очекувањата на публиката. Музичките уметници кои го сочинуваат Трио Академико: Златка Митева – флејта, Бранко Павловски – кларинет и Наташа Трбојевиќ пијано, се познати како истакнати солисти, членови на ансамбли и педагози. Со бројни настапи на нашииот подиум и концертните сцени во Европа и САД, со солистички концерти, настапи со ансамбли и во оркестри, членувања во разни камерни состави, добитници на повеќе домашни и меѓународни награди, членови на жири комисии на разни музички натпревари, одржани семинари, Златка Митева, Бранко Павловски и Наташа Трбојевиќ се едни од нашите уметници кои остваруваат богата музичка дејност. Во нивните биографии бележиме заедничка дејност во камерниот состав Трио Академико од 2010 година. Со репертоар од светската литература и дела од македонското музичко творештво, Трио Академико успешно и континуирано настапува кај нас и во Европа, а минатата година снимија носач на звук со наслов „Музика од светската класика“.
Уште со изведбата на првата творба Диви цвеќиња од современиот американски композитор Ерик Евазен уметниците навестија мошне инспиративна творечка вечер. Членовите на Трио Академико во изведеното дело претставија прекрасна тонска експресија со која ги „озвучија“ различните раположенија, визуелни и чувствителни карактеристики на живите бои на северноамериканските цвеќиња Пламена ѕвезда, Мисуриска јаглика и Мексиканска капа, кои биле инспирација на композиторот Е. Евазен при создавањето на композицијата.
Со убав дијалог помеѓу инструментите, беше изведено делото Кончертино од Ернест Блох. Почитувајќи ги стиските карактеристики на композицијата напишана во неокласичен стил, уметниците остварија внимателни фразирања и целини во музикално претставената корална мелодија, контрастните мелодиски делови и хармонски структури на делото.
Посебната намера на членовите на Трио Академико кон навлегување во музичката содржина на делата, ја согледавме и во исполнувањето на циклусот Четири валцери од Димитри Шостакович. Овие четири експресивни дела беа изведени како своевидна галерија на контрастни теми и идеи кои создадоа емоционална нарација кај слушателите.
Во изведбата на интересната и интерпретативно чувствителна композиција Зимска музика од Луиџи Занинели, членовите на Трио Академико претставија прекрасно тонско нијансирање на елементите на делото, со што создадоа музичка целина изведена со вкус и уметничка имагинација. Концертот заврши со обработка на тема од нашата песнопојна традиција „Кољо“ од Давор Јордановски.
Со внимателен приод кон толкувањето на секоја изведба на музичките дела, членовите на Трио Академико претставија изведби со нагласени стилски одредници, темпа, динамички односи и одлична меѓусебна соработка. Оваа концертна вечер, создадената креативна атмосфера во интерпретацијата на Трио Академико беше рефлексија на камерно музицирање со инспиративни изведби кои публиката со задоволство ги проследи. Настанот претставуваше уште една вредна концертна вечер во рамките на фестивалот „Златна лира“.
Мирјана Павловска - Шулајковска