Во остварувањето на програмската концепција на фестивалот „Златна лира“, настапот на триото „Анимато“ претставуваше збогатување на разнородните камерни ансамбли и уметници кои остварија успешни концертни вечери. Формирано во 2020 година, од уметници кои негуваат заеднички интерес и љубов кон камерното музицирање, триото „Анимато“ бележи континуирана дејност и настапи на нашите концертни подиуми и фестивали. Афирмирајќи го камерното музицирање, овој состав негува композиции од светската литература и дела од современото македонско музичко творештво.
Членките на триото „Анимато“ се истакнати музички дејци кои своето образование го стекнаа на Факултетот за музичка уметност во Скопје и успешно и посветено дејствуваат и во областа на музичката едукација. Пијанистката Светлана Димитриевска, раководител на одделот по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје, остварува редовни настапи и учества на домашни и меѓународни натпревари со учениците, член е на жири и организациони комисии на повеќе натпревари, член на ЕПТА Македонија и промотор на настаните Piano Day Skopje, посветени на афирмацијата на младите пијанистички таленти. Таа настапува и како концертен пијнист со бројни македонски инструменталисти. Флејтистките Даниела Неделковска и Симона Марочковска - Манојловска во нивното дејствување бележат соработки со оркестри и камерни состави со кои настапувале на повеќе манифестации и фестивали „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Мајски оперски вечери“, „Денови на македонска музика“ и др. Во активната педагошка дејност овие уметници бележат бројни признанија и освоени награди со нивните ученици, активности во организација на меѓународи натпревари, семинари и педагошки проекти.
Нивниот настап на фестивалот „Златна лира“ се одликуваше со програмска концепција составена од дела со содржински карактеристики во кои благородниот звук на инструментите дојде до целосен израз. Па така, од почетокот на концертот, уметниците на триото „Анимато“, нѐ воведоа во музицирање со творечки израз, сигурна интонација и динамичка разнообразност. Тие ги изведоа четирите композиции „Addio“, „Farewell nocturne“, „King matt the first“ и „Louxembourg garden“ од композиторот Алексеј Шор. Создадени во неокласичен стил, со бавни лирски и контрастни движења во мелодиската содржина, овие композиции со програмски карактер беа исполнети со убава тонска боја, создавајќи рефлексија на емоционален израз.
Мошне суптилно и со мотивацијата да се изрази убавината на дел од опусот на композиторот Трајко Прокопиев, уметниците на триото „Анимато“ ја изведоа композицијата „Пасторала“. Со соодветно обликување на хармонската структура и тонската боја со која стилски ја оформија творбата, тие создадоа атмосфера на идиличност која интуитивно произлегува од слоевите на нашето музичко поднебје.
Уметниците остварија прекрaсна изведба на композицијата „Salut d’Amor“ од Едвард Елгар, со целосно оформена звучна слика во исполнението на широката мелодиска линија и придружба која го поддржува романтичниот карактер на композицијата.
Музички и стилски соодветна интерпретација членовите на триото „Анимато“ претставија во изведбата на композицијата Анданте и Рондо оп.25 од композиторот Франц Доплер. Со соодветното обликување на структурата на деловите на делото, тие одлично навлегоа во експресивно лирскиот карактер на првиот дел и прикажаа интрпретација со високи технички вештини во вториот дел на делото. Со ваква техничка умешност беа исполенти и виртуозните варијации на познатите Вердиеви арии во композицијата „Rigoletto Fantasie“ оп.38, која беше изведена во еден здив.
Уметниците на Трио „Анимато“ приредија концертна вечер на камерно музицирање со рафинирана тонска боја во изведбите на делата, топла и мека звучна емисија на тонот, при што движејќи се низ музичката содржина на делата прикажаа висока култура во однос на меѓусебната соработка и усогласеност, одличната техничка подготовка и сигурна интонација, динамичките елементи и естетското обликување на изведената програма. Нивниот настап публиката со задоволство го проследи и го награди со аплауз.
Мирјана Павловска - Шулајковска