Концертно остварување со впечатлива умешност и вештина

кон концертот на Даниел Апостолов – фагот и Дарко Мариновски - пијано
 
Во рамките на одржувањето на фестивалските вечери го проследивме концертот на фаготистот Даниел Апостолов, добитник на наградата Златна лира за особени уметнички остварувања за 2024 година и пијанистот Дарко Мариновски. Признанието претставуваше гаранција дека ќе присуствуваме на квалитетна и инспиративна концертна вечер и уметничко остварување кое публиката со задоволстово го проследи и со воодушевување ги награди истакнатите македонски музички уметници.

Со изведбата на Моцартовата Соната KV 292, Даниел Апостолов уште на почетокот на концертот ги потврди своите изведувачки вештини. Прецизната артикулација, соодветната стилска орнаментација, умешното совладување на целиот опсег, особено во горниот  регистар на инструментот, изведените лирски фрази во вториот став и сонатната форма во целина, придонесоа за јасно прикажување на класичниот стил на Моцартовата соната со убава инструментална интеракција меѓу изведувачите.

Со убава резонантна тонска боја и опсег на динамичките елементи, Даниел Апостолов и Дарко Мариновски изведоа Варијации за фагот и пијано од германскиот композитор и диригент К. Кројцер. Во изведбата на делото проследивме одлично претставување на целосната структура на композицијата и развивање на темата во посложени и виртуозни варијации. Со оформување на различните карактеристики на композицијата: орнаменти, скалични движења и брзи пасажи, Даниел Апостолов прикажа висока техничка вештина и виртуозност во изведбата.

Во продолжение на концертот ја проследивме  Сонатата  за фагот и пијано оп.168 од К. Сен – Санс. Изведена со елементи на лиричност и прецизност, особено во изведувачки претенциозниот втор став Allegro scherzando и ова дело во настапот на Даниел Апостолов  беше изведено со одличен приказ на техничко – музичките потенцијали на инструментот.  Изведбата на познатата Арија на Ленски од операта Евгениј Онегин на П. И. Чајковски претставуваше сугестивна интерпретација со  прекрасна тонска слика на емоционалната експресија  на ликот.

На крајот на концертот го проследивме  делото Карневал во Венеција - Фантазија за фагот и пијано од  композиторот П. Генин инспирирано од италијанската народна мелодија, за кое во музичката литература постојат достапни адаптации за повеќе инструменти. Изведено со градација на привлечната мелодија до несомнена виртуозност и меѓусебна усогласеност концертот заврши во впечатлив изведувачки интензитет.

Со ваков приод во обликувањето на музичките фрази и музичката содржина на делата, уметниците Даниел Апостолов и Дарко Мариновски создадоа унифициран музички дијалог. Особено прецизен во деловите во кои пијаното ја реализираше музичко - хармонската поддршка и во сегментите на дијалог на двата инструменти, пијанистот Дарко Мариновски оствари значаен придонес во остварувањето на целосниот впечаток од концертот.

Со градење на единство на формалната структура на делата, емоционалниот израз во нив и уникатната  виртуозност, како една од најтранспарентните елементи во интерпретивниот музички израз, Даниел Апостолов прикажа концертно остварување со импресивна уметничка целина и  умешност во изведбата на делата која заслужува респект.
 
Мирјана Павловска - Шулајковска