кон концертите на Ѓорѓи Димовски – саксофон и Маја Божиновска – пијано и Андреј Шаклев - пијано
 
И оваа година, во низата настани на фестивалот „Златна лира“ имавме можност да проследиме концертна вечер посветена на добитниците на Наградата „Охридски бисери“ која ја доделува Сојузот на музички уметници на Македонија. Овие концертни настани  секогаш ги дочекуваме со наклонетост кон младите и талентирни изведувачи.  Како дел од програмската концепција на „Златна лира“  настанот секако заслужува пофалба за организаторите на фестивалот, а тоа се наши  истакнати музички уметници со голем уметничко – сценски опус, кои со особена одговорност  посветуваат внимание во негувањето на младите музички уметници. Така, оваа концертна вечер публиката имаше убава можност да проследи два концерти на добитниците на Наградата на СМУМ, саксофонистот Ѓорѓи Димовски и пијанистот Андреј Шаклев, освоени со учество на меѓународниот натпревар на млади музичари „Охридски бисери“. Во нивните настапи ја согледавме вредноста на напорната работа, дисциплината и темелната подготовка на изведените дела. Претставената програма содржеше дела од светската литература и дела од творештвото на македонскиот композитор Томислав Зографски, кои неретко се дел од содржините застапени уште во текот на едукацијата, а воедно се одликуваат по нивниот исклучителен обем, техничка и интерпретативна сложеност  и се суштински дел од репертоарот на реномирани музички уметници.
Саксофонистот Ѓорѓи Димовски, студент на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф.Нинослав Димов е добитник на повеќе државни и меѓународни награди, соработувал со Македонската филхармонија, Камерниот и Дувачкиот оркестар од Битола и остварил настапи во повеќе европски земји и учества на семинари со реномирани саксофонисти. Тој на овој концерт настапи со истакнатата пијанистка Маја Божиновска која бележи успешна децениска педагошка дејност во Државното музичко училиште во Битола и концертно делување на домашните и меѓународни сцени како солист и камерен музичар со остварени настапи на повеќе фестивали кај нас и во Европа и издаден албум со дела од Ј. Брамс со камерниот состав Velkro Piano Trio. Тие се претставија со Соната за алт саксофон од Р. Муцзунски, Дивертименто од Р. Боутри, Пет дела за саксофон од Т. Зографски, Chant du Menestrel оп.71 од А. Глазунов и Prelude, cadence et finale од А. Десенклос. Во изведбата на делата Ѓорѓи Димовски претстави музицирање со чувство за внимателно оформени музички фрази и палета на динамички елементи. Целосниот впечаток за изведбата на делата го надополни рафинираната изведба на Маја Божиновска во однос на тонската рамнотежа, меѓусебната усогласеност и стилски соодветната интерпретација на делата. Како гостин на концертот настапи флејтистката Ана Трсунова, добитничка на Наградата „Томислав Зографски“ на натпреварот „Охридски бисери – 2025“ остварувајќи  креативна изведба на делото Инвенција „Сиринкс“ оп. 8 од композиторот Т. Зографски.
На вториот концерт од фестивалската вечер настапи македонскиот пијанист Андреј Шаклев, кој живее и делува во Италија. Неговата едукација се одвивала на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена, на Моцартеум во Салцбург и на Royal College of Music во Лондон. Покрај освоените бројни награди на меѓународни натпревари, тој одржал солистички рецитали кај нас и низ Европа, меѓу кои и настап со Филхармонискиот оркестар „Das Beiras“ во Португалија. Во изведбата на делата Ich ruf zu dir  од Бах/Бузони, 4 Балади од Ф.Шопен и Соната бр. 2 од С. Рахмањинов со кои Андреј Шаклев се претстави оваа концертна вечер, тој претстави техничко – интерпретативни вештини со убедливост во интерпретацијата на мелодиско – ритмичките структури и стилските одлики на делата.
За младите музички уметници Ѓорѓи Димовски – саксофон и Андреј Шаклев – пијано настапот во рамките на фестивалот „Златна лира“ е значајна платформа за претставување пред нашата публика. Како дел од циклусот на концерти, тие имаа можност да бидат застапени во програмските содржини на фестивалот заедно со реномирани музички уметници кои остварија исполнителска уметност која публиката ќе ја памети. Со ваков одговорен пристап и амбиција, младите музички уметници Ѓорѓи Димовски и Андреј Шаклев остварија концертни настапи со голема мотивација и суверена интерпретација на делата. Нивниот настап предизвика восхит и пофалби кај публиката, која  младите и талентирани музички уметници несебично ги награди со поддршка и искрени желби за остварување на понатамошен професионален растеж и градење на успешни музички кариери.
 
Мирјана Павловска - Шулајковска