Творечко остварување со интерпретативна зрелост

Свеченото затварање на 19 - то издание на фестивалот „Златна лира“ беше одбележано со доделувањето на традиционалната награда „Златна лира“ од Сојузот на музички уметници на Македонија. Оваа година, добитник на Наградата за животно дело е кларинетистот Стојан Димов, а Наградата за врвни достигнувања во 2024 година и’ беше доделена на мецосопранистката Александра Коцевска. Со концертот на истакнатиот македонски пијанист Глигор Гелебешев последната фестивалска вечер претставуваше убаво осмислено програмско заокружување на фестивалот „Златна лира“.

Долгогодишното дејствување започнато во родниот град Гевгелија, а потоа продолжено во Скопје, Академијата за уметности во Нови Сад во класата на проф. Јокут Михајловиќ и магистратурата на Факултетот за музичка уметност во Скопје, доведува до остварена значајна солистичка и камерна дејност на пијанистот Глигор Гелебешев. Во стекнатото уметничко искуство на овој пијанист ги бележиме и освоените бројни награди на домашни и меѓународни натпревари, концертни настапи и мајсторски курсеви кај реномирани пијанисти како Евгениј Тимакин, Арбо Валдма, Владимир Крпан, Икуко Едно, Јокут Михаиловиќ и соработка со голем број истакнати музички уметници. Особено истакната е дејноста во пијано – дуото со сопругата Катерина Костадинова – Гелебешева. Како еден од нашите најрепрезентативни камерни состави, уште од периодот на неговото формирање во 2001 година, двајцата истакнати македонски пијанисти континуирано настапуваат на најзначајните фестивали кај нас, во повеќе европски земји и САД, со издадени два компакт – дискови и остварени бројни снимки за Македонската радио – телевизија. Во областа на солистичкото делување, истакнатиот македонски пијанист Глигор Гелебешев во 2021 година го издаде својот прв компакт диск со дела од Шопен, Рахмањинов и сопствени композиции, а во областа на долгогодишната активна тридецениска педагошка дејност во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ тој бележи успеси со многу генерации на ученици и значајно придонесува за развојот на младите пијанисти како член на жири комисии на натпревари во Македонија и странство. Оваа концертна вечер Глигор Гелебешев не’ насочи кон неговиот креативен сенс за обединување на широк дијапазон на музички елементи, определувајќи се за програмска содржина од доцниот романтизам со ремек дела од пијанистичката литература на руските композитори Александар Скрјабин и Сергеј Рахмањинов.

Во создавањето на целовитоста на музичката креација на Глигор Гелебешев, овие композициии претставуваа ризница за творечко остварување со интерпретативна зрелост. Со мошне студиозен пристап тој навлезе во интерпретацијата на Соната оп. 23 од А. Скрјабин. Во обемната циклична структура од четири става Drammatico, Allegretto, Andante, Presto con fuoco, во интерпретацијата на Сонатата, Гелебешев создаде чувство на единство и континуирана нарација. Истакнувајќи ги содржинските елементи во неа, преку следењето на темите и нивното развивање низ богатата и неразделна мелодиско - хармонска структура и хроматизам, изведбата на Глигор Гелебешев оствари приод кон универзалната визија на Скрјабиновата творечка естетика.

Со интерпретација која се одликуваше со истенчена динамичка слоевитост ја проследивме изведбата на атрактивното Ноктурно оп. 9 бр.2 (за лева рака) од А. Скрајабин. Во сложената структура на течни мелодиски линии и хармонски основи кои создаваат целина, Глигор Гелебешев создаде музичка градација и нијансирана кохезија со широк спектар на тонални бои. Со интегрална целина во другиот програмски дел на концертот Глигор Гелебешев претстави суштествена интерпретација на Прелудиумите бр.4 и 5 и Музичките моменти оп.16 бр.3, 4, 5 и 6 од С.Рахмањинов. Мошне студиозно и со толкување на програмските идеи на делата за кои се смета дека имаат автобиографски печат, Глигор Гелебешев создаде раскошен тонски простор во изведбата на овие творби. Тој претстави интерпретација со одлика на широк звучен спектар низ кој суверено се движеше низ лирските мелодии со богати хармонии во Прелудиумот бр.4 честопати споредуван со ноктурно и енергичниот карактер на Прелудиумот бр.5. Со силен емотивен израз Глигор Гелебешев ги изведе Музичките моменти бр.3, 4, 5 и 6 со приказ на мелодиско – содржинските контрасти од меланхолични, драматични промени и виртуозни мелодиски фигури, преку умешни фразирања на мелодиската структура со својство на баркарола и возвишена завршница со сложена интеркција во музичката структура во овие дела.

Во серијата одлични концертни настани кои ги проследивме во рамките на фестивалот „Златна лира“ и оваа концертна вечер остави силен впечаток кај публиката. Пијанистичкиот лик на Глигор Гелебешев е дел од мозаикот на современата македонска исполнителска уметност, а неговиот настап и на овој настан претставуваше впечатливо остварување со емоционална длабочина и интерпретативна зрелост.

Мирјана Павловска - Шулајковска