Кон отварањето на фестивалот „Златна лира“ 2026 и концертот на Дуо „Милонга“
Александра Кировска – гитара и Дејан Лазаревски - гитара
И оваа година во периодот од 14 до 28 октомври нашата културна средина ќе биде збогатена со уште едно издание на реномираниот фестивал на камерна музика „Златна лира“ кој се одржува во организација на Сојузот на музичките уметници на Македонија. Веќе дваесет и една година фестивалот „Златна лира“ како интегрално осмислен настан кон програмските вечери, концертни програми и одлични уметници ја потврдува традицијата и препознатливиот уметнички печат кон поддршка и промоција на врвните достигнувања во домашното исполнителство. Во текот на континуираното дведецениско одржување пред нашата музичка јавност настапија значаен број на музички уметници со високи интерпретативни достигнувања, градејќи ја значителната репутација на фестивалот „Златна лира“. Програмата на овогодишниот фестивал обединува осум концертни вечери со настап на македонски музички уметници, кои ќе прикажат широка палета на концертна програма. Оваа година добитници на традиционалната наградата Златна лира се истакнатите македонски пијанистки Даница Стојанова - за врвни уметнички достигнувања и за животно дело која постхумно се доделува на Рита Трпчева - Поповиќ за остварен исклучителен придонес во музичката уметност.
Првата концертна вечер на фестивалот, одржана во салата на Музејот на револуционерната борба, претставуваше посебно интересен настан со настапот на Дуо „Милонга“ во состав Александра Кировска – гитара и Дејан Лазаревски – гитара. Музицирањето и интерпретацијата на композициите за две гитари претставуваа особено занимлив концерт кој публиката го проследи со внимание.
Градејќи солистичка и камерна активност Дејан Лазаревски бележи низа учества како предавач на семинари за класична гитара, проекти, солистички концерти и концертни настапи во различни формации на повеќе културни настани на нашите концертни подиуми и во Норвешка. Остварувајќи педагошка дејност во ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ и Музичката академија при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, овој уметник особено внимание насочува кон изведувањето, ансамбловата соработка и развојот на младите музичари. Како уметник изнедрен од нашата средина и семејство со значајна музичка дејност, Александра Кировска студиите на музичката академија при УГД ги завршува токму во класата на проф. Дејан Лазаревски со највисока оцена и студент со највисок просек на Универзитетот. Остварувајќи бројни концерти, натпревари и семинари уште во текот на школувањето и потоа, таа бележи настап како солист со Македонската филхармонија и низа солистички концерти низ земјава, во Сараево, Њујорк, Белград, Истанбул, Северен Кипар. Покрај класичната гитара Александра Кировска остварува стремеж и кон електрична гитара изведувајќи неокласичен и други музички стилови, изработувајќи аранжмани и негувајќи разновиден жанровски изведувачки пристап. Заедничката соработка на Дејан Лазаревки и Александра Кировска како камерен состав дуото „Милонга“ од 2024 година продолжува со низа концерти во нашата земја.
Настапот на дуото „Милонга“ како прв од низата концерти на фестивалот „Златна лира“ претставуваше пример на камерно музицирање со меѓусебна компатибилност и музички сензибилитет. Со изборот на програмата и изведбата на делата, Александра Кировска и Дејан Лазаревски остварија успешна концертна вечер и впечатливо отворање на фестивалот.
Тие се претставија сo дела за две гитари од: Jj .T. Morales: Milonga Argentina, M. D. Pujol: Café para dos, Tres Piezas de otono, J. K. Mertz: Tarantele, A. Piazzola: Libertango, Z. Abreu: Tico Tico, V. Ivanovic: Balkan Express. Започнувајќи го концертот со познатото дело Milonga Argentina од аргентинскиот композитор и гитарист Х.Т. Моралес, уметниците Александра Кировска и Дејан Лазаревски претставија интерпретација со одлично балансирање помеѓу ритмиката и рамнотежата на мелодијата оживувајќи го движечкиот карактер на танцот. Композицијата Café para dos создадена за дует на класични гитари, уметниците ја изведоа со техничка прецизност во изведбата на комплексниот ритам со синхронизација на музичката содржина. Преку изведбата на трите става на композицијата Tres Piezas de otono од аргентинскиот композитор M. D. Pujol, уметниците Александра Кировска и Дејан Лазаревски ја претставија специфичната музичка содржина на отсликувње на есенската атмосфера со постојан дијалог и динамички елементи на двата инструмента. Изведбата на Мерцовата Тарантела како симбиоза на италијанската традиција и изведувачка умешност беше изведена со голема ритмичка прецизност и динамичко обликување. Со ваков акустичен дијалог и музички фразирања беше изведена и композицијата Libertango, а со посебен изведувачки шарм уметниците ја изведоа популарната композиција Tico Tico. Особена оригиналност уметниците прикажаа во изведбата на композицијата Balkan Express од композиторот и гитарист В. Ивановиќ во музичкото патување низ различните звуци и ритми на балканските народи.
Уметниците Александра Кировска и Дејан Лазаревски оваа концертна вечер претставија изведба на делата со исклучителна рамнотежа во мелодиската линија и ритмичката придружба, со лиричност и стабилен пулс, техничка прецизност и артикулација со моменти на нагласени контрасти онаму каде изискува содржината на делата, стабилна интонација, интерпретација која го нагласува карактерот на делата и изведени технички и структурни елементи на партитурите.
Настапот на дуото „Милонга“ на фестивалот „Златна лира“ го носеше печатот на интерпретативна карактеристика со меѓусебна изведувачка кохерентност, музицирање со творечка хармонија и интеракција со публиката. Во иднина посакуваме нивните настапи да се одвиваат и на меѓународните концертни подиуми како потврда на високото ниво на музицирање на нашите уметници, а впрочем тоа од нив и го очекуваме.
Мирјана Павловска - Шулајковска