Кон концертот на Трио „Интерарт“:
Александар Стефановски – флејта
Емилија Ристевска - Стефановска – флејта
Татјана Божиновска - пијано
Циклусот концерти на 21-то издание на фестивалот на музичките уметници на Македонија „Златна лира“ продолжи со настапот на триото „Интерарт“. Настапот на истакнатите македонски музички уметници Александар Стефановски – флејта, Емилија Ристевска - Стефановска – флејта и Татјана Божиновска – пијано, кои ја сочинуваат денешната формација на триото „Интерарт“ претставуваше пријатна можност за публиката да проследи уште една успешна фестивалска вечер. Во текот на долгогодишното делување уште од 1997 година, камерниот состав „Интерарт“ оствари значајни концертни настапи на повеќе фестивали, натпревари и музички настани во нашата земја и на меѓународната сцена. Настапите на фестивалите „Охридско лето“, „Денови на македонска музика“, „Интерфест Битола“ „Хераклејски вечери“, „Струшка музичка есен“, „Битфест“ и др. се одвиваат во континуитет и со гостувањата на коноцертните подиуми во Франција, Италија, Германија, Грција, Норвешка, Хрватска, Турција, Малта и САД.
Уште од почетокот на концертот публиката беше воведена во инспиративните музички остварувања на триото „Интерарт“. Изведбата на делото Three Dances од американскиот композитор и флејтист Г. Шокер претставуваше интерпретација во која уметниците претставија различни интроспекции преку флуиден дијалог на динамичко отстапување и надополнување на тонската боја помеѓу инструментите, со прекрасно дополнување на музичките фрази, преку лирски емотивен приказ во вториот став и одлична прецизност во изведбата на возбудливиот трет став. Со интерпретативна вештина, експресија и одлична пулсација тие создадоа баланс и кохерентност во изведбата на делото Ивино од композиторот М. Виденовиќ. Изведбата на делото Marbella Fantasy од рускиот композитор и обоист А. Рубцов, создадено во 2004 година, претставуваше успешна музичка интерпретација со техничка прецизност и интерпретативна ширина. Членовите на триото „Интерарт“ прикажаа интерпретација со убава суптилност и флексибилност во фразирањето и прикажувањето на контрасните музички слики и расположенија од впечатливиот вовед на делото, рефлексија на атмосфера со убаво изведено рубато и брзите ритмички структури, акценти, динамика и интерпретативни премини со кои создадоа креација која претставуваше своевиден музички пејсаж. Високо ниво на камерна усогласеност членовите на триото „Интерарт“ остварија и во изведбата на делото Трио од францускиот композитор Ж. М. Дамаз. Како особено ценета композиција во областа на камерната музика за дувачки инстртументи со структура од четири става, таа беше изведена со особено внимание кон тонскиот израз, динамичка флексибилност и меѓусебно надополнување на тројцата музичари.
Флејтистите Александар Стефановски и Емилија Ристевска – Стефановска остварија одлична симбиоза во заедничкото музицирање. Со истенчена мера во градењето на тонските промени во делата тие со особено внимание ја насочија музичката интерпретација кон прекрасно уедначување и на тонската обоеност и на техничката артикулација во изведбата на делата. Флејтистите Александар Стефановски и Емилија Ристевска – Стефановска изведоа прекрасно изградени мелодиски лини и музички фрази со тонска јасност и флуидност, а наместа и тонска диференцијација според музичката содржина на делата, прикажувајќи широк динамички распон, тонска ширина и виртуозност во изведбата.
Пијанистката Татјана Божиновска оствари мошне инспиративен удел во изведбата на обемните пијанистички делници со контрола на динамичкиот опсег на пијаното, внимавајќи на тонската боја и регистар на флејтите, притоа обединувајќи ја ритмичката пулсација на ансамблот, рамноправниот музички дијалог помеѓу инструментите, одлично создадената хармонска подлога, изведените брзи и комплексни пијанистички фактури во композициите и придонес кон целосното оформување на звучната атмосфера во изведбата на делата.
Оваа концертна вечер триото „Интерарт“ прикажа мошне сериозен пристап во изведбата на музичките дела и нивната содржина. Меѓусебната соработка на тројцата истакнати уметници претставуваше камерно музицирање со широка палета на изведувачко искуство, творечка слоевитост и интерпретативна зрелост.
Мирјана Павловска Шулајковска