Концертна вечер со широк спектар на творечки израз

Кон концертот на Бранко Павловски - кларинет и Наташа Трбојевиќ - пијано

И оваа година концертните вечери во рамки на фестивалот за камерна музика „Златна лира“ создаваат платформа за остварување на значајни уметнички вредности. Tретата фестивалска вечер со настапот на уметниците Бранко Павловски – кларинет и Наташа Трбојевиќ – пијано, беше можност публиката да проследи музички настан со студиозен пристап кон програмската содржина и широк спектар на творечки израз. 

Во богатата уметничка активност на кларинетистот Бранко Павловски бележиме значаен број на остварени концертни настапи и фестивали кај нас и на странските концертни сцени во САД, Франција, Англија, Германија, Чешка, Полска, Унгарија, Италија, Турција, Бугарија, Грција, Хрватска, Србија, Албанија, соработки со повеќе оркестри и ансамбли во Батон Руж, Версај, Прага, соработки со повеќе камерни состави - Скопскиот дувачки квинтет, квинтетите „Арт“ и „Нова“, „Трио Академико“, Академското дувачко трио, одржани семинари и мастер класови на Универзитетите во Острава, Лузијана, Тирана и добиени награди од областа на културата и музичката уметност. Значајната уметничка активност на пијанистката Наташа Трбојевиќ се одвива преку реализацијата на бројните настапи и соработки со истакнати музички уметници - Златка Митева, Васо Ристов, Благица Поптомова, Анѓела Братиќ, Карел Донхал и др. Во континуираната соработка со флејтистката Златка Митева остварува успешни концертни настапи во нашата земја и на меѓународните подиуми во Германија, Бугарија, Њујорк, Италија, Хрватска, Србија Турција.

Делувањето на пијанистката Наташа Трбојевиќ во камерниот состав „Трио Академико“ се одвива и со постојаните настапи со овој камерен состав на  фестивалите и манифестациите - „Св. Софија“ во Охрид, Штипско културно лето, Скопско лето, „Промузика“, Фестивал на соверемена музика, „Интервокс“ во Хрватска и концерти во Србија, Унгарија, Бугарија, Албанија, Турција, Германија, Чешка, САД. Заедничката дејност со уметниците Васо Ристов, Благица Поптпмова, Златка Митева и Бранко Павловски бележи и издадени носачи на звук. Паралелно со уметничката активност кларинетистот Бранко Павловски и пијанистката Наташа Трбојевиќ остваруваат и педагошка дејност на Музичката академија на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. 

Нивниот настап на овогодишното издание на фестивалот „Златна лира“ беше обележан со програмска концепција која ги истакна изведбените вештини и искуство на уметниците. Бранко Павловски и Наташа Трбојевиќ се претставија со дела од познати светски и македонски композитори кои се неопходен и важен дел од изведувачкиот репертоар на кларинетистите. На овој концерт ја проследивме композицијата Cantillene од познатиот француски кларинетист и композитор L. Cahuzac, делото Duo for clarinet and piano op.15 од германскиот композитор N. Burgmuller, композицијата Балада од рускиот композитор Л. Перминов, антологиската композиција Sonata in Es од македонскиот композитор Б. Цанев, Introduction and Rondo op. 72 од францускиот композитор Ch. M. Widor и композицијата Romanza од современиот италијански композитор и диригент M. Mangani.

Уште на почетокот на концертот со изведбата на композицијата Cantillene, публиката беше воведена во рафинирана интерпрација на делото, со топла и стабилна тонска емисија на оваа позната минијатура за кларинет и пијано, инсприрана од пејсажите на регионот во јужна Франција. Уметниците претставија интерпртативно искуство и со изведбата на популарното Дуо за кларинет и пијано во Е-дур оп. 15. од Н. Бургмилер, остварувајќи музички дијалог и следејќи ги промените во темпото при преплетувањето на темите, промената на расположенијата и виртуозните делници во делото. Во изведбата на Баладата од Леонид Перминов, едно од најизведуваните дела за кларинет и пијано, Бранко Павловски и Наташа Трбојевиќ навлегувајќи во музичката содржина на делото преку експресивните лирски делови  и техничките комплексни пасажи остварија интерпретација со личен емотивен печат. Со особена прецизност уметниците го изведоа делото Introduction et Rondo, Op. 72 од Ch. M. Widor, напишано во 1898 г. за натпревар на Парискиот конзерваториум. Во заедничкото музицирање Бранко Павловски и Наташа Трбојевиќ прикажаа изведувачки и технички вештини во изведбата на брзите премини, профинетата експресивност во воведот на делото и разиграниот и брилијантен карактер на рондото. Со посебен пиетет и тематска поврзаност на ставовите, уметниците jа изведоа Sonata in Es од македонскиот композитор Благој Цанев, eдно од најзначајните и најистакнати дела на македонската продуктива за кларинет и пијано. Композицијата Romanza од M. Mangani беше изведена со долги мелодиски фразирања и хармонска поддршка, со кои Бранко Павловски и Наташа Трбојевиќ создадоа високо ниво на експресивност во интеретацијата на делото.

Оваа концертна вечер кларинетистот Бранко Павловски оствари стилски соодветни изведби на делата со одлична тонска контрола во лирските делови, прецизна артикулација и виртуозност во комплексните технички и уметнички интерпретации на делата. 

Со богатото изведувачко искуство, пијанистката Наташа Трбојевиќ мошне умешно балансираше помеѓу взаемната синхронизација и рамноправноста на изведувачките делници во композициите со што придонесе за вкупниот впечаток и успешна интерпретација на изведената програма.

Кларинетистот Бранко Павловски и пијанистката Наташа Трбојевиќ остварија концертна вечер со висока култура на камерно музицирање како потврда на нивниот повеќегодишен континуиран творечки израз. Дејноста на истакнатите македонски музички уметници Бранко Павловски и Наташа Трбојевиќ претставува значаен придонес во развојот на репродуктивната уметност кај нас. 

Мирјана Павловска Шулајковска