Интерпретација со креативен сенс

Кон концертот на ДУО ПИЈАНО: Јасна Аврамовска и Дарко Мариновски на „Златна лира“ 2026

Во циклусот концертни вечери на фестивалот „Златна лира“ публиката имаше пријатна можност да го проследи настапот на Дуо пијано – Јасна Аврамовска и Дарко Мариновски. Воедно, овој настан претставуваше убав повод во одбележувањето на десетгодишниот јубилеј од заедничката соработка на пијанистите. Во нивното уметничко делување македонските пијанисти Јасна Аврамовска и Дарко Мариновски остваруваат континуирана концертна и педагошка дејност. Во дејноста на пијанистката Јасна Аврамовска како солист, камерен музичар, корепетитор и педагог, бележиме настапи на повеќе настани и фестивали на домашните и странски концертни сцени, соработки  со уметниците Рахилка Бурзевка, Томислав Димов, Никола Атанасов, Марко Јосифовски, Славица Галиќ, Весна Гиновска, Татјана Петрушевска, Емилија Аврамовска, Љупчо Коскаров, Благој Ангеловски, Валери Стефановски, Васо Ристов, Александар Кузмановски, настапи во дуо со пијанистите Славица Мицовска и Дарко Мариновски, остварени аудио, видео снимки и носачи на звук.

Концертните активности и дејноста во областа на камерното музицирање, педагошката дејност како професор по пијано и корепетиција, пијанистот Дарко Мариновски ги проширува и со интересот кон композицијатата, каде на Факултетот за применета музика при Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА предава композиција со филмска и театарска музика, пијано, модална хармонија и музички стилови. Во неговото делување тој е активен и како аранжер, а се вбројуваат и остварувања на авторска музика за филм и театар.

Оваа концертна вечер Јасна Аврамовска и Дарко Мариновски се претставија со интересна програмска концепција составена од  транскрипции на дела од светската литература и  композиции пишувани за пијано дуо. Неретко овие програмски определби се  дел од концертниот репертоар на пијанистичките дуа и предизвикуваат интерес кај публиката. 

На почетокот на настанот ја проследивме изведбата на Баховиот Брандербуршки концерт бр.3. Со ритмичка прецизност и транспарентна  звучна естетика двајцата пијанисти остварија интерпретација со динамичен карактер на барокниот концерт, умешен дијалог во проследувањето и преплетувањето на тематскиот материјал и синхронизирана тонска звучност. 

Во интерпретацијата на едно од најистакнатите дела на пијанистичката литература, Шубертовата Фантазија во f-moll D.40, Јасна Аврамовска и Дарко Мариновски претставија звучна кохезија со експресивен уметнички израз во оформувањето на тематската содржина, контрастните премини и комплексното финале на делото.

Пијанистите Јасна Аврамовска и Дарко Мариновски  со особен интерес ја изведоа увертитарата Ромео и Јулија од италијанскиот композитор В. Белини. Со изразено чувство во доловувањето на оркестарската звучна димензија, тие претставија експресивна и драматуршки обликувана интерпретација.

Изведбата на Двете симфониски пиеси оп.14 од Е. Григ претставуваше камерно музицирање со умешна синхронизација и внимателно балансирање на звукот во претставувањето на лирските мелодиски линии, стабилна хармонска подлога, техничка прецизност и ритмичка изедначеност на делото.  

Пијанистите Јасна Аврамовска и Дарко Мариновски оваа концертна вечер остварија камерно музицирање со кохерентност во изведбата на делата и меѓусебно музицирање со внимателно фразирање, взаемна ритмичка пулсација, остварен широк динамички опсег и еднакво согледување на интерпетативната визија. Следејќи ја музичката содржина на делата, уметниците претставија изведба со соодветна тонска ширина на хармонските промени и мелодиските движења со кои Јасна Аврамовска и Дарко Мариновски создадоа убава акустична рамнотежа и интерпретација со креативен сенс. 

Публиката со топол аплауз го награди настапот на пијанистите Јасна Аврамовска и Дарко Мариновски, посакувајќи им понатамошна соработка и успешна дејност која во иднина ќе бележи значајни јубилеи.

Мирјана Павловска Шулајковска