Концертна вечер со софистициран музички израз

Кон концертот на Момчило Куфојанакис - виолина и Весна Ангелова Христов - пијано на „Златна лира“ 2026

Во циклусот концертни вечери на тековното издание на фестивалот „Златна лира“, го проследивме настапот на виолинистот Момчило Куфојанакис и пијанистката Весна Ангелова – Христов. Нивото  претставување пред нашата културна јавност беше настан кој побуди интерес кај публиката поради претставената музичка содржина и забележителното интерпретативно ниво на уметниците.

Настапот на Момчило Куфојанакис и Весна Ангелова – Христов претставуваше уште едно инспиративно остварување, а воедно и потврда на традицијата и уметничкиот печат  на фестивалот „Златна лира“ кон поддршка и промоција на високи достигнувања во домашното исполнителство.

Започнатата едукација во образовните музички институции кај нас, виолинистот Момчило Куфојанакис ја продолжува на Државниот конзерваториум „А. К. Глазунов“, каде во класата на истакнатиот уметник К.Ј.Векслер во 2015 година ги завршува магистерските студии. Следејќи низа мастер – класови под раководство на истакнати педагози, од периодот на 2004 година  Момчило Куфојанакис остварува и континуирана рецитална дејност честопати во соработка на пијанистката Весна Ангелова – Христов, настапи како солист со оркестри кај нас и на концертните подиуми во Русија, Бугарија, Кина, САД, Турција, Албанија. Пијанистката Весна Ангелова – Христов магистерските студии ги завршува на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на реномираната пијанистка Рита Кинка. Со учества на низа семинари, награди на државни и меѓународни натпревари, таа остварува активна концертна дејност како солистка и камерен музичар во нашата земја и на концертните подиуми во повеќе европски земји и САД. Остварувајќи педагошка дејност како професор по пијано и камерна музика, Весна Ангелова – Христов како пијано соработник континуирано ги поддржува младите музички уметници на натпревари, семинари и на концертните подиуми.

Оваа фестивалска вечер беше програмски определена со дела кои со нивната емоционална длабочина и технички предизвици претставуваат високо рамниште во литературата за виолина и пијано.

Концертот започна со изведбата на Моцартовата Соната за виолина и пијано во е – moll. Создадена во 1778 година, како единствена соната за виолина и пијано напишана во молски тоналитет во композиторовиот опус, таа претставува едно од Моцартовите најистакнати камерни дела. Интерпретацијата на Момчило Куфојанакис и Весна Ангелова – Христов претставуваше насочено внимание кон музичката содржина на делото, со звучна рамнотежа и суптилност во изведбата при доловувањето на композиторовата  интимна  интроспекција  на загуба и тага.

Чаконата од италијанскиот композитор Т. Витали беше изведена со особена изразност и тонски раскош. Интерпретацијата на ова дело претставуваше приказ на тонска култура во мелодиските фразирања и постепеното градење на динамичкиот обем со исклучителна топлина во тонскиот израз на Момчило Куфојанакис. Накратко, задоволство беше да се слуша одличната изведба на ова дело. 

Публиката со особен интерес ја проследи интерпретација на виолинската соната Ѓаволски трилер од Ѓ. Тартини, едно од најсложените дела во музичката литература кои претставуваат сериозен предизвик за уметничко – техничка изведба и подготвеност. Со прецизност во изведбата, посебно во финалето на композицијата и исклучителната каденца Момчило Куфојанакис претстави интерпретација со чиста интонација и виртуозна изведба.

Со аудитивна сензибилност и убави динамчки нијансирања Момчило Кифојанакис и Весна Ангелова – Христов ја изведоа творбата Анданте од истакнатиот македонски композитор Стојан Стојков.  Изведбата на Сонатата за виолина и пијано во a- moll од Ф. Шуберт претставуваше интерпретација на структурирана целина на ставовите со убави модулативни премини, суптилност во изнесувањето на експресивните мелодиски линии во вториот став, ритмичката пулсација во менуетот и финалето, изведени со убава мерка помеѓу класичната воздржаност и емотивните отсјаи на раниот романтизам.

Концертот беше заокружен со изведбата на концертантното дело за виолина и пијано Интродукција и рондо капричиозо од францускиот композитор К. Сен – Санс, компонирано во 1863 година и посветено на шпанскиот композитор и виолинист Пабло Сарасате. Момчило Куфојанакис и Весна Ангелова – Христов оваа позната и често изведувана композиција која претставува посебен предизвик за изведувачите, ја изведоа со естетски израз во интродукцијата и виртуозен карактер на рондото. 

На овој настап виолинистот Момчило Куфојанакис оствари интерпретација со уметнички израз кој допре до чувствителните подрачја на творечката семантика. Со студиозниот пристап кон проникнување во музичките партитури, структурата на делата, уметничко - технички прецизната изведба  Момчило Куфојанакис оствари творечки чин  со вообличена уметничка целина. Токму оваа рамнотежа помеѓу формата на делата и нему својствената автентична мелодиска експресивност и топлина, ја создаваат карактеристиката на уметничкото создавање на Момчило Куфојанакис како интерпретација со софистициран музички израз.

Пијанистката Весна Ангелова – Христов со сигурност и концентрација во изведбата на пијанистичките делници на делата го одржуваше звучниот баланс помеѓу виолината и пијаното. Мошне одмерена во следењето на музичките фрази и динамичките премини, со прецизност во следењето на процесот на заедничката соработка, таа придонесе кон успешно оформување на музичката целина на делата.

Мирјана Павловска Шулајковска