И оваа година во низата концертни вечери од програмската концепција на фестивалот „Златна лира“ на кои настапуваат истакнати македонски музички уметници, имавме можност да го проследиме и концертот на млади музичари. Овие настани секогаш ги дочекуваме со поддршка на нивната активност и пофалба за организаторите кои континуирано во фестивалските изданија на „Златна лира“ отстапуваат простор на настап, а воедно и континуирано внимание и поддршка кон негувањето на младите музички уметници.
Оваа концертна вечер публиката имаше можност да ги проследи настапите на младите уметници кои се студенти на факултетите за музичка уметност во Скопје и Штип, кои студииите ги следат во класите на проф. Бранко Павловски, проф. Страшо Темков и проф. Љубиша Кировски. Програмата беше составена од дела од светската литература и македонски композитор, опсежни по нивната музичка содржина и техничко – исполнителските предизвици и претставуваат дел од наставната програма во текот на едукацијата.
Концертот започна со настапот на кларинетистот Давид Петрушев и пијанистката Наташа Трбојевиќ со изведба на дела во обем на полурецитален настап. Кларинетистот Давид Петрушев и пијанистката Наташа Трбојевиќ се претставија со Рондо од М. Валчанов, Концерт за кларинет бр.2 во Es – dur оп.74 од К. М. фон Вебер и Соната од македонскиот композитор Благој Цанев. Кларинетистот Давид Петрушев прикажа мемориска сигурност, техничка подготвеност и почитување на стилските определби во интерпретацијата на делата која успешно беше оформена со значајното интерпретативно искуство на пијанистката Наташа Трбојевиќ.
Настапот на флејтистките Ана Трсунова и Јосипа Василевска и пијанистот Давид Павиќ претставуваше инспиративна интерпретација на делото Maya од британскиот флејтист и композитор I. Clarke. Создадена во 1986 година а потоа преработена и објавена во 2000 година, флејтистките Ана Трсунова и Јосипа Василевска и пијанистот Давид Павиќ, композицијата Maya ја изведоа со убава флуидност на тонската емисија на звукот во музички обликувана целина.
Композицијата Greensleeves од E.Monroe – A.Zonjic творечки инспирирана од една од најпознатите англиски традиционални мелодии, во изведба на флејтистките Барбара Гиноска и Ана Матеска и пијанистката Јована Арсоска претставуваше интепретација во која младите уметници остварија умешно оформување на мелодиските фрази, меѓусебниот музички дијалог и стабилна хармонска подлога во претставувањето на делото.
Виолинистката Наталија Николовска и пијанистката Весна Ангелова – Христов остварија успешна интерпретација на делото Циган од францускиот композитор М. Равел. Сугестивната изведба на виртуозната рапсодија за виолина и пијано, претставуваше впечатливо заокружување на концертната вечер посветена на младите уметници.
Интерпретацијата на младите уметници се одликуваше со изведба на концертната програма во интегрална целина, со оформена структура на делата, со технички изработени и обликувани динамички елементи во изведбата, почитување на стилските определби на композициите и убави креативни искри во интерпретативниот израз.
Мирјана Павловска Шулајковска