Кон концертот на Лазар Соколов - саксофон и Емилија Кабранова Филипова - пијано на „Златна лира“ 2026
Во дведецениската континуирана реализација на програмските вечери на фестивалот „Златна лира“, нашата културна јавност имаше убава можност да проследи програмски вечери и концертни остварувања на македонски музички уметници во разнородни камерни состави.
Така и оваа година покрај настапите на дуо Милонга (дуо гитари Александра Кировска и Дејан Лазаревски ), Дуо Пијано (Јасна Аврамовска и Дарко Мариновски), настапот на Бранко Павловски – кларинет и Наташа Трбојевиќ – пијано, Момчило Куфојанакис – виолина и Весна Ангелова Христов – пијано и концертот на младите уметници, на концертната сцена во Музејот на македонската револуција го проследивме настапот на истакнатите уметници Лазар Соколов – саксофон и пијанистката Емилија Кабранова Филипова. Со остварени низа концертни настапи во нашата земја и на концертните подиуми во странство и остварувања во областа на музичката педагогија, нивната уметничка дејност бележи континуирана активност и значаен подем. Во поновите концертни програми на дуото Лазар Соколов – саксофон и пијанистката Емилија Кабранова – Филипова се застапени дела од класичниот репертоар, џезот и современото македонско творештво со што дополнително се исткнува интересот на уметниците кон изведба на различни музички стилови и изведувачки практики.
На настапот во овогодишното издание на фестивалот „Златна лира“ проследивме концертна програма од репертоарот за саксофон и пијано преку внимателно одбрани дела од француската и бразилската продуктива.
Концертот започна со изведбата на Ballade на францускииот композитор H. Tomasi. Инспирирана од литературното дело на поетесата Сузан Малар за чувството на меланхолија во животот на еден кловн, композицијата првично била создадена како дело за саксофон и оркестар во 1938 година, а потоа адаптирана за изведба со пијано. Композицијата претставува едно од значајните дела во репертоарот за саксофон со изразени неокласични и џез елементи во структурата. Лазар Соколов и Емилија Кабранова Филипова мошне сугестивно го претставија емотивниот контраст помеѓу надворешната маска и радост и внатрешната тага и осаменост на кловнот со експресивна интерпретација на меланхоличната мелодија, исклучителна артикулација во ритмичките промени, синкопирани пуслации и технички виртуозни пасажи со кои создадоа промена во атмосферата и евоцирањето на гротескните чувства на кловнот.
Во делото Divertimento на францускиот композитор R. Boutry интерпретативниот фокус беше насочен кон различните ритмички и изразни аспекти на трите контрастни става. Создадено во 1963 како задолжителна испитна композиција за испит на престижниот Париски конзерваториум, творбата претставува една од фундаменталните композиции во репертоарот за саксофон. Лазар Соколов и Емилија Кабранова Филипова остварија прецизна интерпретација во енергичниот прв став, убаво фразирање во пријатната блуз балада во вториот и виртуозност во изведбата на третиот став.
Со лирско – медитативна атмосфера и прекрасно тонско обојување ги проследивме творбите за пијано Зимска сонченива и Приспивна за Марика од цуклусот Во тивок модус на македонската композиторка Јана Андреевска во исполнение на Емилија Кабранова – Филипова.
Композицијата Fantasie - Pastorale за сопран саксофон и пијано од францускиот композитор и флејтист J. Demersseman во историскиот контекст на развојот на инструментот претставува едно од важните и оригинални дела напишани за сопран саксофон и пијано со цел да се прикажат изразните и технички можности на инструментот. Така и изведбата на Fantasie - Pastorale претставуваше интерпретација со посветла тонска боја, чиста интонација и динамички елементи со виртуозни каденци и рафиниран дијалог со пијаното.
Концертната вечер беше заокружена со изведбата на популарното дело Fantasia од бразилскиот композитор H. Villa Lobos. Уметниците со умешно стилски определен приод ја претставија енергијата на бразилската традиција вообликувана во рамки на западноевропскиот класичен музички израз. Во приказот на трите става со комплексни ритмички мотиви и полиритмија, долги лирски мелодиски линии и разигран и виртуозен карактер во третиот став со асоцијација на бразилската карневалска енергија Лазар Соколов и Емилија Кабранова – Филипова остварија интерпретација со завидно исполнителско искуство.
Публиката имаше пријатна можност да ги проследи инспиративните интерпретации на уметниците и синергијата на звучните карактеристики на саксофонот и пијаното во камерното музицирање на Лазар Соколов и Емилија Кабранова – Филипова.
Настапот на Лазар Соколов и Емилија Кабранова – Филипова претставуваше уште една потврда на значајните интерпретативни остварувања на уметниците и нивниот активен придонес во развојот на музичката култура кај нас.
Мирјана Павловска Шулајковска