Кон концертот на Александра Коцевска - мецосопран и Глигор Гелебешев - пијано / Свечено затворање на 21-та „Златна лира“
Последната вечер од овогодишниот циклус концерти на фестивалот „Златна лира“ помина во свечена атмосфера. Настанот беше посветен на доделувањето на традиционалните награди на Сојузот на музичките уметници на Македонија и настапот на Александра Коцевска – мецосопран и Глигор Гелебешев – пијано, кои беа минатогодишни добитници на наградата Златна лира.
По свечениот говор и обраќање на виолинистот Љубиша Кировски - претседател на Сојузот на музичките уметници на Македонија, беа доделени традиционалните награди. Оваа година наградата Златна лира која Сојузот на музички уметници на Македонија ја доделува за врвни уметнички остварувања во текот на минатата година ја доби нашата пијанистка Даница Стојанова за нејзините исклучителни уметнички остварувања и посветеност кон промоција на македонското музичко творештво на меѓународните концертни подиуми. Наградата Златна лира за животно дело постхумно беше доделена на истакнатата пијанистка и музички педагог Рита Трпчева – Поповиќ како признание за нејзиниот исклучителен придонес во развојот на македонската музичка уметност, концертниот живот, музичкото образование и остварени континуирани камерни партнерства на музичка сцена.
Настапот на мецосопранистката Александра Коцевска и пијанистот Глигор Гелебешев ги потврди високите естетски начела кои ова музичко дуо континуирано ги негува и развива уште од почетоците на нивната заедничка соработка во 2015 година. Во овој денециски период на делување дуото Александра Коцевска – Глигор Гелебешев бележи низа реализирани концертни настапи и стилски определен репертоар со фундаментални дела од литературата за глас и пијано, арии, традиционалниот сефардски мелос, дела од современи автори и посветено негување и интерпретација на дела од македонското вокално творештво.
Во изведбата на Четирите шансони од познатиот вокален циклус на францускиот композитор М. Равел инспирирани од шпанската, француската, италијанската и еврејската фолклорната традиција Александра Коцевска и Глигор Гелебешев остварија изнтерпртација со мошне рафиниран музички израз во претставувањето на разнородните мелодии со емоционална експресивност, оформени пеачки фрази и одлична дикција во вокалните делници и прецизност во ритмичката пулсација, остварување на линеарен контрапункт со вокалот и оформување на убава звучна атмосфера во пијанистичките делници.
Со особена изразност во истакнувањето на музичката мисла, динамичкото нијансирање и содржина, уметниците ги изведоа композициите Крај езеро и Каде да одам од македонските композитори Сотир Голабовски и Љубомир Бранѓолица.
Шесте романси од Ѓ.Верди, како збирка на соло песни за глас и пијано создадени во раниот период на Вердиевото творештво, Александра Коцевска и Глигор Гелебешев ги изведоа со интерпретативна концентрација и сензибилитет во приказот на психолошката драматика во содржината на творбите, со убаво развиени мелодиски фрази, драмски акценти и следење на вокалната мисла и агогика.
Мецосопранистката Александра Коцевска и пијанистот Глигор Гелебешев, со целосно оправдување и пиетет кон добиената минатогодишна награда од Сојузот на музичките уметници на Македонија и оваа година не’ почестија со прекрасна концертна вечер. Нивното активно делување претставува придонес кон развојот на музичката уметност кај нас.
Со реализираните програмски вечери и концертни програми и ова издание на фестивалот „Златна лира“ претставуваше продолжение на изградената дведецениска традиција и препознатливиот уметнички печат кон поддршка и промоција на домашното исполнителство.
Овогодишното дваесет и прво издание на фестивалот за камерна музика „Златна лира“ го резимираме со потврда за значајниот придонес на фестивалот во развојот на културата и музичката уметност во нашата земја, збогатени со музицирањето на уметниците кои настапија и постојано ги откриваат тајните на високите интерпретативни естетски начела.
Мирјана Павловска Шулајковска