Бранко Павловски

Бранки Павловски е македонски кларинетист со интернационална кариера и репутација. Во моментов тој е вонреден професор на Факултетот за музичка уметност на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Павловски докторирал на Факултетот за музичка уметност при Државниот универзитет на Луизијана во Батон Руж, САД, во класата на Роберт Дилутис, каде работел како асистент по кларинет се до 2011 година. Претходно во својата педагошка дејност работел како наставник по кларинет во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје.
 
За прв пат се запознава со кларинетот како инструмент и ги прави првите чекори во музичката уметност со помош на проф. Љупчо Тренчевски. Средно музичко образование завршил во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје. Дипломирал и магистрирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. Иван Кочаров. Се усовршувал на постдипломски студии на Државната музичка академија во Софија во класата на Петко Радев, на Академијата за музички уметности во Прага во класата на Штјепан Коутњик, Националниот конзерваториум во Версај во класата на Филип Купер, Националниот конзерваториум во Вил д’Авреј во Париз во класата на Доминик Видал. Во текот на своето образование Павловски својот музички профил го надоградува учествувајќи на семинари и мајсторски класови кај еминентни кларинетисти како: В. Блејни, Г. Данген, Д. Прескот, А. Хакер, Д. Кембел, М. Увајт, Ј. Пајц, В. Сејфарт, К. Лајстер, Р. Мекдауел, Л. Лудевиг–Вердер, Ч. Буроу, В. Мареш и др.
 
Како солист и камерен музичар Павловски настапувал во САД, Франција, Англија, Германија, Чешка, Полска, Италија, Бугарија, Грција, Хрватска, Србија и Македонија. Тој работел вo Батон Руж симфонискиот оркестар, Воениот оркестар на АРМ, а  истотака соработувал со Акадиана симфонискиот оркестар, Операта во Луизиана, Моцарт оркестарот во Прага, Ансамблот за современа музика на Националнот конзерваториум во Версај, Македонската филхармонија, ФЕИМС Оркестарот, ЛСУ Симфонискиот оркестар, ЛСУ Дувачкиот ансамбл и др. Настапувал на повеке фестивали во земјата и странство како што се: Фестивалот за современа музика во Батон Руж, MusiPoeSci во Париз, Интернационалниот музички фестивал во Дартингтон, Англија, Охридско лето, Скопско лето, Златна Лира, МодоАрс, Денови на македонската музика, Штипско лето, Манифестацијата по повод денот на словенските просветители „Кирил и Методиј“ во Рим, потоа преку програмите на КИЦ, Музичка младина на Македонија, и др. Тој бил член на повеќе камерни состави: дувачките квинтети „Арт“ и „Нова“, Скопскиот дувачки квинтет, Трио Академико, ЛСУ Кларинет квинтетот, ЛСУ Камерениот ансамбл, Академското дувачкото трио и др. Како промотор на современата музика Павловски има премиерно изведено повеќе нови дела за кларинет.
 
Павловски е лауреат на повеќе државни и меѓународни натпревари по музика и има добиено повеќе награди и признанија меѓу кои се издвојуваат: четири први награди на државните натпревари во Македонија, втора и трета награда на сојузните натпревари во поранешна Југославија, прва награда на МТНА натреварот по камерна музика во Хемонд, САД. Истотака, Павловски е добитник на Музичката награда на Луизијана, наградата „26 јули“ од Франк Манинг од Лондон за најдобар студент на Факултетот за музичка уметност во текот на учебната 1997/98 година, и пофалница по повод 50-годишниот јубилеј на УКИМ како признание за постигнат најдобар успех за време на студиите. Истата година, му е доделена и наградата „8 Октомври“ за постигнати значајни резултати од областа на културата и музичката уметност.