Кон свеченото затворање на фестивалот „Златна лира“ 2017 - Концерт на Момчило Куфојанакис - виолина и Весна Ангелова Христов - пијано

Десетте фестивалски денови и седумте концертни настапи на домашните и странски уметници на „Златна лира“ изминаа во прекрасно и содржајно славење на репродуктивната уметност како чин на силни и впечатливи сеанси со искрен и професионален однос кон музиката како вонвременска уметност која носи универзална порака каде и да се создава во мигот или доживува како уметничко вознесување. Ова бесценето чувство го доживувавме низ сите концертни вечери, секако и на последната фестивалска вечер која изобилуваше со свечена атмосфера на чинот на доделувањето на големото признание за секој уметник, наградата „Златна лира“.Таа годинава отиде во рацете на двајца еминентни, докажани и авторитетни имиња - флејтистот Страшо Темков за високи дострели во репродуктивната уметност за изминатата година и вокалната уметница, пијанист и педагог Марија Муратовска-Наумовска за животно дело во својата 40-годишна активна присутност со многу докажани квалитети во сите нејзини дејствувања на полето на музичката исполнителска и севкупна уметност. Ова висока чест во доделувањето на големите признанија на двајцата добитници на наградата „Златна лира“  секако му припадна на уметничкиот директор на овој наш реномиран фестивал, виолинистот и професор Љубиша Кировски.

Уметничкиот дел на оваа осмислена фестивалска вечер го изнесе младиот виолинист Момчило Куфојанакис кој ја заокружи успешната мисија на ова издание на фестивалот „Златна лира“, а таа беше на концертниот подиум во полна доминација да зачекори една млада, нова, ентузијастичка и многу квалитетна генерација концертантни уметници кои самоуверено ја понесоа високата одговорност да се биде дел од рамноправната уметничка  плејада на македонската исполнителска традиција што упорно низа години и децении ја создаваа нивните претходни генерации концертни уметници. Музејот на град Скопје овој пат беше претесен да ја прими многубројната  публика низ чии збиени редови имаше на наше задоволство голем број музичари, слика која не е многу честа кога станува збор за камерни вечери.

Куфојанакис со своите 29 години и со мошне богатата биографска карта која изобилува со динамичен едукативен процес, многу освоени награди, една деценија концертна активност, многу звучни имиња на проследени семинари по виолина и со посебен акцент во овој контекст магистратурата на славниот Концерваториум А.К.Глазунов во Русија, застана на сцената со еден несекојдневен уметнички предизвик –програма која уметникот во буквална смисла на зборот ќе го втурне во тој немилосрден тонски мозаик во кој уметникот својата енергија ќе ја истроши до крај, зашто впрочем во еден креативен час да се најдат дури четворица композитори на високиот техницизам е огромна храброст, доблест и неверојатно голем предизвик. Токму така младиот виолинист покажа и докажа дека ја поседува таа силна енергија, животворна која се мултиплицираше во една извонредна градациска линија, за после изведбата на жестоко заложниот Бах, виолинската соната бр.2 во А-дур, која неизбежно и заради природната трема на секој млад уметник, но и заради неблагодарноста на несоодветниот и ладен концертен простор на Музејот на град Скопје, да биде чуена како типично загревање на уметникот во концертната атмосфера, да се нурне во мистичниот тонски свет на големото виолинско платно на Корилиевата соната „Ла Фолиа“, извлекувајки ги максимално виртуозните пасажи обременети уште и со богатство од созвучја кои се многу тешки дури и за оние најврните и најголеми мајстори на виолинската уметност. Но, храброста и успехот одат заедно, тоа беше наочиглед кај Момчило Куфојанакис. Таа иста ретка доблест на еден уметник, овој виолинист чиј звук импонира со елеганцијата и широчината, ја култивираше својата изведувачка кулминација во Дебисиевата соната во која имаше привлечни елегични проблесоци кои му импонираа додека во богатите варијации на Вјењавски можевме поубедливо да ја препознаеме наклонетоста кон лирската фраза, доживеана како песна на душата на уметникот.

Ете, Момчило Куфојанакис свири со интенцијата неговата дарба да ја дополни и со индивидуален уметнички сензибилитет, да се вознесе во магичниот свет на музиката и низ исто така индивидуална звучна и техничка перцепција да ја креира својата интерпретација. Ќе се согласиме, голема инвестиција во личниот уметнички перформанс, кој сигурни сме дека во иднина ке биде уште поатрактивен и за него и за слушателскиот аудиториум. Како неминовна аргументација на сето ова секако стои и убавата и содржајна соработка со пијанистката Весна Ангелова Христов, која потврди дека таа умее да ја следи уметничката експликација на младиот виолинист и да реагира со звукот на пијаното на соодветен начин.

Васка Наумова Томовска