Кон концертот на добитниците на наградата на СМУМ, доделена на фестивалот „Охридски бисери“, на годинашната „Златна лира“

Предизвикот да се слушнат наградени уметници со престижната награда „Златна лира“ беше доволна причина Музејот на град Скопје да биде посетен во исклучителен број поклоници на класичната музика, низ чии редови, на наше најискрено задоволство во значаен број беа од музичката фела кои го искажаа својот респект кон една нова генерација концертни уметници, што реално би го протолкувале како нивна поддршка. Тоа искрено чувство го имаше и авторот на овој текст, знаејќи го трновитиот и мачен пат да се стигне до едно одредено уметничко рамниште, да се создаде уметност со квалитетен звук и сето тоа да остави автентичен впечаток кај публиката и јавноста. Затоа и настапите на младите уметници Анастасија Грговска на пијано и Бојан Илкоски на виолина беа реално остварен сон во кој тие умно и со извонреден ангажман ја презентираа својата оригиналност во изведувачките способности.

Пијаното на младата Анастасија Грговска низ делата на Бах-Лист, оргуљска фантазија и фуга во ге-мол, Бетовеновата соната оп. 109. бр. 30 во Е-дур, „Охридска пастрмка“ на Д.Темков и „Танцот на усмртувачот“ на И. Петровски, низ звучниот перформанс јасно го експонираа она што таа го поседува во својата уметничка личност - своевидна компактност на изведбата, прецизна перцепција во разбирањето и изнесувањето на тонската материја, со одредена доза на разбирлива трема, природна за секој уметник, посебно за млад. Она што нејзината интерпретација ја донесе до точка на вознес, а што публиката веднаш ја препозна, е очигледната приврзаност кон македонскиот звучен израз, блискост со творечките идеи на Темков и Петровски. И двете дела се излизгаа низ нејзините прсти елегантно, уметнички зрело и пријатни за уво. Ете, оваа уметничка вибрација во помала доза ја почувствувавме во првите две дела, со должно издвојување на елегантниот и емотивен втор став на Бетовеновата соната. Секако, Грговска е уметник кој ја освојува сцената и тоа е одличен показател за нејзина убава уметничка перспектива на концертната сцена.

Бојан Илкоски и неговата виолина беа во фокусот на вечерта. Преубавиот звук на неговиот инструмент веднаш го заробува слушателот, му ги отвора звучните асоцијации со веќе препознатливи звучни димензии на познати виолинисти и тоа можеби е и една длабоко филозофска и реална компонента која овој храбар млад виолинист го турка низ магичниот свет на бравурата, ѓаволскиот виртуозитет и кон поголеми хоризонти кон кои секој вистински амбициозен уметник се стреми. Илковски се надмина себеси, со страст, со возбудлив перформанс ја скротуваше Баховата технички заложна партитура на Чаконата, партита бр.2 во де-мол, која обземаше со интензитетот на страшните и за секој виолинист тешки за изведба двозвучја,трозвучја... Имаше токму во ова и мали интонативни и технички пропусти,  кои не пречеа на крајната импресија за изведбата. Затоа пак со брилијантноста, сигурноста, со култивиран однос кон презаложната соната за соло виолина бр.2 „Опсесија“, овој млад мајстор на виолинскиот звук јасно ни даде до знаење дека сериозно се фатил во костец со реалниот виртуозитет, кој очигледно е негов гарант и отворена врата кон остварување на големи амбиции како уметник. Кога публиката ќе се соочи со  еден ваков уметнички хероизам од страна на млад уметник, тогаш благородно е таа да му посака да го оствари својот уметнички сон и да ги достигне највисоките врвови во интерпретацијата. Желбите и реалноста се на една страна., останува ова само да го потврди иднината.

Васка Наумова Томовска