Васил Атанасов

Проф. м-р Васил Атанасов е врвен и познат уметник кој со својата обоа ги пренесува високите уметнички вредности од македонската култура и уметност во Европа и светот. Зад неговиот огромен уметнички влог стои исцрпувачки силна, убедлива и истрајна уметничка работа со најблагородниот предизвик - да се биде врвен уметник, одличен педагог, солист на Македонската филхармонија, основач и уметнички раководител на Камерниот оркестар „Скопски солисти“, Скопскиор дувачки квинтет, Триото Атанасов, Триото Macedonico и други.
 
Успешната долгогодишна уметничка дејност ширум светот и дома на Атанасов му донесува повеќе значајни признанија и награди за неговата уметност: „Златна лира“ (1990) - признание на Сојузот на музичките уметници на Македонија, Награда „13-ти Ноември“ (1990) - највисоко признание на град Скопје за врвни дострели, наградата „Феникс“ од страна на Општина Центар во 2003 год. за врвни достигнувања во музиката, Плакета од конкурсот Карузо, Италија како член на жири комисија (1998), Годишната награда на градот Струмица „Светите петнаесет Тивериополски свештеномаченици’’ за 2008 година за особени остварувања во областа на музиката, Грамота и златен медал од Министерството за култура на Република Бугарија во 2012 год. за развој, популаризација и соработка на полето на културата, „Златна лира“ за животно дело во 2016 година и многу други.
 
Во еден мандат беше и директор на Македонската филхармонија со која оствари успешни концерти, премиерни изведби и неколку записи на компакт дискови со светска музика, но и дела на македонските автор: Б.Ивановски, Т. Прокопиев, Г. Смокварски (двоен компакт диск) и неколку турнеи во странство.
 
Васил Атанасов честопати е член на жири комисии на домашни и меѓународни натпревари во Србија, Бугарија, Хрватска, Ј.Кореја, а неговите ученици и студенти се добитници на голем број наши и меѓународни награди,повеќе од стотина.
 
Концертната активност на Васил Атанасов е извонредна, како во земјата така и во странство. Настапувал во Италија, Шведска, Франција, Русија, Грција, Германија, Австрија, Португалија, Мексико, Бугарија, Романија, Турција, САД, Австралија, Израел, Северен Кипар, Јужна Кореја, Виетнам, Албанија, Србија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово и други.
Неговите извонредни изведби трајно се запишани на една ЛП-плоча, шест солистички компакт дискови и  пет со камерна музика, три со камерниот оркестар „Скопски солисти“ и два со Скопскиот дувачки квинтет.
 
Автор: Васка Наумова Томовска