Петар Макариевски - пијано

Петар Макариевски е роден во Скопје. Во 2001 година дипломира на Факултетот за музички уметности во Скопје во класата на проф. Јасминка Чакар. Од 2001- 2003 година посетува магистерски студии по пијано на Државната музичка академија во Софија, Бугарија, во класата на проф. Антон Диков. Во 2011 година добива асистентско место на Државниот универзитет во Атланта, САД , каде паралелно завршува уште еден циклус на магистерски студии по пијано во класата на проф. д-р. Серѓо Гало. Во текот на престојот во Атланта, Макариевски активно настапува со солистички концерти, камерна музика, и работи како хонорарен пијано соработник на истиот Универзитет. Активен е во организација на концерти преку Француската Алијанса и Гете институтот во Атланта. Како лауреат на натпреварот за инструментални концерти во Атланта настапува како солист со повеќе оркестри, со кои забележува успешни критики и понуди за соработка со повеќе диригенти.

Макариевски активно настапува и во Македонија. Во 2005 година заедно со пијанистката Весна Ангелова го формираат камерното пијано дуо Ангелова/Макариевски, а во 2006 година формираат дуо со обоистката Татијана Петрушевска. Настапувал и како солист со Македонската Филхармонија.

Макариевски работел како професор по пијано во ДМУ „Тодор Скаловски- Тетоец” во Тетово, хонорарен корепетитор во МОБ, официјален пијано соработник на Меѓународниот натпревар во Приштина; асистент по пијано на Државниот универзитет во Атланта во САД. Во моментот работи како стручен пијано соработник во ДМБУЦ „Илија Николовски- Луј” во Скопје.