Владимир Костов - виолина

Владимир Костов е роден во Битола 1975 год. каде го започнува своето музичко образование. Студиите по виолина ги завршува на Факултетот за музичка уметност во класата на проф. Михајло Куфујонакис. Магистрира во класата на истот профеоср, а стручно се усовршува кај повеќе истакнати педагози меѓу кои: Сихана Бадивуку, Благоја Димчевски, Корнелија Бронзети, Ирина Бочкова, Наталија Пришепенко и други.

Владимир Костов е единствен музичар од Македонија кој повеќе пати е избиран да членува во реномираниот Светски оркестар на Музичката младина, настапувајќи на турнеја во Европа, Америка и Азија и соработувајќи со врвни диригенти (Јаков Крајцберг, Курт Мазур) и солисти (Ана Софи Мутер, Xемс Енес, Даниел Мулер Скот). Со овој оркестар има неповторлива можност да свири во најпознатите концертни сали во светот: National Art Centre Отаwа, Lincoln Centre New York, Harvard University, Берлинска Филхармонија, ,,Геwандхаус“ во Лајпциг, Келнска Филхармонија, Концертхаус Берлин, Концертхаус Виена и други. Настапува и со оркестарот Исток - Запад во Алтенбург (Германија), а во периодот 2000-2004 година е еден од професорите по виолина во Оркестарот на ЦЕИ.
Посетува мајсторски курсеви за камерна музика предводени од светски познатите "Медичи квартет“ (Шведска), "Артемис" квартет (Германија) и Квартетот „Миро" (САД). Настапува како солист со Македонската филхармонија и Камерниот оркестар, како и на повеќе фестивали и манифестации во Македонија, Украина, Германија, Австрија, Велика Британија, Србија, Бугарија, Хрватска, Полска. Основач е на фестивалот за млади виолинисти „Виолин Фест“. Моментално работи како концерт-мајстор во Македонската филхармонија и како Доцент на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Камерната музика претставува негов особен интерес и тој е водач на повеќе камерни оркестри и ансамбли меѓу кои: Камерниот оркестар за современа музика „Алеа", камерното студио за барокна музика „Бахус", квартетот „Бревис", основач е на клавирското трио ВАМ, редовен член е на Камерниот оркестар на Македонската филхармонија, како и на Младинскиот оркестар на Музичка младина на Македонија. Член е на ансамблот за современа музика ,,Кон Темпора“.