Никола Паскалов - пијано

Никола Паскалов својот прв професионален исчекор го прави за време на неговото образование во средното училиште при Московскиот Конзерваториум „П. И. Чајковски“ во Москва. Во тој период, на 16-годишна возраст настапува со повеќе оркестри, како и со соло рецитали на неколку фестивали, со што ја започнува својата професионална кариера. Учејќи во класата на проф. Б. Романов во Москва, а потоа на ФМУ - Скопје кај истиот професор, 1995 година дипломира, а своето музичко образование го заокружува на Европската Моцартова Академија во Краков, Полска каде работи со повеќе визитинг професори: А. Сац, И. Роман, В. Лобанов, Ј. Витенбах, Д. Голуб, А. Њуман.

Учесник е на бројни меѓународни семинари кај познати пијанисти и педагози: Паул Бадура-Скода, Георг Себок, Гунтер Рајнхолд, Питер Фојхтвангер. Од 1998 година до денес остварува богата соработка со проф. Питер Фојхтвангер. На неколку меѓународни семинари во Салцбург и Фојхтванген се јавува во својство и на негов асистент. Во својата богата концертна дејност покрај многубројните настапи на македонската сцена вклучувајки ги и настапите со Македонската филхармонија, настапува и на меѓународна сцена: со Сараевската Филхармонија, со соло рецитали и камерна музика во Унгарија, Полска, Чешка, Италија, Хрватска, Австрија, Британија и Германија. Има настапувано со различни состави како „Руцнер”, „Гајдов” и „Kodaly” квартет и соработува со видни инструменталисти.

Последните позначајни концерти ги одржа во Лондон на престижниот концертен подиум ”St Martin in the Fields” каде со солистички рецитал настапи на концертната серија „Пијанисти на Светот”, во Загреб по покана на Хрватското здружение на композитори, а на „Охридско лето“ музицира со еден од најпознатите гудачки квартети во светот - “Кодај” квартетот од Унгарија. Добитник е и на престижната награда која ја доделува Сојузот на музички уметници на Македонија за врвно уметничко остварување за 2009 година.

Има реализирано повеќе снимки за продукцијата на Македонската радио и телевизија, поранешната Југословенска радио и телевизија, SJF Records, Хрватското радио. Има издадено ЦД снимено во живо од неговиот рецитал одржан 2006 година со музика на Шопен, Рахмањинов и Гласл. Репертоарот на Паскалов е составен од дела од барок, па се до современо творештво, како за соло пијано така и за камерна музика. Професор е по пијано во ДМБУЦ “Илија Николовски-Луј“ и член на жири комисија на првиот национален натпревар на музички директори во Македонија.

Извадоци од музички критики:

„Во првиот клавирски концерт на С. Прокофијев, мошне прецизно реализиран од оркестарот, како солист настапи 16-годишниот пијанист Никола Паскалов, кој предизвика, речиси , делирични аплаузи од публиката! Никола Паскалов го „отпердаши" овој ни малку лесен концерт и тоа во еден здив без какви и да е технички тешкотии, и тоа пак со една чудна самоувереност и брилијантен пијанизам...“ ВЕЧЕР,  23.1.1991

„...Никола Паскалов понуди се што можеше да понуди една клавирска изведба: спокојство, бура, среќа, силина, страст, блаженство и поезија... Темпераментна и елегантна виртуозност споени во волшебна сигурност.  
 Frankische Landeszeutung, 19.4.2003

„Младиот пијанист Никола Паскалов со максимална концентрација, во стил nа веќе зрел концертен уметник, убедливо ја донесе со сите финеси соло-делницата на Концертот за пијано и оркестар бр.2 во Бе-дур од Јоханес Брамс. Паскалов имаше сенс за прецизност со класична урамнотеженост во заедничкото музицирање со Македонската Филхармонија, каде што доминираше неговиот креативен пулс... Со тоа остави силен впечаток кај присутниот концертен аудиториум...“ НОВА МАКЕДОНИЈА, 10.11.2004

„Паскалов брилираше во олицетворението на полихромните структури, мелодиските лакови и мотивите кои ги осветлуваше со нежен интензитет, помалку во смисла на Белканто, но повеќе со инструменални бои што наликуваат на челеста. “ Frankische Landeszeutung, 1.4.2005