Кон концертот на Линда Хедлунд - виолина, Финска и Доменико дел Гуидичи - гитара, Италија на „Златна лира 2017“

Двајцата странски уметници, единствени на ова издание на нашиот реномиран фестивал на СМУМ „Златна лира 2017“ остварија камерна вечер за паметење и тоа по неколку неоспорни атрубути, виртуози на своите инструменти, врвен концертантен перформанс, светски интерпретаторски манири и програма што им овозможуваше природен и отворен пат во градацијата во сите сегменти на изведбата.

Линда Хедлунд има сјајни рефренци во својата уметничка лична карта. Нејзината виолина обзема со строго контролираниот звук, прецизно темпиран во секое ново изведено дело што би значело култивиран стилски однос кон музиката што ја изведува. Таква изненадувачка питомост ја красеше Баховата соната BWW 1020 дополнета со неверојатна чистота на стилот и вкупно на сите технички елементи. Без истакнат звучен волумен нејзиниот Бах во извонредната синхронизираност со гитарата на Доменико дел Гуидиче можеше да се доживее ретко автентично, со спецификата на овој голем мајстор. Патувањето по звучните хоризонти продолжи со Шубертовата соната во Д-дур, дело во кое двајцата уметници музицираа во еден занес кој им ги разоткри емоционалните вибрации, романтични, спокојни во елеганцијата и длабоки во филозофската поентираност, како еден од силните карактеристики на големиот Шуберт. Виолината пееше во бавните темпа заедно со гитарата склопувајки го мозаикот на чудесни тонски фрески, впечатливи и за најстрогиот критериум на секое изострено уво, за веднаш во Шпанскиот танц на Де Фаља тие два нежни инструменти да зазвучат страствено, со типичниот шпански жар моќно, но извонредно имепресионирано.

Ете, неверојатен и уникатен уметнички перформанс кој публиката напросто го голташе низ целата концертна магија на овие големи резбари на звукот. Истиот интензитет беше присутен и во следните две дела, современиот творечки израз на М.Дупле, музика која очигледно одлично ја восприемаат и Хедлунд и дел Гуидиче, давајки и посебен шарм на тонската структура и звук и во Пјацола, историја на тангото, која придонесе низ етерот да ја почувствуваме невообичаената мелодиска специфика на големиот Пјацола, со веродостојноста во темпераментните линии на тангото, страста и егзоточноста на мелодиката. Маестрално беше нивното музицирање на оваа привлечна музика, со звучна драматургија која пленеше и освојуваше со духот и филингот со публиката.

Убавина со звучна колоритност, можеме да ја наречеме оваа ретко успешна сеанса на двајца скромни, но големи мајстори на интерпретацијата. Посакувањето за следна средба со нив беше искажано низ искрените и силни аплаузи од публиката, која двајцата уметници ги врати на бис, како мало продолжение во уживањето во нивната голема уметност.

Фестивалот „Златна лира“ со оваа убава камерна вечер на гостите од Финска и Италија уште еднаш ја потврди успешноста на самопостоењето како единствен од ваков вид фестивал во нашиот главен град, чии врати се секогаш отворени за нашите репродуктивни уметници да бидат дел од музичкиот живот во својата земја, но и на потврдени имиња од странските концертни сцени, како збогатување на програмските идеи и концепти на организаторот на „Златна лира“, Сојузот на музичките уметници на Македонија.

Васка Наумова Томовска