Импресивна концертна вечер на италијанско-македонска музика со камерниот оркестар „Скопски солисти“

Музиката како божји дар, како највозвишена уметност, чија експресивност  и универзален јазик, го возвишуваше креативниот дух  на Вечерта на италијанско-македонската музика каде се испреплетија две национални култури со своите специфични карактеристики за да го почувствуваме блаженството на музиката и ја согледаме светлата страна на животот.

Така, Камерниот оркестар „Скопски солисти“  со големите европски концертни уметници на обоата – маестро Алберто Чесарачио – од Италија и проф. м-р Васил Атанасов кои го прокрстарија светот настапувајќи на многу престижни концертни сцени, градеа импресивна концертна проекцијаво благопријатен креативен амбиент каде публиката  во фоаето на МОБ  доживуваше прекрасни моменти со поимањето на убавината низ музиката што сугестивно се одгласуваше од делата на италијанските автори чии имиња одамна ги забележа светската историја на музиката, а со внимание ги проследивме и делата на македонските композитори.

Со таков креативен порив вдахновената презентација на концертната програма се преобрази во духовно, уметничко и естетско доживување што водеше кон високите духовни наслади.

Стартуваше со Кончерто гросо оп. 6.Н2 – едно од 12-те истоимени дела на Арканџело Корели – кој ја преферира оваа инструментална форма како интересно вкрствување  на ренесансните преливи со концертантните постапки на барокната музика каде во оркестарот две групи меѓусебно кореспондираат со нагласена контрастна волумениозност и т.н „терасаста динамика“. Се одгласи атрактивно со вкус на духот на времето со елеганција и звуковна маестрална префинетост, а аплаузите упатени до „Скопските солисти“ беа спонтани. И така, скоро секогаш Кончерто гросата со возбудливата мелоритмичка привлечност и виртуозното музицирање доживуваат голем успех на концертните подиуми со таа променлива динамика и ведрина со која го освежуваат концертниот репертоар.

Следуваше уште една прекрасна нумера – Интермецото од „Кавалерија рустикана“, најмаркантната тема од оваа веристичка опера на Пјетро Маскањи донесена со силна романтична поетика што претставуваше чин на возвишен креативен артизам од кој зрачеше  страствена творечка енергија со која и ги разнежи срцата на присутната публика.

Таа флуидна имагинација, тој креативен блесок и безпрекорно чувство за фразирање што ги осветлуваше сите валери на креативната душа на елитните мајстори, на двајцата асови на обоата – Алберто Чесарачио и Васил Атанасов, дојде до израз и во маестралната проекција на Концертот за 2 обои и оркестар од Томазо Албинони – покрај Вивалди, најзначајниот претставник на позниот барокни венецијански стил. Тоа беше прекрасен пример на солистичка креација каде со силни емотивни бранувања, спонтана креативна енергија и рафиниран сензибилитет се претворија во моќна магија во изразот со која ги допираа блескавите естетски позиции во доменот на возвишената интерпретација која реално ги аргументираше високите вредности и на силно вдахновените „Скопски солисти“ во камерното музицирање.

По овие импресивни дела од италијанските автори од кои се одгласуваше прекрасна убавина, дела со безвременска актуелност, во вториот дел од „Вечерта на италијанско-македонската музика“, „Скопските солисти“ не потсетија на три постари дела од тројца еминентни македонски композитори со различни стилски определби. По триставочната безимена композиција на Миле Николовски,вниманието го привлече Суитата за гудачки оркестар од Стојан Стојков – интересно конципирана, каде во првиот став, во Ларгото, мајсторски е користена фолклорната инспирација создавајќи вредно камерно дело. Најубаво и најатрактивно се одгласи „Тешкото“ – фрагмент од првиот наш балет „Македонска повест“ од Григор Смокварски кој целосно се темели врз фолклорна инспирација. Прозвучи со сета креативна убавина, со тој исконски македонски фолклорен идиом со кој авторот е задоен и кој најавтентично го отсликува македонското гео-етничко поднебје создавајќи идилична слика за нашето постоење. Уводниот мотив прозвучи  со восхитувачка убавина со импресивното солирање на големите европски мајстори на обоата – Васил Атанасов и Алберто Чесарачио, чиј идиличен звук доминираше, па со ударите на огромниот тапан прерасна во атрактивна кулминативна нумера.

И така, со егзактноста во стилскиот израз, звуковната хомогеност и интонативно-техничката прецизност  на оркестарот „Скопски солисти“ за кои ревносно се грижеше диригентката Бисера Чадловска, целосно ја реализира креативната визија со сите доблести на издржана интерпретација во доменот на камерното музицирање.

Костадин Костадиновски