Омаж за големиот композитор

(Кон концертот по повод 75 години од раѓањето на композиторот и академик Ристо Аврамовски)

 

            Со голем пиетет кон неговото дело, десетина македонски музички уметници (и еден ансамбл) на 03.12. во малата сала на Македонската филхармонија нѐ потсетија на дел од опусот на големиот македонски композитор Ристо Аврамовски. Всушност, - на само мал дел, па дури и недоволно илустративен за величината на тој колосален придонес за македонската музичка култура, - но, кога подобро ќе се размисли, тогаш – тоа е и неизбежно кога ќе се соочите со над 150 дела од сите жанри (со доминантен белег во големите музички форми), и секој обид да се направи пресек низ него што ќе биде доволно илустративен за да ја отслика неговата суштина, всушност е невозможна мисија. И, добро е што е така, па макар и имале и по некоја забелешка во однос на целата „композиција“ на направениот избор.

            Значи, авторот што, меѓу другото, македонската музичка култура ја задолжи, подобро – збогати со осум симфонии, со десетина кантати, со три ораториуми, две опери, балети, и какви сѐ уште не дела, на овој концерт беше претставен со еден сосема мал исечок од неговиот камерен опус: Две сонати, - една за виолина и пијано и една за две пијана, веќе легендарните Исповедни молитви за пијано, неколку минијатури, неколку соло песни, една творба за флејта и пијано и впечатливата хорска композиција „Азбуки“. Среќа е што изведбата на делата им беше доверена на исклучително мотивирани, а некои од нив и афирмирани и искусни уметници, дури и добри пријатели на авторот во последните децении од неговиот живот, па така, со нивниот крајно професионален однос, со нивниот веќе спомнат пиетет и со нивните моментални исполнителски квалитети добивме еден соодветен микс низ кој кристалната музичка мисла на Аврамовски (во овој, како и во секој дел од неговиот опус) доби уверлива реинкарнација на малата сцена во Македонската филхармонија. Иако концертот прилично се оддолжи (траеше речиси два часа без пауза) малубројната (за жал, па за некои негови колеги од СОКОМ дури и за срам!) публика тоа не го почуствува, бидејќи и делата и изведувачите ја држеа нејзината концентрација на високо ниво за да може да уживаат и во едните и во другите. Меѓу исполнителите беа и Тодор Светиев (во Исповедните милитви сам, а во Сонатата за виолина и пијано – како придружник) и Михајло Куфојанакис. И го покажаа она што од нив се очекува: сериозен пристап, подготвеност, навежбаност, уверливост. Токму тоа што и го бараат овие две, не така лесни дела на Аврамовски. Сепак, ако може така да се каже – главни протагонисти во претставувањето на овој исечок од творештвото на Ристо Аврамовски имаа пијанистите Јасна Аврамовска и Дарко Мариноски. И двајцата во своите изведби го вградија најдоброто што го имаат во моментов: и страст, и задоволителна прецизност, и добра „простудираност“ на „ракописот“ и музичката мисла на Аврамовски за да може таа да допре до нас во што поавтентична форма. И токму затоа, почнувајќи од Минијатурите за пијано, па преку Сонатата за две пијана и сѐ до неколкуте соло песни и монолозите од операта „Болен Дојчин“ и Аврамовска и Мариновски беа инспирирани и мотивирани да дадат сѐ од себе. Резултатот во таква ситуација не може да изостане и затоа тие сосема слободно овие изведби можат да ги книжат „на контото“ на нивните поуспешни концертни претставувања. При изведбите на монолозите од „Болен Дојчин“ и трите соло песни, - својот, вообичаено високо професионален, сериозен, промислен и пеачки остварен удел го даде баритонот Горан Начевски. Аврамовска, дополнително, ја придружуваше флејтистката Богдана Бушевска при изведбата на Дијалозите за флејта и пијано, која (Бушевска), пак, покажа дека пред неа, пред нејзиниот топол и заоблен тон и убавото чувство за градење на музичките мисли, - стои светла перспектива.

            Вечерта, односно омажот за големиот македонски композитор заврши со една од неговите помаркантни хорски творби. „Азбуки“ во која тој длабоко нурнува во историските слоеви на нашето битие и ги претставува во една релативно оригинална форма. Женскиот хор кој при изведбата го раководеше искусниот диригент Сашо Татарчевски беше на висината на доверената задача: и доволно интонативно прецизен, и со способност да ги предизвика експресивните флексии што ги наумил авторот, и да го создаде уметничкиот ефект и естетското задоволство без кои ниту едно дело не би било тоа што е. За сето ова, се разбира, главните заслуги му припаѓаат на диригентот Татарчевски, за кого успешните изведби, барем кога се работи за хорските ансамбли – веќе станаа своевидна рутина. Во ова дело, сепак, тој на својата „рутина“ во убавата смисла на зборот ѝ додаде уште и дополнителен ангажман во извлекување на фразите, доловување на необичните звучни склопови и градењето на формата, за што заслужува секакви пофалби.

            Инаку, концертот започна со вовед  - беседа за ликот на Аврамовски, што може да биде убава практика, барем кога станува збор за јубилејни и пригодни концерти. Иако, ваквите воведи, доколку се добро промислени и дозирани, не би биле одвишок на ниту еден концерт.

Марко Коловски

Галерија