25 години дуо Кировски

(Кон концертот на Љубиша Кировски - виолина, виола и Маја Шутевска - Кировска - пијано)

Осврнувајќи се во изминатите 25 години концертна дејност на дуото „Кировски“ можеме да забележиме уметнички израз кој се движи само по нагорна линија. Спојот и компактноста на виолинистот Љубиша Кировски и пијанистката Маја Шутевска – Кировска одразуваат усогласен афинитет и естетски вкус кој во годините на заедничкиот животен и творечки пат постојано поставува сé повисоки и посложени цели во градењето на сопствениот уметнички лик. Ако го анализираме развојот на нивната богатата концертна кариера во нашата средина и на бројните подиуми ширум светот, пред сé забележуваме двајца извонредно студиозни и креативни музичари вткаени во едно музичко ткиво - ансамблот „Кировски“. А растежот на нивната уметничка кариера се темели на повеќе важни чинители...

...Сложена и постојано нова и разновидна програма...
...Премиерни изведби на комплексни и атрактивни дела од литературата за виолина и пијано и виола и пијано, со посебен акцент на сонатите за виолина и пијано, кои се специјалност на дуото...
...Изведба на дела од македонски композитори од сите генерации...
...Стремеж кон беспрекорно толкување на оригиналните партитури и врвна стилска и техничка подготвеност...
...Вклучување на двата инструменти виолина и виола на концертите со што преку обете камерни формации  посебно се збогатува звучното доживување кај публиката...

Токму таква богата и внимателно осмислена програма дуото „Кировски“ понуди на јубилејниот концерт вчеравечер во Камерната сала на Македонската филхармонија.

За почеток Брамс... и од филозофите и од естетичарите посочен како творец на, во негово време таканаречената „апсолутна“, „беспрограмска“ музика, која иако цврсто се придржува на класичната структура, сепак ги побива овие самосоздадени принципи со длабока мисловност и романтичарска поетичност. Двете сонати за кларинет и пијано од опусот 120 од Јоханес Брамс, се последните камерни дела кои композиторот ги напишал неколку години пред крајот на животот и се сметаат за ремек – дела во литературата за кларинет. За среќа, со извесна адаптација, авторот создава и преработки за виола и пијано кои често се наоѓаат во репертоарот на многу камерни ансамбли. Втората Брамсова соната во изведба на дуото „Кировски“ - виола и пијано, беше одличен вовед во концертот.

Дуото во оваа соната ни претстави изведувачка зрелост, својствена на искусни уметници, а толку неопходна да се доживее делото во полн сјај. Освен тоа, слоевитата паритура полна со препознатливите брамсови хармонски и мелодиски обележја, од изведувачите бара сериозност во пристапот, прецизно толкување на нотниот текст и звучен баланс помеѓу виолата и пијаното. Особено првиот став, во изведба на дуото „Кировски“ прозвучи во шармантен и допадлив манир, токму онака како што упатува ознаката од авторот... Allegro amabile…  Во сонатата од Брамс слушнавме интонативна стабилност и богат музикален израз. Особено впечатлив беше балансот меѓу наизменичните солистички делници во виолата и пијаното, но и усогласеност во развојните делови на ставовите кои ги краси извонредно богата „брамсовска“ полифона содржина.

И додека во сонатата слушнавме сепак една воздржана и елегантна агогика, не помал предизвик беше премиерната изведба на композицијата „Grande Tango“ од аргентинскиот мајстор на тангото Астор Пјацола. Доследни на својот принцип на секој концерт да ни откриваат нови дела, во интерпретацијата на ова танго, дуото „Кировски“ го слушнавме во поинаква, значително потемпераментна експресија. Пиесата сама по себе обилува со скерцозни комплексни ритмички игри, во суштина спој на џез и латино синкопирани ритми, но беше особено уживање да се слушне со каква леснотија Љубиша Кировски на виола и Маја Кировска на пијано, ги доловија сите ненадејни и брзи динамички, ритмички и штрихови промени кои во буквална смисла ни ја предочија непредвидливоста и страственоста на огнениот танц.

Во растот на концертното „крешчендо“, особено сугестивна беше изведбата на композицијата „Dancing with my shadow“  за виола и пијано од младата македонска композиторка Бете Илин, кое е плод на заедничка идеја и желба за соработка. Композицијата е посветена токму на дуото „Кировски“, а композиторката одлично проникнала во нивните изразни можности и жанров афинитет. „Dancing with my shadow“ е атрактивно дело во кое изворниот македонски фолклор е преточен во модерна пиеса со автентична свежина при тоа зачувувајќи ја типичната ритмика на тапанот во македонските ора. Тој сонорен звук е пренесен на пијано во боите на длабокиот регистар со карактеристичниот ритмичен мотив на палките од тапанот. Во оваа снажна слика впечатливо нé воведе пијанистката Маја Кировска, наговествајќи ја мелодијата во виолата како препознатлива алузија на македонските народни песни во седмоделен такт. Овде би потенцирале дека Дуото Кировски ја има развиено една од најважните особености на врвните репродуктивни уметници, а тоа е чувството за соодветно излагање на формата, односно постепено донесување на градација и кулминативна точка на секоја пиеса. Во делото „Dancing with my shadow“  од Бете Илин овој принцип е посебно важен бидејќи токму адекватната градација има клучна улога во обликувањето на оваа инвентивна композиција. Ќе додадеме и дека пијанистката Маја Шутевска Кировска средишниот бавен дел на пиесата суптилно го обои со префинет тон и нијанси во пијанисимо динамика.

Надоврзувајќи се во контекст за важноста на градацијата во уметничките дела, програмскиот концепт на концертот, го достигна највисокиот уметнички и творечки ефект со првата соната за виолина и пијано од Барток. „Бурната“ соната е вистинскиот избор за кулминација на концертот. Познавачите ќе ја опишат како получасовен „дисонантен модернизам филтриран низ призмата на источно-европскиот фолклор“, при тоа со исклучителен предизвик и интензитет подеднакво и во виолинската и во пијанистичката делница.

Традиционална по структура и темперамент со јасно издвоени ставови и карактер кој наизменично покажува рапсодични па силовити расположенија, со непрекината виртуозност, оваа драматична соната, по многу нешта сепак отстапува од препознатливиот ракопис на Барток. И покрај присуството на конвенционалност пред сé во формата, сонатата го покажува најрадикалниот музички лик на Барток со речиси атонален хармонски и мелодиски јазик. Особено возбудливо беше да се следи со колку соодветен сценски израз виолинистот Љубиша Кировски ја донесе широката хроматска тема во првиот став, придружуван од „цимбалските“ арпежи во пијаното на Маја Кировска во вид на некакви „испревртени“ унгарски... или цигански мотиви. Чудесни се и бескрајни сферите на творечката имагинација, па така во бавниот втор став слушаме повеќе или помалку препознатливи алузии на некои стилски обележја на Дебиси и Равел.  Во третиот став, најблизок до карактрот на Барток,  „див народен танц“ целосно експресионистички, го слушнавме дуото „Кировски“ во една незапирлива и жестока еуфорија.  Тоа френетично движење исполнето со ѓаволски сложени технички бравури, несомнено најмногу го истакна високо профилираниот вируозитет кој во себе обединува цврста физичка и ментална издржливост кај двајцата инструменталисти.

Неодминливо ќе забележиме дека концерти со таков висок професионализам во сферата на камерната музика се редок и скапоцен настан во нашите музички кругови.

Концертот на Љубиша и Маја Кировски го доживеавме во еден здив. Нивната нова музичка приказна му овозможува на секој слушател патување низ музичките стилови. Од длабоката мисловност на Брамс, преку страствениот Пјацола, до инвентивниот свет на Бете Илин, со кулминација во уникатниот интригантен свет на Барток. Овој концепт на концерт го осознаваме како една самостојна автохтона уметничка целина со оглед на фактот што програмата беше изведена буквално во еден здив без починка.. Но и тоа не беше сé... Инспирирани од сопствената возбудлива изведба и од видливото расположение на публиката, уметниците, на општо задоволство изведоа три композиции на бис. Би рекле како круна на вечерта ги слушнавме атрактивниот „Чардаш“ за виолина и пијано од унгарскиот композитор и виолинист Јено Хубаи, медитативната композиција „После сонот“ од Габриел Форе и уште едно „Танго“ за крај од Пјацола. Тоа беше мошне инспиративно заокружување на концертот.

Дуото „Кировски“ очигледно е потврда дека класичниот концерт како базична форма за претставување на таканаречената „сериозна“ уметничка музика сепак може да опстои и да биде и тоа како привлечен за публиката во хаотичните нови контраверзни изразни форми на дваесет и првиот век. Врвната изведба во содејство со атрактивна програма, остануваат „во игра“ како неодминлив концепт кој ветува идеално естетско доживување како кај пребирливиот познавач на класичните жанрови така и кај оние на кои Барток и Брамс им по малку далечни и непознати.

Во зацврстувањето на таа врвна изведба, дуото „Кировски“ недвојбено ги покажува основните одлики и суштина на камерното музицирање... дишење во еден здив, синхрон ритам и пулс, вдахновено динамичко нијансирање... Низ годините на заедничкото живеење и музицирање Маја и Љубиша Кировски супериорно го надраснаа елементарниот технички аспект на изведбата и ја постигнаа привилегијата на малкумина, целосно да уживаат во сопствената уметничка креација која со леснотија допра до секој слушател во публиката.

Викица Костоска - Пенева