Богата палета од разнородни танци

(кон концертот на пијано – дуото Катерина Костадиновска Гелебешева и Глигор Гелебешев по повод свеченото отворање на фестивалот „Златна лира“)
 
Вчеравечер, после повеќегодишната традиција концертите да се одржуваат во Музејот на град Скопје, за прв пат во амбиентот на Музејот на револуционерна борба започна тринаесеттото издание на фестивалот на музичките уметници од Македонија, „Златна лира“ 2019. Според реакциите на стручната јавност од областа и публиката, се чини дека додавањето на оваа камерна сала со солидни акустички перформанси кон комплексот уметнички објекти во тој дел од градот, се восприема како позитивна промена.

Годинава, иако со значително намалени финансиски средства, но сепак со поддршка од Министерството за култура, организаторот (Сојуз на музичките уметници на Македонија) ни најавува занимлива програма со учество на афирмирани македонски уметници и едно гостување од странство. „Златна лира“ следејќи го својот идеен концепт има за цел нагласено да ја промовира уметничката дејност на македонските музички уметници во областа на класичната музика, но и да организира настапи на уметници од многу други земји, според што е единствен фестивал од ваков вид кај нас.

Честа да го одбележат Свеченото отворање на „Златна лира“ им припадна на пијано – дуото „Гелебешеви“ кое го сочинуваат нашите реномирани пијанисти Катерина Гелебешева Костадиновска и Глигор Гелебешев. Ова пијано дуо веќе осумнаесет години покрај заедничкиот животен пат, како и многу познати музички парови низ историјата на музиката, гради и успешна концертна кариера. Навраќајќи се кон некои минати времиња кога уживавме во изведбите на пијано – дуото Корољови, сега слободно може да истакнеме дека во сферата на музиката за пијано – четирирачно музицирање, Гелебешеви се вбројуваат меѓу камерните ансамбли со исклучително високо профилиран квалитет во сите аспекти на нивното делување.   По серијата забележителни концерти во неколку балкански држави (Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Словенија) и последниот успешен рецитал на фестивалот „Охридско лето“ изминатиов август, на синоќешниот концерт пред скопската публика дуото се претстави со префинето осмислена, стилски изедначена и приемчива програма.

Следејќи ја кариерата на Гелебешеви, забележуваме дека тие концертните програми ги конципираат како колаж од разновидни колоритни дела преку кои најсликовито можат да го претстават својот естетски афинитет кон мелодични и атрактивни пиеси. Така беше и на последниот настап на „Охридско лето“ каде дуото свиреше делумно различна но доследна на својот стил програма (Барбер, Равел, Шабрие, Рахмањинов). Во тој манир го проследивме и овој концерт, како своевидно историско патување низ фолклорните танцови идиоми на европските народи.  Посебно би ја истакнале меѓусебната  усогласеност на композициите што може да ги отсликаме како  богата палета од разнородни шпански, унгарски, италијански танци. Освен тоа друга заедничка нитка што ги поврзува делата кои имавме привилегија да ги слушнеме на синоќешниот концерт е нивната евидентна популарност и допадливост, во историска но и во естетска смисла. А таа нитка во пиесите од Барбер, Равел, Брамс и Росини, не само што не ја намалува нивната вредност како дела, туку напротив, токму заради големата популарност, претставува посебен предизвик за изведувачите, да тежнеат кон беспрекорна изведба.

Дуото Гелебешеви концертот го започна со претставување на сугестивниот уметничкиот лик на американскиот композитор Самуел Барбер кој го препознаваме како еден од најзначајните продолжувачи на романтичарско-лирските тенденции во музиката на дваесеттиот век. „Сувенирите“ од опусот 28 се идеална пиеса за претставување на уметничкиот израз на дуото Гелебешеви. Токму ова дело во себе интегрира противречни принципи на салонска допадливост и мајсторска изработка на музичкото ткиво. Иако нетипично за творечкиот јазик на Самуел Барбер, после ремек – делото „Адаџо за гудачи“, токму „Сувенирите“ оп. 28 за пијано дуо четирирачно, се вбројуваат во редот често изведувани дела на авторот, познат по својата слава во текот на целиот творечки живот. Ова дело го среќаваме на репертоарот на многу пијано дуети ширум светот уште од педесеттите години на минатиот век кога се создадени, па сé до денес. Тука ќе забележиме дека на задоволство на нашата публика дуото Гелебешеви ги претставија „Сувенирите“ како прва изведба во нашата земја на минатогодишниот концерт по повод промоцијата на нивното ЦД.

Преку креативната интерпретација на овие наши искусни уметници имавме можност на извонреден начин да ја доживееме  генијалната црта во стилот на Барбер. Тие вешто го претставија  автентичниот хармонски јазик исполнет со скриени мелодии кој пак „Сувенирите“ ги чини своевиден бисер во литературата за пијано четирирачно. Со целосна ритмичка и динамичка поврзаност на двајцата пијанисти, дуото Гелебешеви ги покажа најважните финеси во свитата, имагинативна агогика и повеќеслојност на богатата полифонија. Од тоа вдахновено и инспиративно музицирање слушавме чиста визија од салите за танц во елитните Њујоршки хотели од раните години на дваесеттиот век. Валцер, шкотска игра, „Па де де“, „Два чекора“, Танго и Галоп, во сите игри нашето пијанистичко дуо претстави различни карактери и расположенија од заводливи агогички подзастанувања до шеговита гротеска означувајќи го токму ова дело како пиеса во која двајцата уметници целосно се пронаоѓаат и имаат можност на најубав начин да ги покажат своите индивидуални и заеднички изведувачки квалитети и склоност.

Во продолжение, со доследен и впечатлив манир ја проследивме и „Шпанската рапсодија“ од Морис Равел, повторно една композиција составена од шпански танци во ритам на танго и малагења. Рапсодијата е меѓу неколкуте пиеси на авторот која го рефлектира неговото шпанско потекло и се издвојува  во редот на најрепрезентативни  оркестарски дела од почетокот на дваесеттиот век. И во оваа „радосна“ свита дуото Гелебешеви со сугестивна интерпретација ги отслика најважните обележја на изразито препознатливиот композиторски јазик на Морис Равел - боите на звукот во прв план, но врз цврстата база на неговата педантна композиторска техника.  Особено беше возбудливо да се „слушнат“  чинели, дајриња, кастањети кои во оригиналната оркестарска партитура се експлицирно застапени а тука беа присутни преку богатиот спектар од бои на пијаното под прецизните прсти на Гелебешеви. Нивната уверлива и наметлива изведба на „Шпанската рапсодија“ особено во последниот став „Ферија“ донесе богат звук на цел симфониски оркестар и создаде вистинска атмосфера на весела карневалска прослава.

Кон колажот од танци се надоврзаа извонредно популарните „Унгарски танци“ бр.2,4,5 и 6 од Јоханес Брамс, кои познавачите на уметничката дејност на Гелебешеви ги препознаваат како нивно омилено парче во најавените програми но и како бисови. Во последната, планетарно популарна увертира од операта „Севилскиот берберин“ од Џоакино Росини дуото Гелебешеви се наметнаа со уште неколку важни компоненти во нивното музицирање, а тоа е бистрина и подвижност на пијанистичката техника како и  исклучително прецизна артикулација во музичките фрази од познатите арии што на моменти звукот на пијаното го претвораше во реални вокални линии.

Во изведбата на сите грижливо одбрани пиеси дуото Гелебешеви обединува целосна предаденост на музичките стилови но и она што се нарекува чисто свирење, како и префинето чувство за агогика својствено само за изразито музикални и надарени уметници. Познавајќи ги навистина добро уметничките ликови на Катерина и Глигор Гелебешеви уште од раната младост, ќе забележиме дека се работи за различни уметнички сензибилитети, обединети во еден уникататен страстен спој на изразито машки и женски принцип кој токму по таа посебност ги издвојува од другите камерни состави кај нас. Оваа јасно профилирана дистинкција во карактерите тие ја потенцираат со тоа што Катерина во сите дела ја извадува мелодиската китнеста и виртуозена делница во високите регистри, а Глигор ја отсликува полифоно – хармонската длабочина на басовата база. Во таа смисла воопшто не нé изненади очигленото задоволство и воодушевеност кај бројната публика во текот на целиот концерт која без здив ги следеше и со овации го награди нивниот настап. Катерина и Глигор Гелебешеви го имаат она обележје на изразито телентирани но и врвно подготвени уметници кои умеат да го задржат вниманието на слушателите од првиот до последниот такт. И да не заборавиме... секогаш е најтешко да постигнете успех дома... бар кај нас...
 
Викица Костоска Пенева

Фото: Панда Зографска Беличанец (приватна архива)