„Златна лира“ 2019 Подиум на млади – добитници на наградата на СМУМ од натпреварот „Охридски бисери“

Во рамките на редовната програма и настапите на реномирани уметници од земјава и од странство, фестивалот „Златна лира“ секоја година организира и подиум на млади музичари. Идејата е иницирана од раководството на фестивалот со цел промоција и афирмација на младите уметници на почеток на концертната кариера што секако е за пофалба. Во последниве години исто така новина е и соработката на Сојузот на музички уметници на Македонија со меѓународниот натпревар на млади музичари „Охридски бисери“ кој од 2002, секоја година во месец јуни се одржува во Охрид и опфаќа учесници во повеќе категории и дисциплини од целиот свет. Плод на таа соработка е наградата за најдобар учесник на натпреварот од Македонија која ја доделува токму здружението СМУМ, а се состои од организација на концерт во рамките на фестивалот „Златна лира“. Годинава во две фестивалски вечери настапија добитниците на оваа награда од натпреварот во 2018 и 2019 година.

Првата вечер пред публиката во Музејот на револуционерната борба, се претставија добитничките на наградата на СМУМ од натпреварот „Охридски бисери“ во 2018 година, Дани Жоговска на пијано и Камелија Дукова на виолина, во пијано придружба на Лига Скриде од Летонија. Станува збор за две млади уметници кои со своите концертни настапи веќе и се добро познати на пошироката публика кај нас. Дани Жоговска е матурантка во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје во класата по пијано на проф. Огненка Герасимовска-Димитровска и во досегашното школување има остварено исклучително голем број учестава на домашни и престижни меѓународни натпревари по пијано за кои е добитник на виоки награди и признанија. На концертот на „Златна лира“ се претстави со Бетовеновата „Патетична“ соната, Прелудиумот оп. 32 бр. 10 и Етидата оп. 33 бр. 7 од Сергеј Рахмањинов и композицијата „Думка“ од Петар Илич Чајковски.

Следејќи го нејзиниот развој и после овој успешен настап може да забележиме дека се работи за мошне надарена млада пијанистка која со голема посветеност работи на своето уметничко усовршување и пред која несомнено стои можност за квалитетна концертна кариера. Особено сугестивен беше и настапот на виолинистката Камелија Дукова во Брамсовата соната за виолина и пијано од опусот 100 бр. 2 во А – дур, Сонатата бр. 2 во еф – мол од Георгие Енеску и „Песната“ за соло виолина од Томислав Зографски. Камелија Дукова средното обарзование го завршува во класата по виолина на проф. Љубиша Кировски во ДМБУЦ во Скопје, а во моментов е студент во класата на проф. Петру Мунтеану на факултетот „Леополд Моцарт“ во Аугсбург во Германија.

На втората вечер посветена на младите изведувачи, настапија добитниците на наградата на годинешново издание на „Охридски бисери“ - Стефан Неделковски на саксофон и Моника Трајковска на флејта. Стефан Неделковски го слушнавме со изведба на композициите Концерт за саксофон оп. 109 од Александар Глазунов, 5 пиеси за соло саксофон од Томислав Зографски и „Ламенто и рондо“ од Пјер Санкан. На натпреварот „Охридски бисери“ покрај наградата на СМУМ, Стефан Неделковски беше добитник и на наградата на фондацијата „Томислав Зографски“ за најдобро отсвирено дело од авторот, како и Гранд при награда за најдобар учесник на целиот натпревар. Со забележителниот настап на „Златна лира“, тој само потврди дека наградите се доделени во вистински раце. Инаку во моментов Стефан Неделковски е студент на ФМУ во Скопје во класата на професор Нинослав Димов. Моника Трајковска исто така студент на ФМУ во Скопје, во класата на проф. Страшо Темков, се претстави со делата Соната за флејта од Пуланк и виртуозните варијации за флејта и пијано „Карневал во Венеција“ од Џулијано Бричиалди. Настапот на двајцата млади уметници во пијано придружба на Билјана Петровска, ветува успешни носители на музичкиот живот во иднина.

Афирмацијата на младите талентирани музички уметници и можноста да настапуваат на професионален концертен подиум е особено значајна за развојот и напредокот во нивниот уметнички пат. Во таа смисла, апсолутно е важна поддршката од професионалните музички здруженија како во случајов Сојузот на музичките уметници и натпреварот „Охридски бисери“ и нивната намера да истраат со благородната идеја. Се разбира, за целосно заокружување на мисијата, неопходна е сесрдна помош од надлежните институции во културата, како и пошироката општествена заедница, со која би им се овозможиле квалитетни услови за просперитет на сите млади уметници.
 
Викица Костоска – Пенева
Фотографии: Панда Зографска Беличанец - приватна архива

Галерија