Ерик Сати и современиците - концерт на Елена Костовска

Елена Костовска својата најнова пијанистичка креација ја реализираше со неделен матине концерт посветен на француска музика за пијано создадена меѓу крајот на XIX-от и почетокот на XX-от век: Erik Satie (Ерик Сати), Claude Debussy (Клод Дебиси) и Maurice Ravel (Морис Равел). Беа изведени селектирани делови од следниве композиции: Сати „Gnossienne“ 1 - 4, Сати  „Sports et Divertissements“ („Le Bain De Mer“, „Les Quatre-Coins“, „Le Tango“), Сати „Suite Avant dernières pensées“ („Idylle“, „Méditation“), Сати „D’Edriopthalma“ (дел од циклусот „Embryons Desséchés“), Сати „Je Te Veux“, Дебиси  „Suite bergamasque“ („Prélude“, „Clair de lune“), Равел „Valses nobles et sentimentales“ (бр. 1, бр. 2, бр. 7), Сати „Gymnopédie“ 1. Концептот на програмата имаше целост преку избор на делата на Сати изведени на почетокот и на крајот од концертот. Низ селектираните делови од суитните циклуси од творештвото на Сати, Дебиси и Равел, Костовска извлече значителен спектар на звук и гест од музиката.
 
Главното внимание од концертот припадна на творештвото на Сати. Костовска настапи стабилно, смирено, нудејќи редоживување на музиката од периодот на парискиот „кафе шантан“ која всушност поретко се изведува од страна на домашните пијанисти.
 
Преку елегантни движење на рацете Костовска постепено ги формираше карактеристиките на Сатиевата музика која се одликува со комбинација на три клучни нешта музика, поезија и калиграфија. Освен популарните два циклуси „Gnossienne“ и „Gymnopédie“, Костовска се одлучи да ни претстави дел од циклусот „Sports et Divertissements“ која според голем број на музиколози, теоретичари се смета за амалгам на стилските идиоми на Сати кој ги развивал со години.
 
Преку интерпретацијата на Костовска се доби впечаток дека посветено ги има анализирано кратките повторливи фрази на музиката на Сати, со суптилни варијации на звуковните и хармонските бои. Добар баланс на техниката, експресија креирана со шарм, меланхоличност, интимност, делумно хумор, се проткајаа низ изведбата на сите дела на Сати.  Така на пример имаше разлика во интерпретацијата меѓу „Suite Avant dernières pensées“ и „Je Te Veux“ - пригушен потемен тон во првата, наспроти впечатлив ритмички пулс во левата рака и посветла, поведра водечка мелодија во втората.
Во втората половина од концертот беа изведени дела од Дебиси и Равел. Дебиси прозвуче побогато со пошироко, продлабочено искористување на целокупната клавијатура со што Костовска на одличен начин искреира доловување на разните пијанистички стилови на француските композитори кои делувале приближно во ист временски период и во ист регион. Валцерите од Равел понудија динамичност преку промена на темпата, изведени солидно низ приказ на интензивен импресионистички, но и модернистички дух. Официјалниот дел на концертот заврши со „Gymnopediе“ 1 интерпретирана од Костовска избалансирано, медитативно преку сите три делови на композицијата басот, пригушените акорди во средниот глас и водечката мелодија.
 
По завршувањето на концертот следеше доделување на признанието за Елена Костовска од страна на Фондацијата „Томислав Зографски“ и директорката Панда Зографска Беличанец. Костовска беше прогласена за почесен член на Фондацијата „Томислав Зографски“ за 2019 година. Истото беше доделено поради повеќегодишната изведба на делата на Зографски од страна на Костовска. За бис публиката слушна една „Минијатура“ од Зографски, изведена технички прецизно, ефектно и со одлична корелација меѓу двата контрасни делови на самата композиција.
 
Јулијана Папазова