Прекинот на концертните настапи, актуелен во пролетните месеци заради познатите причини предизвикани од светската пандемија, музичките уметници со забрзано темпо го надокнадуваат есенва. Месец септември помина во знакот на фестивалот „Денови на македонска музика“, а од вечерва во осум фестивалски вечери, скопската публика ќе може да го проследи четиринаесеттото издание на фестивалот „Златна лира“. На Свеченото отворање, претседателот на здружението „Сојуз на музичките уметници на Македонија“ Љубиша Кировски, најави интересни камерни концерти кои ќе го одбележат октомври.
Во салата на Музејот на револуционерна борба, „Златна лира – 2020“ започна со концертот на пијано – дуото Весна Ангелова Христов – Петар Макариевски. Во повеќегодишната соработка, ова дуо има остварено низа успешни концертни настапи во Македонија и во странство како пијано дуо четирирачно и дуо - две пијана.
Покрај останатите предизвици со кои музичките уметници се соочуваат во вонредните услови на пандемија, (значително редуциран број слушатели, алтернативни концертни подиуми, одложување, неизвесност...), интересно е да се забележи конципирањето на програмата, чие времетраење во актуелните услови е ограничено на еден час. Во таа смисла пијано дуото Ангелова – Макариевски за рециталскиот настап, заокружи внимателно осмислен програмски избор, создавајќи мистериозен амбиент со речиси целосно придушено светло во салата (кое во текот на концертот се покажа наполно адекватно со изведбата).
Концертот започна со композицијата „Три пиеси за музичка кутија“ од композиторот Костадин Делиниколов. Првенствено создадена за деца и посветена на ќерката на авторот, „Музичката кутија“ подоцна е преработена за четирирачно пијано и претставува привлечна партитура за мали, но и за зрели пијанисти. Трите нежни, минималистички креирани минијатури со ограичени опсези и репетативни мелодиски мотиви на белите клавиши, ги слушнавме во суптилна изведба на дуото Ангелова – Макариевски која обилуваше со богата палета на пијанисима и деликатен израз. Таа интерпретација во целост тонот на пијаното го пренесе во звучните бои на омилената детска играчка од минатото, музичка кутија и приспивна, интимна атмосфера од детската соба.
Доследни на тој манир, пијанистите Ангелова и Макариевски ја одбраа и втората точка на концертот. „Детските сцени“ оп. 15 од Роберт Шуман се оној илустративен приказ кој покажува дека светот на децата и нивната имагинација во сите епохи и стилови кај многу автори низ музичката историја зазема посебно место. Од деца – композитори, пиеси специјално пишувани и прикладни за детска изведба, до мали и големи ремек дела инспирирани од различни моменти во животот на децата. Токму такво дело се Шумановите „Детски сцени“, кои самиот автор ги посочува како одраз на детето во него, реминисценции на детството, но кои во исто време го покажуваат неговиот автентичен творечки гениј. Задржувајќи се во имагинативниот детски свет, дуото Ангелова – Макариевски со изведбата на „Детските сцени“ во аранжман за четири раце на пијано, ги долови сите обележја на шумановиот пијанистички стил, романтични полифони линии, изразита агогика и музикалност. Со прецизна усогласеност на басовата и високата делница, пијанистите музицираа суптилно доловувајќи ги сите расположенија од детството... веслост, игра, молежливост, мечтаење, палавост, тага, кои се така „видливо“ вткаени во тринаесетте „мињони“ на Шуман. Несомено е важен префинет музикалитет кај уметниците кои го изведуваат ова историски значајно дело, што пијанистите Ангелова и Макариевски покажаа дека го поседуваат.
Дуото, концертот го заокружи со четири пиеси, избор од циклусот оп. 11 од Сергеј Рахмањинов и тоа „Баркарола“, „Руска тема“, „Романса“ и финалната „Слава“. Изведбата на Рахмањинов го отслика профилот на пијанистичкото дуо од поинаков агол. Продлабочена интерпретација, адекватна техничка цврстина, соодветна и блиска до музичкиот јазик на Рахмањинов. Иако ова дело композиторит го напишал кога имал само дваесет и една година, длабочината на изразот веќе го дефинира неговиот величствен стил на уникатни мелодии и комплексни хармонски структури. Во пиесите од Рахмањинов, особено во завршниот став „Слава“ ги слушнавме двата различни звучни ликови на пијанистите Ангелова и Макариевски, кои во дијалогот што го водат низ заедничкото музицирање создадоа единствен звучен склад, но и моќност, толку важна и специфична за стилот на рускиот великан. Со завршницата на концертот видливо беше дека станува збор за музичари кои својот уметнички израз го засноваат на деликатен програмски избор и суптилна интерпретација со кои остваруваат посебно естетско доживување. Публиката на концертот, забележливо задоволна од изведбата на дуото Ангелова – Макариевски, подеднакво уживаше и во рафинираната изведба на незаборавното „парче“ „Träurmerei“ од Шуман и во интензивните „ѕвона“ во „Руската тема“ и „Слава“ од Рахмањиноф. Концертите од ваков музички профил претставуваат редок миг на бегство од реалноста за секој вљубеник во класичната музика.
Викица Костоска Пенева
Фото: Панда Зографска Беличанец / Фондација Зографски