Кон концертот на пијано дуото Јасна Аврамовска Костенарова – Дарко Мариновски
Значењето на фестивалот „Златна лира“ во сите негови изданија, а посебно годинава со отежнати околности, покрај останатото е што и овозможува на малубројната привилегирана публика во кус временски интервал да ги слушне македонските музички уметници и да ја доживее нивната разноликост во сите аспекти на музичкото исполнителство. Фактот што и првата и втората вечер на програмата беа пијано дуа четирирачно, не создаде чувство на монотонија кај слушателите, напротив тоа беа естетски целосно различни претставувања. Без претензија за споредба на двете камерни вечери, иако еднородноста на ансамблите тоа природно го наметнува, ќе се задржиме само на констатацијата дека бевме сведоци на целосно контрастни естетски перформанси кои ги восприемаме како позитивно случување.
Пијано дуото Јасна Аврамовска Костенарова – Дарко Мариновски, во изминативе години откако ја започнува заедничката концертна дејност бележи повеќе успешни настапи во двете формации на составот, четирирачно пијано и две пијана (ќе се потсетиме на првиот настап за две пијана во Малата сала на Македонската филхармонија и изведбата на Сонатата од Ристо Аврамовски пред две години). Уметниците кои со нагласен артизам, екстровертност и видлива страст ги презентираат музичките дела, несомнено успеваат да си обезбедат поширок круг задоволни слушатели. Ако тоа се соедини со допадлива програма, која сама по себе е доволно популарна и разбирлива, успехот е уште поголем. Дуото Аврамовска – Мариновски се определи за токму таква програма што имавме можност да ја слушнеме на втората фестивалска вечер на „Златна лира“ 2020.
Во забележливо ведро и вдахновено расположение, уметниците за вовед во концертот одбраа три Бетовенови германски танци и три маршеви кои ги изведоа во свечен манир, одбележувајќи ја двесте и педесетгодишнината од раѓањето на титанот во европската музичка култура. Овие мелодични дела со јасна класична структура од младешките денови на Бетовеновиот прв творечки период, ја отсликуваат онаа елегантна „салонска“ страна во творештвото на композиторот, кој како ретко кој друг автор има така силна еволуција во творечкиот израз од раните до зрелите творби. Истакнувајќи ги обележјата на овие изразито фолклорно инспирирани пиеси чие извориште доаѓа од алпските хорни на австриските и германските планини, но и од народните танци од 18 тиот век, пијанистите Аврамовска и Мариновски тука акцентот го поставија на цврст ритмичен пулс, примарен за карктерот на валцер и одлучното чекорење во маршот. Уште на самиот почеток забележливо беше дека двајцата пијанисти делат усогласена музичка мисла и компакност во изразот.
„Прошетката“ по „фолклорните богатства“ на европските народи, во случајов чешкиот дух, продолжи во трите дела кои следуваа, двата ултра популарни Словенски танци во е-мол оп. 72 бр. 2 и во ге-мол оп. 46 бр. 8 како и „Легендата“ во Це-дур оп. 59 бр. 4 од Антонин Двожак. Честопати, клавирските дуа се определуваат за транскрипции на познати оркестарски дела, преработени за пијано четири раце. Тоа им овозможува засилено извлекување на и онака природно оркестарскиот волумен на пијаното што само по себе воопшто не е лесна задача. Изведбата на Дворжаковите пиеси беше сугестивна, технички изработена, надополнета со изразитата музикалност на двајцата уметници кои по лично видување свират со воочлива агогика како своевидна отстапка од некои кодифицирани сфаќања, а со тоа создаваат своја препознатливост. Во интерпретацијата на, за нив очигледната неодоливост на словенскиот фолклор, Аврамовска и Мариновски покажуваат силна имресионираност од „музичката материја“ што ја свират и тоа го демонстрираат со видлив жар.
Кулминативна точка на концертот беше праизведбата на транскрипцијата на симфониската поема „В’лтава“ од Беджих Сметана (тенденција на дуото е во своите концертни настапи да внесува неизведувани дела на концертните подиуми во Македонија)... Уште една „словенска приказна“, единствена музичка слика за природната убавина која композиторот толку верно ја „насликал“ со музички бои. Веројатно најсложен предизвик во интарпретацијата на оваа генијална партитура е токму умешноста да се пренесе богатството инструментални бои од оркестарот – на пијано за да се постигне звукот и енергијата на величествената река. Тоа, од страна на музичарите, неоспорно бара посветено толкување на авторските пораки и темелна подготовка. Со спектар нијанси, динамички интензитет кој постепено прерасна во бравура, Аврамовска и Мариновски проникнаа во суштината на сложениот нотен запис и го постигнаа посакуваниот ефект. За крај, уште една транскрипција, безвременската „Кармен“ на Жорж Бизе ни го потврди вкусот на дуото кон енергични и страствени пиеси, со кои во целост може да го отелотворат својот креативен сензибилитет. А во стилот на целиот концерт не нé изненади „Танцот на сабјите“ од Арам Хачатуријан кој дуото го отсвири на бис.
Во изведбата на дуото Аврамовска – Мариновски, публиката може на очиглед да препознае радост од заедничкиот настап, силни динамички пресврти, на моменти духовита пренагласена агогика, романтичарски полет, но и компактен звук со суптилно заоблени фрази и оркестарско фортисимо. Со својата нескриена емотивна експресија, искреност и топлина при свирењето, двајцата уметници експлицитно покажуваат дека камерното музуцирање може за исполнителите да претставува големо задоволство, па ако сакате и забава.
Викица Костоска - Пенева
Фотографија: Панда Зографска Беличанец / Фондација „Томислав Зографски“