Свечено затворање на „Златна лира“ 2020 - Бахова вечер

Важноста на музичките настани и случувањата од областа на културата воопшто, се чини некако добиваат дополнително, суштинско значење во вонредните услови во кои се одвива и истекува оваа (најблаго речено) чудна 2020 година. Таа донесе сосем нови правила во начинот на живот, во односите меѓу луѓето, во поимањето што е добро, убаво и „нормално“. Во тоа („преку ноќ“) прилагодување кон предизвиците што ни ги донесе пандемијата и опасниот вирус се најдоа и музичките уметници, насекаде во светот, па и кај нас во Македонија. Илјадници видео-клипови со музичари кои свират „заедно“ од своите домови ги преплавуваа социјалните мрежи, несомнено со цел да ја задоволат нивната потреба од јавен настап... каков и да е... Но првиот момент, кога се создаода услови за тоа, тие излегоа надвор од „четирите ѕидови“, прво на балконите, па на улиците, во парковите, а од неодамна и на своето место, во концертните сали. Сојузот на музичките уметници на Македонија, веќе четиринаесет години успешно го реализира фестивалот „Златна лира“ – место за презентација, пред сé на македонските уметници во сферата на солистичкото и камерното музицирање. Негубејќи време, организаторите на овој веќе традиционален фестивал, „експресно“ го реализираа проектот во осум фестивалски вечери, од 01. до 16. октомври и ѝ понудија на „според протоколите“ малубројната скопска публика, миг за оддишка од чудното секојдневие. Освен ограничениот број посетители, уметниците изведуваа и „експресни“ програми со скусено траење од максимум еден час, што иако наметната, се покажа како новина која би можело да се задржи и во иднина. Имено, уметниците ја покажаа својата креативност во конципирањето куси, но интензивни и богати програми, во кои го покажуваат најдоброто од себе и во целост го задржуваат вниманието на публиката.

Години наназад, следејќи ги активностите на уметниците, ќе се согласиме, воглавно приоѓаат со доволна доза страст кон подготовката на своите концерти, но годинава, веројатно заради ограничувањата сето тоа е степен повисоко. Фестивалот „Златна лира“ донесе еден толку неопходен свеж здив во културниот живот на Скопје оваа есен.

Во свечена и енергична атмосфера протекна свеченото затворање на фестивалот. Најнапред, претседателот на здружението Сојуз на музичките уметници на Македонија, Љубиша Кировски им ги додели наградите „Златна лира“ за едногодишна успешна концертна дејност на кларинетистот Бранко Павловски и за животно дело на ансамблот кој повеќе од четири децении остварува плодна концертна кариера,  Скопскиот дувачки квинтет. А камерниот оркестар „Профундис“ под диригентство на Ѓурѓица Дашиќ одржа концерт на кој како гости настапија солистите Љубиша Кировски и Марија Јанчулеска на виолина и Марија Ѓошевска и Славица Мицовска-Смилевска на пијано. Салата во Музејот на револуционерната борба беше исполнета до последното „дозволено“ место, очекувано вреднувајќи според изборот на програмата. За оваа пригода, беа тоа три блескави концерти од Јохан Себастијан Бах, третиот Бранденбуршки концерт за гудачи во Ге-дур и двата двојни концерти за две виолини и гудачи во де-мол и за две пијана (клавичембала во оригинал) и гудачи во це-мол. Сама за себе програма доволна да предизвика восхит. Целата серија шест Бранденбуршки концерти, издвоени како едни од најуспешните оркестарски творби во епохата на музичкиот барок се одраз на сјајната, екстровертна страна во творештвото на Бах. Третиот концерт, кој го слушнавме во токму таква сјајна изведба на оркестарот „Профундис“, под водство на енергичната диригентка Ѓурѓица Дашиќ, е специфичен како во однос на инструментацијата (во ракописот невообичаено за Бах се назначени по три виолини, виоли и виолончела и басо континуо) така и во однос на формата (вториот став е сведен само на еден такт во Адаџо како преод кон френетичното финале). Тоа непрекинато ритмично движење кое ја симболизира живототворната радост на зрелиот барок, продолжи и во двата двојни концерти што следеа создавајќи слика на музички „перпетуум мобиле“. Солистите во виолинскиот концерт, Љубиша Кировски и Марија Јанчулеска со видлив темперамент и пркос и со идеја за побогата палета динамички нијанси, која излегува од рамките на барокниот стил, ги изведоа брзите ставови во еден од најпознатите концерти на Бах. А вонвременската убавина во темата од вториот став, која со длабоко емотивна изведба ја донесоа виолинистите во полифониот „разговор“ со оркестарот, е потсетник зошто Баховата музика ја допира сферата на совршенството. Во завршницата на концертот, следуваше уште една полетна изведба, уште еден бисер од неговото творештво. Пијанистките Марија Ѓошевска и Славица Мицовска-Смилевска, во жестокиот манир на вечерта, со леснотија и во еден здив го изведоа концертот за две пијана во це-мол.

Всушност, проследивме еден од оние концерти за кои е излишен било каков аналитички пристап кон некакви технички аспекти на изведбата, туку едноставно енергијата и заедништвото на музичарите се на толку високо ниво што во преден план се надвишува чистата естетска креација. Симболично гледано, тоа е порив и потреба за уметнички израз кој опстојува и во најневозможни и нелагодни околности, искажан преку совршенството во музиката на Бах. Во поширок контекст, фестивалот „Златна лира“ годинава го восприемаме како исклучителен настан во областа на културата. Потребата од музика е онаа нишка која го оплеменува духот, ги победува дистанцата и изолацијата и создава чувство на заедништво и блискост.

Викица Костоска Пенева
Фотографии: Панда Зографска Беличанец / Фондација „Зографски“

 

Галерија