СВЕЧЕНО ОТВОРАЊЕ НА ЗЛАТНА ЛИРА 2023: Концерт на Михаило Арсенски (тенор) и Дино Имери (пијано)

 

Понеделник, 16 октомври
Музеј на македонската борба, 20 часот



СВЕЧЕНО ОТВОРАЊЕ НА
„ЗЛАТНА ЛИРА“



РЕЦИТАЛ НА СОЛО ПЕСНИ

МИХАИЛО АРСЕНСКИ - тенор
ДИНО ИМЕРИ - пијано


 

За програмата

Македонскиот тенор Михајло Арсенски, чии што уметнички патишта го носат далеку од нашата држава, својата кариера долги години ја гради на концертните и оперски сцени на голем број светски метрополи. Критичарите го нарекуваат мајстор на вокалната техника, пејач кој импресионира со зрелоста на својот вокал и супериорната пејачка експресија. Концертот на свеченото отворање на годинашната „Златна лира“,  Арсенски во пијано придружба на Дино Имери ќе го посвети на соло песната, форма на која тој ѝ дава особен пиетет и успева да ја воздигне на највисоко уметничко ниво, изведувајќи композиции од Клод Дебиси, Рихард Штраус, Трајко Прокопиев, Тодор Скаловски и Томислав Зографски.

За уметниците

Тенорот Михаило Арсенски (Скопје, 1971), дебитира на сцената на Националната опера во Скопје воулогата на Грофот Хомонај во оперетата „Циганскиот Барон“ од Ј. Штраус на 8. март 1991 година, за време на студиите во класата на Проф. Милка Ефтимова. По дипломирањето на Факултетот за музичка уметност (1994), настапува во Скопје во улогите на Алфредо (Травијата), Бепе (Паљачи), Камиј (Веселата вдовица) и Грофот Алмавива (Севилскиот бербер). Се усовршува на Европската Моцартова академија за камерна музика во Краков, Полска и на Оберлин конзерваториумот во Оберлин, САД.
 
Член е на Оперското студио на Париската национална опера (1998-2001) и често настапува како гостин на сцените на Операта Бастиј и Пале Гарние, каде во текот на девет театарски сезони остварува соработки со диригенти како: Џејмс Конлон, Даниел Орен, Пинкас Штајнберг, Гари Бертини, Владимир Јуровски, Ренато Палумбо, Никола Луизоти, Паоло Карињани, Филип Жордан, Улф Ширмер, режисери како: Роберт Карсен, Франческа Замбелато, Лоран Пели, Андреј Сербан, Џонатан Милер, Жана Моро (познатата филмска актерка).
 
Арсенски е првиот претставник на Македонија на престижниот пејачки натпревар: BBC- The Cardiff Singer of the World во 2001 година.

Низ Франција и Швајцарија остварува повеќе водечки улоги од италијанскиот и францускиот романтичен оперски репертоар како: Војводата (Риголето), Алфредо (Травијата), Фентон (Фалстаф), Неморино (Љубовен напиток), Алмавива (Севилскиот бребер), Гомаз (Заиде), Џенаро (Лукреција Борџа - Доницети), Родолфо (Боеми), Оронте (Ломбардијци- Верди), Аменофи (Мојсеј- Росини), Жералд (Лакме- Делиб), Надир (Ловци на бисери - Бизе), Винцент (Миреј - Гуно), Ромео (Ромео и Јулија - Гуно) и Вертер (од истоимента опера - Масне).

Настапува на оперски концерти, но и во повеќе вокално- инструментални дела како: Бах Магнификат, Моцарт Реквием, Моцарт Крунидбена миса, Хајдн Годишните времиња, Бетовен Деветта симфонија, Росини Мала свечена миса, Алфеев Пасија по Матеј, Бизе Те Деум, во сали како: Опера Комик, Театарот Шанз Елизе, Салата Плејел, Салата Гаво и Аудиториумот на музејот во Лувр во Париз и Конгресниот културен центар во Луцерн, Швајцарија. Со посебен интерес го негува репертоарот на соло песни.

Од 2018 година е Доцент е по вокално пеење на Факултетот за музичка уметност на Универзитетот во Минстер, Германија.
 

„Михајло Арсенски во улогата на Џенаро покажа, поготово на премиерата, мајсторско достигнување со неговата вокална техника, неговиот прекрасен глас на тенор оправдува најголеми надежи... “
 
Критика за премиерата на „Лукреција Борџа“ од Доницети
Енгадинер Пост, Швајцарија, 2005

 
„Вокалната уметност на Михаило Арсенски извира од неговата музикална дарба, која со исклучителниот и култивиран едукативен пат му го обезбедува местото меѓу ретките и посебни мајстори на вокалниот израз. Со супериорна пејачка експресија, со нагласена надареност за уметничко вознесување на мелодијата и поезијата, неговата интерпретација на соло песните од Трајко Прокопиев, Томислав Зографски, Тодор Скаловски, Клод Дебиси, Габриел Форе и Роберт Шуман, ја достигнуваат извонредно високата култура на пеењето обоено уште и со спектар од вокални валери и емоции, додека пак чувството за мелоритмиката на тонската фактура и стилската препознатливост се моќните атрибути за тоа дека станува збор за впечатлив уметник на перфекционистичката вокална изведба. Неговиот раскошен и со убав тембар глас, се доживува импозантно и со нескриена желба за продолжена музичка убавина.“
 
Васка Наумова Томовска, Музички критичар, Скопје 2013


Дино Имери (1990) е еден од најреномираните македонски пијанисти. Со огромен успех настапува на престижните сцени низ светот како гостин на врвни оркестри, како рецитален уметник и како камерен музичар. За него француската критика ќе напише: „Дино Имери – магионичар на пијаното.“ (Magazine, OPS), а неговите уметнички креации не ја оставаат рамнодушна ниту публиката присутна на неговите концерти.

За неговите изведби стручната критика ќе напише: „Дино Имери не само што ја изведува музиката, скоро како да ја компонира во моментот. Неверојатен и рафиниран квалитет на звукот, беспрекорна техника, инструментална култура и фасцинантна слобода со еден неверојатен интерпретациски квалитет во неговите изведби – ова е краток опис на неговото големо умеење.“ (Е. Дочева, Kultura.bg)

Настапувал со Стразбуршкиот филхармониски оркестар, Софиската филхармонија, Македонската филхармонија, Симфонискиот и Камерниот оркестар на ФМУ - Скопје, Оркестарот на Националната опера и балет и други ансамбли.



Добитник е на бројни награди и признанија: „Виртуози“ за млад музички уметник, „св. Мајка Тереза“ за хуманост, Лауреат на Фондацијата „Томислав Зографски“, Златна Бубамара на Популарноста, ранг во десетте најдобри млади европски пијанисти според 3eme Concours européen de piano – Normandie.

Имери е застапен на бројни изданија за престижни дискографски куќи, а бележи успеси и како композитор, пишувајќи музика за филм, театар, инструментална и вокална музика.

Своето образование се стекнува најпрвин во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ (класа на проф. Људмила Романова), а дипломира со високи почести на ФМУ во Скопје (класа на проф. Борис Романов), а магистрира со високи почести на ФМУ во Скопје (класа на проф. Симон Трпчески). Од 2018 година Дино Имери предава на Факултетот за музичка уметност при УКИМ во Скопје.


Влезот на концертот е слободен.