ЗЛАТНА ЛИРА 2023: Концерт на ХАЈДИ ЕЛЗЕСЕР - пијано

 

Вторник, 17 октомври
Музеј на македонската борба, 20 часот


 

За програмата

Успешна на полето на солистичката и камерната музика, но и во педагогијата, оваа македонската уметница што живее и работи во Германија негува посебен сензибилитет и длабок однос кон музиката, за што сведочат многубројните рецензии напишани за нејзините настапи на концертните подиуми низ Европа. Познатиот француски критичар Шантал Стиљани дури истакнува дека Елзесер ги исполнува француските композитори со таков француски сензибилитет, поголем и од оној на француските музичари. Посебна љубов таа негува кон делата на македонските композитори кои честопати се застапени на нејзиниот концертен репертоар, не ретко и како праизведби. Хајди Елзесер им вдахнала живот на бројни дела од Томислав Зографски, Гоце Коларовски, Јана Андреевска, Александар Пејовски, Михаило Трандафиловски, Панде Шахов, Ана Пандевска, Костадин Делиниколов, Владимир Николов.
 
Нејзините изведби се редовно застапени на македонските фестивали како „Денови на македонска музика“, а оваа година својот подиум ќе ѝ го отстапи фестивалот „Златна лира“. На програмата се дела од Јорг Петер Митман, Јоханес Брамс, Гизелер Клебе, Константин Делиниколов, Морис Равел и Франсис Пуленк.

 

За пијанистката

Хајди Елзесер настапува како солист и камерен музичар во концертни сали ширум светот, меѓу кои во салата „Гаво“ во Париз, „Тонхале“ во Дизелдорф, „Еткер Хале“ во Билефелд, познатата концертна сала на „Резиденсиа де Естудиантес“ во Мадрид. Редовно настапува на бројни фестивали низ цела Европа, како и во Кина и САД: Фестивал за современа музика – Детмолд, Пуленк Фестивал – Детмолд, Денови на современа музика во Гетинген, КантАрт – Северна Рајна Вестфалија, Фестивал Фракции – Билефелд, Џорџ Крамб – Детмолд, Шопен Фестивал – Париз, Охридско лето и Денови на македонска музика – Скопје, исполнува премиерни изведби на композитори со кои редовно соработува, како што се Б. Шуман, В. Глобокар, Ј. Андреевска, М. Апелбаум, А. Пејовски, М. Трандафиловски, Х.Ј. Винклер, М.К. Редел, К. Делиниколов, Г. Сантандер, П. Шахов, В. Николов, К. Џерет, М. Егерт, П. Леивадас и други.
 
Македонските композитори се редовно претставени на нејзините настапи. Нејзиниот репертоар е исклучително еклектичен и многустран – од раниот барок, па сѐ до современите дела на 21-от век, вклучувајки и бројни светски премиери. Хајди Елзесер е основач на квартетот за две пијана и два перкусионисти „ Artwork Ensemble“ кој е посветен на современата музика и со кого веќе има гостувано на фестивалот „Денови на македонската музика“. Настапува редовно како член на повеќе ансамбли за современа музика како што се „ Ensemble Horizonte“ со кој во ноември 2022 снима компакт диск, „Earquaqe Ensemble, ансамблот Виноросо и други.

Покрај нејзината активна концертна дејност како солист и камерен музичар, Елзесер настапува со оркестарот на Ландестеатер Детмолд, како и со сите македонски оркестри под водство на диригентите Саша Николовски – Ѓумар, Тадеуш Козловски, Ангел Шурев, Александар Лековски, Фимчо Муратовски, Томас Херзог, Карлхајнц Блемеке и други. Елзесер остварува бројни аудио и видео записи за македонското радио и телевизија, во живо настапува на француското радио „Радио Франс“ - како солист и во дуо со нејзиниот последен професор, интернационално реномираниот пијанист Жан-Ефлам Бавузе, на националното шпанско радио на кое во живо е пренесуван нејзин солистички концерт, како и на повеќе германски станици меѓу кои редовно на познатиот канал за класична музика – ВДР 3.
 
Елзесер има издадено свој соло компакт диск со дела на Брамс и Шуберт, а учествува и во повеќе продукции на компакт дискови со камерна музика во Германија. Од 2011г Хајди Елзесер и нејзиниот ансамбл за современа музика се почесни членови на Фондацијата „Томислав Зографски“.
 
Хајди Елзесер е родена во Скопје, Македонија. Дипломира на ФМУ во класата на С. Слејанска, го продолжува студиите на Екол Нормал де Музик во Париз каде се здобива со повеќе дипломи, како и на Европскиот Конзерваториум исто така во Париз, Франција. Во овој период нејзин најзначаен професор е Теодор Параскивеско. Круна на нејзините студии се „Концертегзамен“ студиите (највисоки студии за солистички инструмент во германскиот музички образовен систем) на факултетот за музика во Детмолд, Германија кои ги завршува со голем успех во класата на Жан-Ефлам Бавузе. Во текот на школувањето таа учествува и на многу мастеркласи, каде остварува важни контакти со големи имиња како што се Пол Бадура – Скода, Вера Горностаева, Андреас Штаер и други. Елзесер работи неколку години како асистент на ФМУ Скопје, а по студиите во Германија (во којшто период работи како асистент на Проф. Бавузе) останува таму и работи како предавач на Факултетот за музика во Детмолд. Хајди Елзесер е член на жири комисии на германски натпревари, држи национални и интернационални мастеркласи, а нејзините ученици и студенти се добитници на награди на повеќе натпревари во Германија.
 



Критики и изјави од познати музичари за Хајди Елзесер:
 
„Никогаш не сум чул некого да го свири третиот клавирски концерт на Барток со толку многу љубов…"
Петер Косе, критичар, Австрија
 
„Посветеноста на Г-ца Елзесер на бавниот став – едно анданте состенуто – треба особено да се подвлече, низ убавината и задржаната игра на воздржаната, тајна, кон себе свртена интроспективна интерпретација.“ (Шуберт Соната Д 960)
Адолф Карл Готвалд, критичар, Зидојче Цајтунг, Германија
 
„Надарена со длабоко уметничка природа, секогаш го ценев нејзиниот редок капацитет да ги разбере и одново – креира најсуптилните дела – со поетичност, со нејзиниот темперамент, ангажман и сето тоа – секогаш со врвен пијанизам.“
Жан – Ефлам Бавузе, Франција
 
„Хајди Елзесер има продорен и длабок приод кон музиката. Таа е исклучителен музичар и
личност. Нејзиното свирење содржи вистинска уметност и култивираност.“
Вера Горностаева, Русија
 
„Г-ѓа Елзесер е голем талент кој ме воодушеви не само со нејзиното свирење туку и со
нејзината интелигенција и убедливост.“
Пол Бадура-Скода, Австрија
 
„Хајди Елзесер има повеќе сензибилитет за француска музика од повеќето музичари родени
во Франција.“
Шантал Стиљани, Париз, Франција
 
„Со таква убедлива интерпретација, карактеристична за зрели уметнички индивидуи, Хајди Елзесер ја заврши оваа музичка вечер на најубав можен начин.“
Бојан Ортаков, Нова Македонија
 
„Пијанистката Хајди Елзесер фасцинираше со нејзините интерпретации на Равел и Пуланк.
Таа ја воодушеви публиката со нејзиното свирење, кое од една страна беше технички
брилијантно и моќно, а од друга страна многу лирично, насликано во нежни бои. Во
пијанисимо делниците во салата владееше тишина без здив. На крајот од концертот
публиката аплаузот не стивнуваше и таа виртуозно ја исполни „Алборада дел грациозо“ од
Морис Равел“.
Вестдојче Блат, Германија
 
Македонски звуци ја исполнуваат салата
Хајди Елзесер даде фуриозен концерт. И во бурните пасажи покажува пијанистката Х. Елзесер висок сензибилитет но никогаш не е тешка и груба.“
И. Ф.– Неверман, Липише Ландесцајтунг, Германија

"...По една со бескрајни звуци исполнета бескрајност, се случи чудо, сосема неочекуваното:
Дебиси, Одблесоци во водата". Едно нормално дело од вообичаениот репертоар на класичната музика, свирено на еден вообичаен клавир. Звуци од познатиот и близок музички дом" во еден комплетно туѓ свет чијшто јазик човек не го разбира. Оваа средба со Дебиси е толку импресивна што интерпретацијата на Хајди Елзесер делуваше како блеснување на генијот. Никогаш досега ова дело не ми се чинело толку грандиозно!“
Цитат од критиката (21. септември, Ноје Вестфалише) за концертот „Концерт во
темно" кој се одржа на 19 и 20. 09. 2017 во Никсдорф музејот, Падерборн, во рамките на
фестивалот „Музика С."


Влезот на концертот е слободен.