„ЗЛАТНА ЛИРА“, фестивал на музичките уметници – 15 до 30 октомври 2025

15 - 30 октомври 2025

Скопје, Музеј на македонската борба


 

Сојузот на музичките уметници на Македонија – СМУМ го најавува новото издание на фестивалот на камерна музика „Златна лира“, кој традиционално ќе се одржи од 15 до 30 октомври 2025 година. Овој фестивал, со својата богата традиција и препознатлив уметнички печат, останува посветен на промоцијата на врвните достигнувања во домашното музичко исполнителство.

Во рамките на годинашното издание, публиката ќе има можност да присуствува на седум камерни концерти, на кои ќе настапат реномирани македонски музичари што го градат својот уметнички пат во земјата и во странство. Програмата и годинава ја одразува уметничката разновидност и високите стандарди по кои фестивалот е препознатлив, потврдувајќи ја неговата улога како еден од најзначајните настани на македонската музичка сцена. На подиумот годинава ќе ги видиме и чуеме дуата Александра Коцевска и Глигор Гелебешев, Страшо Темков и Елена Атанасовска Ивановска, Даниел Апостолов и Дарко Мариновски и триата Академико и Анимато.  

Во рамките на својата програма, фестивалот „Златна лира“ и оваа година ја продолжува мисијата на поддршка и афирмација на младите уметници, создавајќи простор за нивна промоција и за првите чекори на професионалната сцена. Настапот пред публика во рамките на еден ваков фестивал има особено значење за нивниот уметнички развој и понатамошно изградување на кариерата.

На фестивалскиот подиум оваа година ќе настапат младите уметници Ѓорѓи Димовски и Маја Божиновска – добитници на ова признание, кои со својот талент и посветеност внесуваат нова енергија и инспирација во програмата на фестивалот.

Во тој контекст, Сојузот на музичките уметници на Македонија (СМУМ) традиционално соработува со Меѓународниот натпревар на млади музичари „Охридски бисери“, кој од 2002 година се одржува секоја година во Охрид и обединува талентирани учесници од целиот свет во различни категории и дисциплини. Плод на оваа долгорочна соработка е наградата за најуспешен македонски учесник на натпреварот, што ја доделува СМУМ и која вклучува настап на фестивалот „Златна лира“.

Свеченото затворање на фестивалот ќе се одржи на 30 октомври во Музејот на револуционерната борба, со настап на пијанистот. Вовед во завршната вечер ќе биде доделувањето на традиционалната награда „Златна лира“, што претставува круна на фестивалското издание и признание за исклучителен придонес во музичката уметност.

Фестивалот „Златна лира“ се реализира со поддршка на Министерството за култура на Република Северна Македонија.

Влезот на сите концерти е слободен.