Почетна
Вести
Златна лира
Рецензии
За нас
Членови
Галерија
Контакт
Златна лира 2025: Концерт на Александра Коцевска - мецосопран и Глигор Гелевешев - пијано
Златна лира 2025: Концерт на Александра Коцевска - мецосопран и Глигор Гелевешев - пијано
14.10.2025
Концерти, Актуелно
18. ЗЛАТНА ЛИРА 2025
ОТВОРАЊЕ НА ФЕСТИВАЛОТ
Концерт на АЛЕКСАНДРА КОЦЕВСКА - мецосопран и ГЛИГОР ГЕЛЕБЕШЕВ - пијано
Програма: Фредерик Шопен, Стојан Стојков, Мануел де Фаља
Музичкото дуо составено од мецосопранот Александра Коцевска и пијанистот Глигор Гелебешев е едно од најпрепознатливите камерни партнерства на македонската сцена. Од 2015 година наваму, нивните настапи се редовно присутни на концертните подиуми низ земјата, оставајќи впечатливи изведби што долго одекнуваат во меморијата на публиката и критиката. Репертоарниот избор, внимателно осмислен и секогаш стилски доследен, го обединува нивниот заеднички вкус за вокални и пијанистички дела – од светски познатите арии и соло песни, преку традиционалниот сефардски мелос, до современи композиции.
Коцевска и Гелебешев се уметнички пар кој со својата интерпретативна зрелост и заеднички музички јазик создава настапи што ја надминуваат рамката на обичното концертно претставување. Нивната соработка се карактеризира со суптилна рамнотежа помеѓу вокалната линија и пијанистичката поддршка, со што се постигнува единствена звучна целина во која секој детаљ е внимателно обликуван. Критиката забележува дека токму оваа изедначеност и усогласеност даваат чувство на автентичност и непосредност, а концертите на дуото оставаат траен впечаток со својата искреност и емоционална длабочина.
Александра Коцевска
дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. Благоја Николовски, а магистрира во класата на проф. Билјана Јовановска–Јакимовска. Како солистка е добитничка на повеќе награди од домашни и меѓународни натпревари, а како педагог во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ е заслужна за успехот на голем број ученици кои освојуваат престижни признанија. Во 2011 година ја добива наградата на Здружението на музички и балетски педагози за својата повеќегодишна успешна работа. Од 2015 година нејзината концертна активност се интензивира преку соработката со пијанистот Гелебешев, а од 2017 година е член и на камерното трио „Колегиум“. Критиката ја опишува како „уметница со префинет музикалитет, со чисто водени мелодиски линии и убедливо стилско толкување,“ чиј глас „умешно преминува од драматика во деликатни pianissimo нијанси.“
Глигор Гелебешев
студира на Академијата за уметности во Нови Сад во класата на проф. Јокут Михаиловиќ, а магистрира на ФМУ во Скопје. Носител е на бројни награди од домашни и странски натпревари, а како пијанист настапувал на престижни фестивали како „Охридско лето“, „Интерфест“, „Денови на македонска музика“ и „Златна лира“. Со пијано-дуото Гелебешеви (со сопругата Катерина Гелебешева Костадиновска), формирано во 2001 година, има изведено бројни успешни концерти на домашните сцени, како и во Франција, Италија, Холандија, САД, Романија, Словенија и многу други земји, како и снимено две ЦД-а и трајни снимки за МРТ. Паралелно со концертната активност, активно работи како педагог во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, каде неговите ученици редовно освојуваат високи награди.
Влезот е слободен.
Фотографија: Скопско лето
Категории
Рецензии
Концерти
Актуелно