Златна лира 2025: Концерт на Страшо Темков - флејта и Елена Атанасовска Ивановска - пијано

16 октомври 2025
Музеј на македонската борба, 20 часот


Страшо Темков е еден од највпечатливите македонски флејтисти, чија интерпретација обединува префинетост и експресивност, а неговата долгогодишна посветеност на афирмацијата на флејтата и камерната музика го издвојува како значаен носител на современата македонска интерпретативна традиција. Со исклучителна музикалност и сигурна техника, тој ја претвора флејтата во „глас што раскажува“ – жив, дијалошки и софистициран. Своето образование го започнал на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а го надградил на Музичката академија „Панчо Владигеров“ во Софија, каде ја усовршувал својата изведувачка уметност под водство на реномирани европски професори.

Од 1991 до 2010 година беше прв флејтист на Македонската филхармонија, каде неговиот изразлив тон стана еден од заштитните белези на оркестарот. Неговата концертна активност вклучува настапи како солист со бројни ансамбли во Македонија и во странство, како и камерен музицирања со „Македонскиот дувачки квинтет“, триото „Аура“ и квартетот флејти „Аулос“. Меѓу најзначајните настапи се вбројува и неговиот рецитал во Карнеги Хол, Њујорк, што го става во редот на ретките македонски уметници кои настапиле на оваа престижна светска сцена.

Темков има настапувано на фестивали и концертни подиуми во Италија, Франција, Германија, Англија, САД, но и низ целиот Балкан – во Белград, Ниш, Сараево, Бања Лука, Бар и Цетиње, Загреб, Риека, Пловдив и Софија. Неговата присутност на „Охридско лето“, „Есенски музички свечености“, „Скопско лето“ и „Денови на македонска музика“ го прави постојана фигура на македонската фестивалска сцена.

Репертоарот на Темков се протега од барокот до современата музика, со особен интерес за промоција на нови композиции и македонски автори. Во педагошката дејност, Темков е редовен професор на Факултетот за музичка уметност – Скопје, каде успешно подготвува генерации млади музичари, добитници на бројни меѓународни признанија. Добитник е на наградите „Златна Лира“ (2017 и 2022 – како дел од триото „Аура“) и „7 Септември“ (2019), признанија што ја потврдуваат неговата извонредна позиција на македонската музичка сцена.
 
Елена Атанасовска – Ивановска е пијанистка со истакнато место во современата македонска музичка култура, уметница чија концертна биографија сведочи за континуиран уметнички подем. Со својот елегантен израз и префинет звук таа умее да ја претвори клавирската текстура во богат звучен пејзаж, во кој се преплетуваат суптилност и длабока експресивност. Дипломирала на Факултетот за музичка уметност во Скопје со највисока оцена во класата на Борис Романов, кај кого ги завршила и постдипломските и докторските студии.

Нејзината концертна активност опфаќа настапи на фестивали како „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Есенски музички свечености“ и „Денови на македонска музика“, како и гостувања во Русија, САД, Шпанија, Италија, Франција, Португалија и повеќе балкански земји. Како камерен музичар соработувала со низа реномирани интерпретатори – од македонските колеги Марија Ѓошевска и Гордана Јосифова-Неделковска, до меѓународно афирмираните кларинетисти Пјер Генисон и Јан Јакуб Бокун, пијанистот Бертранд Жиро и флејтистот Дејан Гавриќ.

Покрај активната концертна дејност, има снимано за македонски и странски издавачи, а редовно соработува и со оркестарот за филмска музика F.A.M.E.S. Нејзиниот уметнички опус сведочи за пијанистка која ја гради кариерата на темел на квалитет, интензивна продуктивност и интерпретативна префинетост.

Влезот на концертот е слободен.