Златна лира 2025: Концерт на Трио Академико

Камерниот состав Трио Академико (Златка Митева – флејта, Бранко Павловски – кларинет, Наташа Трбојевиќ – пијано) од 2010-тите настапува на значајни подиуми во земјава и странство, со програми што спојуваат класичен и современ репертоар, промовирајќи ја и македонската музичка традиција со камерни дела од македонски автори. Триото гостувало на повеќе фестивали во Тирана („Волшебната флејта“), Созопол („Солеј“), Осијек („Интервокс“), потоа на универзитетите во Минстер – Германија, Печ – Унгарија, Нови Сад – Србија, КИЦ во Софија, Истанбул, потоа во Прага, Белград и др. Градејќи препознатлив ансамбловски звук и стилска прецизност, рецензиите ги истакнуваат нивните настапи како пример за камерна усогласеност, со нагласен дијалог меѓу трите тембри. Минатата 2024 година го снимија и нивното прво ЦД со наслов „Музика од светската класика“.

Бранко Павловски е еден од водечките македонски кларинетисти со богата меѓународна кариера. Настапувал во САД, Франција, Германија, Англија, Чешка, Полска, Италија, Турција и во многу балкански земји. Дипломира и магистрира на ФМУ – Скопје кај проф. Иван Кочаров, се усовршува на постдипломски студии во Софија, Прага и Париз; докторира на Louisiana State University – САД, каде работи како асистент кај проф. Роберт Дилутис. Денес е редовен професор на Музичката академија при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип. Како кларинетист работел во Батон Руж симфонискиот оркестар, Лафајет симфонискиот оркестар, Воениот оркестар на АРМ, Македонската филхармонија... Неговиот репертоар опфаќа класици, современи дела и премиери на македонски автори. Тој е лауреат на повеќе државни и меѓународни натпревари и добитник е на наградите „Златна лира“, „26 Јули“, „8 Октомври“ и др. Павловски одржува и мајсторски курсеви во земјава и странство (САД, Чешка, Албанија), а неговата уметност е ценета по техничката виртуозност, суптилно фразирање, топлиот тон и истражувачкиот пристап кон нови репертоари.

Наташа Трбојевиќ е пијанистка со интензивна концертна и педагошка дејност. Студира кај проф. Лепша Пиперковска и магистрира кај проф. Евушка Елезовиќ на ФМУ – Скопје. Настапува како солистка и камерен музичар во Германија, Италија, САД, Хрватска, Србија и Турција. Соработувала со бројни солисти (К. Донхал, А. Братиќ и др.), а како членка на пијано-дуото Трбојевиќ–Настовски остварува значајни настапи. Нејзини проекти вклучуваат снимки и ЦД-а со македонски програмски акцент. Трбојевиќ е добитник на државната награда „Георги Божиков“, а денес е редовен професор на Музичката академија при УГД – Штип. Освен соработките со Трио Академико, настапува и со други камерни состави, а нејзиното пијанистичко изразување се одликува со стилска суптилност, силно чувство за ансамбловска рамнотежа и афирмација на современи и домашни автори. Често е поканувана како член на жири и педагог на натпревари, а нејзините ученици редовно освојуваат високи награди.

Златка Митева дипломира и магистрира на Музичката академија „Панчо Владигеров“ – Софија кај проф. Лидија Ошавкова, а својот профил го надградува со семинари кај реномирани европски имиња (А. Адорјан, Ф. Бернолд, Ж. Бургоњ). Добитничка е на повеќе награди на државни и меѓународни натпревари. Како солистка и камерен музичар настапува во Германија, Италија, Бугарија, Франција, САД, Словенија и Турција. Член е на ансамблот за современа музика „Контемпора“ и на Трио Академико, со кое активно ја афирмира македонската и европската камерна музика. Нејзиниот израз се карактеризира со лирска експресивност и техничка прецизност, а критиката ја издвојува по умешноста да спојува различни стилски јазици. Митева е активен промотор на современата музика, соработувајќи со композитори кои за неа пишуваат нови дела, со што го проширува македонскиот флејтистички репертоар. Денес работи како редовен професор на Музичката академија при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип.