Свечена фестивалска вечер

кон концертот на Александра Коцевска – мецосопран и Глигор Гелебешев – пијано
на свеченото отворање на
Фестивалот на музички уметници на Македонија „Златна лира“


Во организација на Сојузот на музички уметници на Македонија, фестивалот „Златна лира“ на нашата музичка сцена во континуитет се одржува веќе 19 години и претставува значаен настан во културниот живот кај нас. Оваа фестивалска година започна со концертот на мецосопранистката Александра Коцевска и пијанистот Глигор Гелебешев.  Истакнатите македонски музички уметници, чија соработка започнува во 2015 година, на концертните подиуми бележат успешни настапи на кои негуваат програма составена од оперски арии и соло песни, преку традиционалниот сефардски мелос и вокални творби од современи автори. Овој настан на свеченото отворање на фестивалот „Златна лира“ воедно претставува убав повод кон чествувањето и одбележувањето на јубилеите на 30 годишна педагошка и 10 годишна концертна дејност на мецосопранистката Александра Коцевска. 

Содржината на концертот беше составена од три програмски блокови, секој од нив посебно обемен и стилски разнороден. Ова, секако изискуваше насочена концентрација од изведувачите, кои на оваа фестивалска вечер покажаа професионализам и одлична изведбата на делата.

Мецосопранистката Александра Коцевска и пијанистот Глигор Гелебешев концертот го започнаа со изведбата на шест соло песни од творештвото на Фредерик Шопен. Нивната прецизна и пријатна изведба го отвори концертот на најдобар можен начин, бидејќи уметниците уште од самиот почеток на вечерта успеаја да создадат атмосфера во која публиката складно се поврза со творбите на полскиот композитор од периодот на романтизмот и другите изведени  дела кои публиката со задоволство ги проследи до крајот на концертот.

Предадени на лирскиот израз во творбите на Ф.Шопен: „Życzenie“ (Желба), „Precz z moich oczu“ (Тргни ми се од вид), „Piosnka litewska“ (Литванска песна),  „Wiosna“ (Пролет), „Smutna rzeka“ (Тажна река), „Gdzie lubi“ (Каде што сака), уметниците Александра Коцевска и Глигор Гелебешев ги изведоа со особена тонска обоеност. Изведени на полски јазик, со одлична дикција и сугестивност во пренесувањето на музичката содржина, интерпретацијата на овие песни со целосна предаденост ја долови поетската уникатност на творбите.

Со изведбата на творбите „Некогаш“, „Лазаренка“ и „Алелуја“ за глас и пијано, уметниците Александра Коцевска и Глигор Гелебешев навлегоа во творечката семантика на македонскиот композитор Стојан Стојков. Создадени според текстови од поезијата на Ацо Караманов, Борче Панов и инспирација од творба на Ефтим Клетнков, овие композиции пишувани со неокласична структура и асоцијација кон нашата духовна традиција, Александра Коцевска и Глигор Гелебешев ги изведоа мошне инспиративно и целосно понесени од музичката содржина на делата.

Во последниот дел на концертот, одлично коордиинираната соработка на уметнииците  Александра Коцевска и Глигор Гелебешев се совпадна со прекрасната изведба на „Шпански песни“ од Мануел де Фаља. Овој циклус од седум популарни шпански песни  „El paño moruno", „Seguidilla murciana", „Asturiana", „Jota", „Nana", „Canción", „Polo" беше изведен со рафиниран израз, посебен шарм и акценти со кои уметниците остварија единствена целина во експресијата на песните.

Во свечана атмосфера и со посебно воодушевување, публиката го проследи и настапот на младите уметници Софија Стојковска и Михаела Белогаска, ученички од класата на проф. Александра Коцевска, кои настапија во придружба на пијанистите Сергеј Малјановски Арнаудовски и Лора Мадевска од класите проф. Глигор Гелебешев и проф. Борис Светиев, како гости на концертот и одбележената свечаност по повод 30 годишниот јубилеј на педагошка и 10 годишниот јубилеј на концертна дејност на Александра Коцевска.

Оваа концертна вечер мецосопранистката Александра Коцевска и пијанистот Глигор Гелебешев остварија впечатлива изведба која го потврди нивниот значаен придонес во развојот на македонската музичка уметност. Мецосопранистката Александра Коцевска со прекрасна тонска звучност, со убав гласовен дијапазон и јачина, избалансиран во сите позиции, сигурни интонациски тонови и богат динамички опсег и мошне суверената и активна интерпретација на пијанистот Глигор Гелебешев, со многу нијанси и финеси во изразот, остварија инспиративна концертна вечер на високо уметничко рамниште, достојна за свеченото отворање на фестивалот „Златна лира“.
 
Мирјана Павловска - Шулајковска
 

 

Галерија