-
22.10.2025
-
Концерти, Актуелно
28 октомври 2025 (вторник), 19:00 часот
Музеј на македонската борба, Скопје
Традиционалниот концерт на наградените учесници од натпреварот „Охридски бисери“, кој секоја година е составен дел од програмата на фестивалот „Златна лира“, повторно ќе го претстави талентот и уметничкиот потенцијал на најистакнатите млади музичари од земјата.
Овој концерт претставува вредна традиција и значаен дел од мисијата на „Златна лира“ - да создава континуитет меѓу музичката едукација и професионалната уметничка сцена. Преку овој настап, младите добитници на наградата на Сојузот на музичките уметници на Македонија (СМУМ) добиваат ретка можност својот талент и уметност да ги претстават на концертен подиум рамо до рамо со веќе афирмирани уметници, отворајќи го патот кон нивниот понатамошен професионален развој.
Меѓународниот натпревар „Охридски бисери“, основан во 2002 година, е единствениот македонски натпревар кој е член на Европската асоцијација на музички натпревари (EMCY). Со своите високи критериуми, интернационално жири и награди што ги поттикнуваат младите кон уметнички раст, тој претставува клучна платформа за откривање и поддршка на музички таленти.
Програма:
19:00 часот
Ѓорѓи Димовски – саксофон
Маја Божиновска – пијано
Роберт Муцински – Соната за алт саксофон и пијано
Роже Бутри – Дивертименто
Томислав Зографски – Пет пиеси за кларинет (адаптација за алт саксофон)
Александар Глазунов – Песна на трубадурот, оп. 71
Алфред Дезанкло – Прелудиум, каденца и финале
20:00 часот
Андреј Шаклев – пијано
Ј. С. Бах / Ф. Бузони – „Јас кон тебе викам, Господи Исусе Христе“
Фредерик Шопен – Баллада бр. 4
Сергеј Рахманинов – Соната бр. 2
Ѓорѓи Димовски (2004) своето музичко образование го започнува во родниот град Битола, во класата на проф. м-р Боби Коминовски, а го продолжува кај проф. м-р Горан Трајковски. Во моментов е студент на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. м-р Нинослав Димов. Добитник е на повеќе државни и меѓународни награди, меѓу кои четири први награди на државниот натпревар во Скопје (една од нив специјална), прва награда на меѓународниот натпревар „Охрид те сакам“, како и први награди на натпреварите „Стеван Мокрањац“ (Србија), „Саксклар“ и „Охридски бисери“, каде што е прогласен за најдобро рангиран македонски изведувач. Настапувал и како лауреат на меѓународниот натпревар во Лариса, Грција. Соработувал со Македонската филхармонија, Камерниот и Дувачкиот оркестар од Битола, а неговите настапи вклучуваат повеќе европски земји. Учествувал на семинари со реномирани саксофонисти како Никита Зимин, Асја Фатеева, Драган Сремец и други.
Пијанистката Маја Божиновска е уметница која својата кариера ја гради со висок професионализам и посветеност преку настапи на домашни и меѓународни подиуми. Дипломира на Факултетот за музичка уметност – Скопје во класата на проф. м-р Тодор Светиев, а магистерските студии ги завршува на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена, под менторство на пијанистката Лилја Зилберштајн. Своето образование го надградува на мастеркласи со познати пијанисти како Роберт Лербаумер, Ендре Хегедуш и Алексеј Володин. Како солист и камерен музичар настапува на фестивали како „Денови на македонска музика“, „Златна лира“, „Шопенова вечер“ и други, како и во Франција, Италија, Србија, Турција и Косово. Во 2023 година со Velkro Piano Trio го издава албумот со дела на Јоханес Брамс, достапен на сите светски дигитални платформи. Од 2015 година е наставник во Државното музичко училиште во Битола, каде успешно работи со млади таленти.
Андреј Шаклев е македонски пијанист кој живее и твори во Италија, каде што предава на Конзерваториумот во Сасари. Студирал во Италија (Трст и Имола), на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена, на Моцартеумот во Салцбург и на Royal College of Music во Лондон, каде што бил целосно стипендиран. Добитник е на бројни награди на меѓународни натпревари, меѓу кои „Охридски бисери“ (Македонија), „88 Keys“ (Шпанија) и „World Piano Meeting“ (Португалија), како и повеќе признанија во Италија. Одржал рецитали низ Европа и настапил со Филхармонискиот оркестар „Das Beiras“ во Португалија, а член е и на жирито на натпреварот „Лист“ во Гротамаре, Италија.
Влезот е слободен.