Четврток, 30 октомври
Музеј на македонската борба, 20 часот
КОНЦЕРТ НА
Глигор Гелебешев - пијано
Програма: А. Скрјабин – Соната бр. 3, оп. 23; Ноктурно оп. 9 бр. 2 (за лева рака); С. Рахмањинов – Прелудиуми оп. 23 бр. 4 (Де-дур) и бр. 5 (ге-мол); Музички моменти оп. 16 бр. 3 (ге-мол), бр. 4 (Де-мол), бр. 5 (Дес-дур) и бр. 6 (Це-дур)
За пијанистот
Глигор Гелебешев (Гевгелија, 1969) се истакнува со јасно оформен пијанистички израз изграден низ долгогодишна солистичка и камерна дејност, како и со континуирана педагошка посветеност. Музичкото образование го започнува во родниот град, а го продолжува во Скопје, каде ги завршува основното и средното музичко училиште. Студира пијано на Академијата за уметности во Нови Сад, во класата на професор Јокут Михаиловиќ, а магистрира во 1997 година на Факултетот за музичка уметност во Скопје.
За време на студиите освојува бројни награди на домашни и меѓународни натпревари и настапува на концерти и мајсторски курсеви кај реномирани пијанисти како Евгениј Тимакин, Икуко Ендо, Арбо Валдма, Владимир Крпан и Јокут Михаиловиќ. По магистрирањето ја развива својата пијанистичка кариера и како солист и како камерен музичар, соработувајќи со голем број истакнати уметници.

Глигор Гелебешев, лична архива
Во 2001 година го формира пијано-дуото со својата сопруга Катерина Гелебешева Костадиновска, со кое настапува на најзначајните македонски фестивали – Охридско лето, Интерфест – Битола, Денови на македонска музика, Златна лира – и во повеќе европски земји, како и во САД. Дуото има издадено две компакт-дискови и остварено бројни снимки за Македонската радио-телевизија.
Нивниот интерпретативен пристап критиката го опишува како „рафиниран и структуриран, со исклучително чувство за звучна рамнотежа и стилска јасност“ (Александар Трајковски, Racin.mk, 2023), а според рецензентката Јулијана Папазова, музицирањето на дуото се одликува со „игрив шарм, перкусивна брилијантност и импресивен, лебдечки звук, со прецизно формирани мелодиски линии“.
Во 2021 година, Гелебешев го издава својот прв соло компакт-диск со дела на Шопен, Рахмањинов и сопствени композиции, со што го проширува својот репертоарен опус. Паралелно со концертната дејност, тој веќе три децении е активен педагог во ДМБУЦ „Илија Николовски–Луј“ во Скопје, каде неговите ученици бележат успеси на домашни и меѓународни натпревари. За својата наставна работа и придонес во развојот на младите пијанисти често е покануван како член на жири во Македонија, Србија, Бугарија и Полска.
Во неговото музицирање се спојуваат дисциплина, јасност и суптилна емоционалност, создавајќи пијанистички израз што го потврдува Глигор Гелебешев како еден од столбовите на современата македонска пијанистичка уметност.
НАГРАДИ „ЗЛАТНА ЛИРА“
Вовед во свеченото затворање на фестивалот ќе биде доделување на наградата „Златна лира“ што СМУМ традиционално ја доделува за животно дело и за особени уметнички остварувања во текот на претходната година. Наградата за животно дело оваа година ќе му биде врачена на кларинетистот и професор на ФМУ во Скопје, Стојан Димов, додека наградата за исклучителни уметнички остварување во 2024 година ќе ѝ биде доделена на месопранот Александра Коцевска.
Стојан Димов е истакнат македонски кларинетист и еден од највлијателните интерпретатори и педагози на својот инструмент во земјата. Основното образование го завршил во Велес, а средното во Скопје. Од 1975 до 1981 година студирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Иван Кочаров, а своето усовршување го продолжил на Музичката академија во Загреб, во класата на проф. Јосип Нохта. Во 1993 година магистрирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Стојан Димов, лична архива
Во периодот од 1980 до 1995 година работел како соло-кларинетист во Македонската филхармонија, а истовремено бил член на Биг бендот при Македонската радио-телевизија. По 2002 година станал постојан член на оркестарот на Горан Бреговиќ, со кој настапува на најголемите светски сцени.
Во текот на својата богата кариера, Димов настапувал како солист со македонски и странски оркестри и реализирал бројни рецитали, познати по нивната интерпретативна суптилност и исклучителна музикалност. Рецензиите ја истакнуваат неговата способност „со супериорност да го владее инструментот и репертоарот“, нагласувајќи дека неговото музицирање се одликува со „поетска длабочина, темперамент и префинета уметничка култура“.
Покрај солистичките настапи, Димов членувал во повеќе камерни состави и редовно настапува на домашни и меѓународни фестивали. Публиката и критиката го препознаваат по неговата сценска присутност и по способноста да претвори секоја композиција во живо, искрено музичко доживување. Денес, Стојан Димов се смета за еден од најзначајните македонски кларинетисти, чија уметност и педагошка работа оставиле длабок белег во развојот на современата македонска музичка сцена.
Александра Коцевска талентот за музика и пеење го покажува уште од најрана возраст, како еден од најмладите членови на детскиот хор „Развигорче“ под водство на маестро Запро Запров. Средното музичко образование го започнува во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, во класата по соло пеење на проф. Билјана Јовановска-Јакимовска, каде што учествува на бројни државни натпревари и постигнува значајни резултати. Особено се издвојува освојувањето на втората награда на меѓудржавниот натпревар во просторите на поранешна Југославија.
Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Благојче Николовски. За време на студиите активно настапува и учествува на натпревари по соло пеење во земјата и странство, каде што е повеќепати наградувана со високи признанија. По дипломирањето се вработува во ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ во Штип, каде што се смета за основоположник на класата по соло пеење.

Александра Коцевска, лична архива
Во 2002 година магистрира на ФМУ–Скопје, повторно во класата на проф. Билјана Јовановска-Јакимовска, а во 2006 година ја продолжува својата педагошка кариера во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ – Скопје. Како педагог бележи исклучителни резултати со своите ученици на бројни државни и меѓународни натпревари, а нејзините ученици често се добитници на високи награди и признанија.
Благодарение на своето долгогодишно искуство и докажани резултати во областа на вокалната педагогија, често е поканувана како член на жири-комисии на меѓународни натпревари во Србија, Молдавија, Бугарија, Русија, Кипар и други земји. Во 2011 година е добитник на награда за повеќегодишна успешна работа во областа на уметничката педагогија, доделена од Здружението на музички и балетски педагози на Република Македонија.
Во 2024 година, меѓународниот натпревар „Талија“ во Република Србија ѝ доделува награда за исклучителен придонес во педагошката работа - признание за нејзината посветеност, професионализам и постигнати резултати во едукацијата на учениците, како и за промовирањето на уметноста и културата преку успешна соработка и размена на искуства меѓу Македонија и Србија.
Покрај педагошката работа, нејзината љубов кон концертното пеење е постојано присутна. Во 2015 година се враќа на концертните подиуми, одржувајќи рецитали во соработка со пијанистот Глигор Гелебешев во Тетово, Гевгелија, Кочани, Скопје, Куманово, Кавадарци, Врање (Р. Србија) и Софија (Р. Бугарија).
Често настапува и како член на камерни ансамбли – „Трио Интермецо“, „Трио Колегиум“ и „Етно Ноктурна“, на различни фестивали и концерти: „Златна лира“, „Скопско лето“, „Штипско лето“, „Денови на македонска музика“, „Караманови вечери на камерна музика“ и други. Има настапи и во организација на Амбасадите на Република Србија и Република Полска.
Музичките критичари за Коцевска пишуваат дека „во секој настап храбро и вешто се впушта во сложени и интерпретативно предизвикувачки програми, при што демонстрира сценска сугестивност, префинет музикалитет и сигурна вокална техника. Нејзиниот израз е карактеризиран со интонативна чистота, богат динамички опсег, прецизна артикулација и топол, избалансиран тонален квалитет низ сите регистри“.
Влезот на концертот е слободен.