Златна лира 2026: Концерт на Бранко Павловски - кларинет и Наташа Трбојевиќ - пијано

На третата фестивалска вечер ќе настапат кларинетистот Бранко Павловски и пијанистката Наташа Трбојевиќ со програма од Мангани, Бургмилер, Видор, Перминов, Казак и Цанев.
 

Бранко Павловски е македонски кларинетист со богата меѓународна кариера и углед на концертната сцена. Музичката критика за него ќе напише: „...Експресивност во секоја нота... На концертот во Париз Павловски покажа дека е вистински виртуоз на кларинетот...“ Настапувал во САД, Франција, Англија, Германија, Чешка, Полска, Унгарија, Италија, Турција, Бугарија, Грција, Хрватска, Србија, Албанија и Македонија. Во моментов е редовен професор на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Докторирал на Факултетот за музичка уметност при Државниот универзитет Луизијана во Батон Руж, САД, во класата на Роберт Дилутис, каде што работел и како асистент по кларинет до 2011 година.

Првите чекори во музичката уметност и запознавањето со кларинетот ги прави под менторство на проф. Љупчо Тренчевски во Нижото музичко училиште во Крива Паланка. Средното музичко образование го завршил во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје, а дипломирал на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во класата на проф. Иван Кочаров. Магистрирал на Државната музичка академија во Софија, во класата на Петко Радев. Се усовршувал на постдипломски студии на Академијата за музички уметности во Прага, во класата на Штјепан Коутњик, на Националниот конзерваториум во Версај, во класата на Филип Купер, и на Националниот конзерваториум во Д’Авре – Париз, во класата на Доминик Видал.

Како кларинетист, Павловски работел во Симфонискиот оркестар на Батон Руж, Симфонискиот оркестар Акадијана и Воениот оркестар на АРМ, а соработувал и со Опера Луизијана, Ансамблот за современа музика на Националниот конзерваториум во Версај, оркестарот Прага Моцарт, Македонската филхармонија, оркестарот ФЕИМС, Скопски солисти, Симфонискиот оркестар на Државниот универзитет Луизијана (ЛСУ), Дувачкиот ансамбл на ЛСУ и други.

Настапувал на бројни фестивали во земјата и во странство, меѓу кои се Фестивалот за современа музика на ЛСУ во Батон Руж, MusiPoeSci во Париз, Меѓународниот музички фестивал во Дартингтон, „Интервокс“, „Волшебната флејта“, „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Златна лира“, „МодоАрс“, „Есенски музички свечености“, „Денови на македонската музика“ и манифестацијата по повод Денот на словенските просветители „Св. Кирил и Методиј“ во Рим. Реализирал настапи и во рамките на програмите на Културно-информативниот центар и Музичката младина на Македонија, како и на други концертни манифестации. Бил член на повеќе камерни состави, меѓу кои Скопскиот дувачки квинтет, квинтетите „Арт“ и „Нова“, Трио Академико, Кларинетскиот квинтет на ЛСУ, Камерниот ансамбл на ЛСУ и Академското дувачко трио.
 


Фото: Бранко Павловски и Наташа Трбојевиќ: Приватна архива

Во рамките на својата педагошка дејност, Павловски извесен период работел како наставник по кларинет во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје. Одржувал семинари и мајсторски курсеви по кларинет на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот во Острава, Чешка, на Државниот универзитет Луизијана во Батон Руж, САД, на Универзитетот во Тирана, Албанија, и на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Настапувал и на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот во Минстер, Германија, на Универзитетот во Печ, Унгарија, Универзитетот во Дартингтон, Англија, Универзитетот во Нови Сад, Србија, Универзитетот во Осиек, Хрватска, и други високообразовни институции.

Како промотор на современата музика, Павловски премиерно извел повеќе нови дела за кларинет, а како изведувач учествувал и во бројни аудио и видеоснимки. Во 2024 година, заедно со Трио Академико, го снимил компакт-дискот „Музика од светската класика“.

Павловски е добитник на наградата „Златна лира“ за 2019 година, која Сојузот на музичките уметници на Македонија ја доделува за врвни уметнички достигнувања, Музичката награда на Луизијана, наградата „26 јули“ за најдобар студент на Факултетот за музичка уметност во учебната 1997/98 година и пофалница по повод 50-годишниот јубилеј на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, како признание за постигнатиот најдобар успех за време на студиите. Добитник е и на наградата „8 Октомври“ за постигнати значајни резултати во областа на културата и музичката уметност. Покрај тоа, Павловски е лауреат на повеќе државни и меѓународни музички натпревари и носител на бројни награди и признанија, меѓу кои се издвојуваат четири први награди на државните натпревари во Македонија, втора и трета награда на сојузните натпревари во поранешна Југославија, како и прва награда на натпреварот по камерна музика на МТНА во Хемонд, САД.

Наташа Трбојевиќ е македонска пијанистка и професорка, со долгогодишна концертна и педагошка дејност. Родена е во Штип, каде што го завршила средното музичко образование. Студиите ги продолжила на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што дипломирала во класата по пијано на проф. Лепша Пиперковска, а магистрирала во класата на проф. Евушка Трпкова-Елезовиќ. Добитничка е на повеќе награди на натпревари по пијано, а своето музичко образование го надградувала на семинари кај истакнати пијанисти и педагози, меѓу кои Тимакин, А. Валдма, Б. Романов, Јокут Михајловиќ и Д. Трбојевиќ.

Од 1988 година работела како професорка по пијано во Средното музичко училиште во Штип, а била и член на жири-комисии на државни и меѓународни натпревари по пијано и камерна музика. Во 2007 година започнала да работи како уметнички соработник на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде што во 2016 година била избрана за доцент. Денес е редовен професор на истата академија.

Трбојевиќ настапува како солистка и камерен музичар, остварувајќи соработка со бројни истакнати изведувачи, меѓу кои Златка Митева, Бранко Павловски, Васо Ристов, Благица Поптомова, Анѓела Братиќ и Карел Дохнал. Концертира и како член на пијано-дуото Трбојевиќ – Настовски, со настапи во земјата и во странство.

Посебно место во нејзината концертна дејност зазема соработката со флејтистката Златка Митева, со која реализирала концерти во Касел, Германија, музејот „Борис Христов“ во Софија, MC Gallery во Њујорк, на фестивалот „Concerti del Tempietto“ во Рим, како и во Загреб, Србија, Македонскиот културен центар во Истанбул и повеќе градови низ Македонија. Меѓу домашните настапи се вбројуваат концертите на манифестацијата „Петровденски конаци“ во Кочани, во Уметничката галерија „Безистен“ во Штип, како и во Струмица, Тетово, Велес, Охрид и Прилеп.

Наташа Трбојевиќ е член на камерниот состав ТРИО АКАДЕМИКО, со кој остварува богата концертна дејност во земјата и во странство. Настапувала на бројни реномирани фестивали и културни манифестации во Македонија, меѓу кои „Охридско лето“ (Св. Софија), „Штипско културно лето“, „Скопско лето“, „Златна лира“, „Промузика“ и „Фестивалот за современа музика“, како и во Музејот на град Скопје. Нејзината меѓународна концертна дејност опфаќа настапи на фестивалот „Интервокс“ во Осиек (Хрватска), концерти во Белград и Нови Сад (Србија), на Музичката академија „Франц Лист“ во Печ и Будимпешта (Унгарија), на фестивалот „Солеи“ во Созопол и во МКЦ во Софија (Бугарија), како и настапи во Тирана, Истанбул, Прага, Минстер (Германија) и во галеријата „МС Gallery“ во Њујорк (САД).

За својата уметничка дејност е добитничка на државната награда „Георги Божиков“, а воедно е и почесен член на Фондацијата „Томислав Зографски“.

Нејзината дискографија опфаќа три изданија: во 2015 година го издава албумот „Барокна музика за глас, труба и пијано“, во соработка со Васко Ристов и Благица Поптомова; во 2017 година, заедно со флејтистката Златка Митева, го објавува албумот „Музика за флејта и пијано од македонски автори“; додека во 2024 година, во соработка со Златка Митева и Бранко Павловски, го издава албумот „Музика од светските класици“.

Покрај својата активна уметничка дејност, Наташа Трбојевиќ е посветена и на педагошката работа. Во моментов е редовен професор на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Влезот е слободен.