Младите музички таленти на сцената на „Златна лира“ – концерт посветен на новата генерација уметници

На 25 октомври, во рамките на 21. издание на фестивалот „Златна лира“, во Музејот на македонската борба во Скопје, ќе се одржи традиционалниот „Концерт на млади уметници“, посветен на афирмацијата и поддршката на новите генерации музички таленти.

Овој концерт, кој секоја година зазема посебно место во фестивалската програма, претставува можност за најперспективните млади музичари да ги претстават своите уметнички достигнувања пред пошироката публика. Со неговото континуирано организирање, Сојузот на музичките уметници на Македонија (СМУМ) ја потврдува својата заложба за препознавање, поттикнување и промоција на младите таленти, создавајќи простор за нивна афирмација и понатамошен професионален развој.

Настапот на реномирана фестивалска сцена претставува значајно искуство за младите изведувачи, овозможувајќи им да стекнат сценска самодоверба, да ги развиваат своите интерпретативни способности и да воспостават непосреден контакт со публиката и професионалната музичка јавност. Истовремено, концертот претставува важна врска меѓу различните генерации музички уметници и придонесува за континуитетот и иднината на македонската музичка култура.

На годинашниот концерт ќе настапат млади инструменталисти со разновидна програма која опфаќа дела од класичниот и современиот репертоар, како и творештво од македонски композитори.

Публиката ќе има можност да ги слушне кларинетистот Давид Петрушев, со дела од М. Валчанов, Карл Марија фон Вебер и Благој Цанев; флејтистките Ана Трсунова и Јосипа Василевска, во придружба на пијанистот Давид Павиќ, со композицијата „Maya“ од Ијан Кларк; како и флејтистките Барбара Гиноска и Ана Матеска, во придружба на пијанистката Јована Арсоска, со „Greensleeves“ во обработка на Ервин Монро и Александар Зонјиќ. На програмата е и виртуозното дело „Циган“ од Морис Равел, во изведба на виолинистката Наталија Николовска, со пијанистката Весна Ангелова Христов.

Преку овој концерт, „Златна лира“ продолжува да ја негува традицијата на поддршка на младите музичари, потврдувајќи дека вложувањето во новите генерации е истовремено вложување во иднината на македонската музичка уметност.

Влезот е слободен.