„Француски импресии“ на пијано за четири раце ќе прозвучат во Музејот на град Скопје

На концертот на пијано за 4 раце ќе настапат Ирина Наумовска Кверфурт и Кристина Светиева, наши афирмирани млади пијанистки,во рамките на циклусот „Pro Musica“ во организација на Сојузот на музички уметници на Македонија. Концертот ќе се одржи во Музејот на град Скопје, на 06 ноември (понеделник), со почеток во 20 часот.

Пијано-ансамблот на Ирина Наумовска Кверфурт и Кристина Светиева настапува заедно уште од најрана возраст и е добитник на првите високи меѓународни награди за учесници од нашата земја, на повеќе престижни меѓународни натпревари. На програмата ќе бидат изведени дела за пијано за 4 раце од Пуланк, Дебиси, Равел и премиерно две дела од Шабрие и Сати. Влезот е слободен.

Ирина Наумовска Кверфурт е родена во Скопје (1983). Нижото и средно музичко образование ги завршила во Музичко-балетскиотучилишен центар „Илија Николовски – Луј“ во Скопје во класите на проф. Нолчева и проф. Пожарицкаја-Пејсахова. Дипломирала на Факултетот за музичка уметност во Белград (2006) во класата на проф. Јокут Михаиловиќ. Во истата класа ги завршила специјалистичките студии (2007) и докторирала (2014) на ФМУ во Белград со средна оцена 10. Со тоа го стекнала звањето Доктор по музичка уметност.

Во текот на своето школување посетувала семинари, мајсторски курсеви и соработувала со уметниците: Ари Варди, Хироко Накамура, Мишел Бероф, Владимир Вијардо, Наум Штаркман, Павел Нерсесјан, Ноел Флорес, Мати Реакалио, Владмир Троп, Лори Симс, Арбо Валдма и др. Во областа на камерна музика се усовршувала кај проф. Елизабет Вилсон, Жени Захариева и Михаил Цетлин.

Својот прв солистички концерт го имала во 1997 год. Настапувала со Македонската филхармонија (1998, 1999 и 2014). Била член на меѓународно жири на Интернационалниот натпревар за млади музичари „Охридски бисери“, Охрид (2014). Член е на меѓународната пијано-дуо асоцијација во Токио, Јапонија.

Кристина Светиева се истакнува како една од македонските најталентирани млади пијанистки и развива широка концертна дејност. Пијано започнува да учи и да настапува на шестгодишна возраст. Дипломира во 2006 год. (со „cum laude“) на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. Т. Светиев, а магистрира во 2008 год. (со „cum laude“) под менторство на проф. Жени Захариева. Во 2010 година ја завршува својата двегодишна специјализација на реномираната музичка академија во Париз „Schola Cantorum“ под менторство на проф. Жени Захариева. Во 2014 год. докторира на Факултетот за музичка уметност – Скопје, под менторство на проф. Жени Захариева.

Меѓу бројните нејзини настапи како позначајни се издвојуваат нејзиното деби со Македонската Филхармонија на седумгодишна возраст, а потоа следуваат низа настапи со истиот оркестар, меѓу кои и праизведбата на Концертните етиди за пијано и оркестар од македонскиот композитор Борис Светиев, посветени на Кристина Светиева. Исто така, има остварено повеќе солистички рецитали во Скопје и низ Македонија, како и во странство, а посебно се истакнуваат нејзините солистички рецитали во Софија, Стокхолм и Париз, како и настапот во Њујорк со реномираната првенка на МОБ, сопранот Весна Ѓиновска - Илкова. Во моментот работи како вонреден професор по пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје.